Македонија
Форумот на жените на ЛДП повикува на правда за трагичната смрт на младата жена во Тополница, Радовишко
Форумот на жените на Либерално-демократската партија ја изразуваат нивната загриженост за трагичната загуба на младата жена, 24-годишна мајка на две деца од село Тополница, Радовишко.
„Овој потресен инцидент нè остави сите нас длабоко потресени и исполнети со прашања што бараат итни одговори“, стои во партиското соопштение.
„Мистеријата за прераната смрт на оваа млада жена е остар потсетник за важноста на нашата мисија – да бараме правда за сите жени и да обезбедиме нивна заштита од насилство. Сметаме дека е алармантно и неприфатливо што таа беше погребана без темелна обдукција, дури и непотврдувајќи дали можеби била жртва на сексуален напад или бремена во моментот на смртта“, реагираат од Форумот на жените на ЛДП.
Тие ги поставуваат прашањата: Дали е ова трагично самоубиство, како што се тврди, или ова тврдење е измама за заштита на наводниот сторител на психичко и физичко насилство врз жртвата – нејзиниот сопствен сопружник? Бараме да се знае дали е поведена постапка против брачниот другар и другите лица што во видеопораката на жртвата се наведени како поттикнувачи на нејзината смрт. Особено од клучно значење е да се истражи дали некој од овие лица навистина ѝ дал смртоносна супстанција, што ја предизвикало нејзината смрт.
Форумот на жените на ЛДП апелира итно до сите надлежни институции да преземат итна акција за расветлување на овој трагичен настан. На споменот на оваа млада жена, нејзините деца и секоја жена во нашето општество ѝ должиме да ја откриеме вистината и да ја донесеме правдата. Тие повикуваат за пошироки општествени и правни реформи за подобра заштита на жените од вакви ужасни случувања.
„Апелираме секој што има какви било информации за овој случај да се јави и веднаш да контактира со надлежните органи. Ние стоиме обединети во нашата борба против насилството и угнетувањето и нема да мируваме додека правдата не биде задоволена“, додаваат од Форумот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во израелски напади во Газа убиени 17 лица, меѓу нив шест деца
Во израелски напади на северот и југот на Појасот Газа убиени се најмалку 17 Палестинци, меѓу кои и шест деца, соопштија локалните болници, пренесе Би-Би-Си.
Израелската војска наведува дека нападите уследиле откако, според нив, „терористи отвориле оган и тешко раниле еден војник“ на северот на Појасот Газа, во близина на таканаречената Жолта линија, која според договорот за прекин на огнот со Хамас означува територија под контрола на Израел. Како одговор, биле изведени прецизни удари од копнени и воздушни сили, поради, како што наведуваат, „очигледно кршење“ на примирјето.
Болницата Ал-Шифа во Газа соопшти дека примила тела на 13 лица, меѓу кои пет деца, по напади врз шатори и домови во источните квартови Зеитун и Туфа. Во болницата Насер во Хан Јунис биле донесени тела на уште четири жртви, меѓу кои и едно дете.
Од стапувањето во сила на примирјето на 10 октомври, Израел и Хамас речиси секојдневно меѓусебно се обвинуваат за негово кршење. Министерството за здравство во Газа, под контрола на Хамас, наведува дека од тогаш во израелска ватра загинале најмалку 529 луѓе, додека Израел соопштува дека во палестински напади загинале четворица нивни војници.
Македонија
СДСМ му оддаде почит на македонскиот великан Гоце Делчев
Делегација на СДСМ предводена од генералниот секретар Александар Саша Димитријевиќ, заедно со членовите на Извршниот одбор, Наташа Поповиќ и Петар Огњеновиќ, денеска оддаде почит и се поклони пред ликот и делото на македонскиот великан Гоце Делчев.
„Идеалите на Гоце Делчев за слободна, праведна и напредна Македонија и денес се силен потсетник дека иднината се гради со храброст, знаење и единство. Наша должност е да ги чуваме и живееме тие вредности, секој ден.
Нека е вечен споменот на македонскиот великан Гоце Делчев“.
Македонија
Мицкоски: Очекувам раководството на ССМ да излезе од партиската прегратка и да се договори со Владата во интерес на административците
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, изјави дека очекува неколкумина од раководството на Сојузот на синдикати да излезат од, како што рече, партиската прегратка и да постигнат договор со Владата во интерес на работниците, односно на административните службеници.
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со утрешната средба со УПОЗ и очекувањата, Мицкоски нагласи дека дел од вработените во јавната администрација сè уште немаат договорен Колективен договор со Владата.
„Очекувам да излезат од партиската прегратка тие неколкумина во раководството на Сојузот на синдикати и да се договорат со Владата во интерес на работниците, односно во интерес на административните службеници, бидејќи уште тие, како што многу пати кажав во минатото, уште тие 7.700–7.800 наши колеги немаат со Владата договорен Колективен договор, сите останати имаат“, изјави премиерот.
Тој додаде дека со ваквиот договор Владата, како работодавач, ќе ги заокружи односите со сите вработени до истекот на мандатот.
„Со ова, Владата како работодавач ги заокружува односите до истекот на мандатот на оваа Влада, до 2028 година, со сите оние на чии работодавач директен или индиректен е Владата“, рече Мицкоски.

