Македонија
Ѓорѓиевски: Фотоволтаици за сите училишта во општина Кисела Вода
Дoговор за заедничка инвестиција во фотоволтаици, енергетска ефикасност и заштита на човековата околина потпишаа градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, и директорот на Центарот за развој на Скопскиот Плански Регион, Јане Мицевски. Со озваничувањето на овој документ сите училишта во општина Кисела Вода добиваат фотоволтаици, со што самостојно ќе може да произведуваат енергија.
„Денес, заедно со директорот на Центарот за развој на Скопскиот Плански Регион потпишавме договор, кој обезбедува значајни финансиски средства за имплементација на фотоволтаични системи во сите основни училишта на територијата на нашата општина. Времето во кое живееме, за жал, е карактеризирано со многубројни поскапувања, особено во делот на енергетските ресурси, што од нас како Општина бара да бидеме економични, иновативни и одговорни. Фотоволтаичните системи се одличен начин за користење обновливи енергетски извори и намалување на зависноста од конвенционалните извори на енергија. Имплементацијата на фотоволтаични системи во училиштата не само што ќе придонесе кон заштеда на енергија и редуцирање на трошоците за електрична енергија туку и ќе обезбеди еколошка одржливост. Ова е важно и од аспект на едукацијата бидејќи учениците непосредно во своето училиште ќе може да ги увидат придобивките од користењето чиста и обновлива енергија. Сакам да нагласам дека овој проект го спроведуваме во сите основни училишта на нашата територија, со исклучок на ООУ ‘Климент Охридски’ во селото Драчево бидејќи ова училиште ќе добие сосема нов објект за што деновиве ќе почне тендерска постапка. Кога тој ќе биде изграден, Општина Кисела Вода самостојно ќе инвестира во поставување фотоволтаични системи“, посочи Ѓорѓиевски.
Му се заблагодари на директорот на Центарот за развој на Скопскиот Плански Регион, Јане Мицевски, за неговата посветеност и поддршка.
„Преку ова финансиско партнерство ќе го засилиме нашиот ангажман кон постигнување одржлив енергетски ефикасен развој во цела Македонија. Воедно, сакам да потенцирам дека Општина Кисела Вода и самостојно продолжува да инвестира во обновливи енергетски извори секаде каде што е можно. Во следните фази планираме воведување фотоволтаични системи во градинките, а потоа и во други објекти, кои се во наша надлежност“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски. Потребните финансиски средства за реализација на изведбените работи од проектот се обезбедени од Министерство за локална самоуправа – Бирото за регионален развој преку Центарот за развој на Скопскиот Плански Регион, како и од страна на Општина Кисела Вода“, заврши Ѓорѓиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

