Македонија
(Фото) Сиљановска-Давкова ја посети шивалната во КПД Идризово: Секој заслужува втора животна шанса – работењето е клучно за ресоцијализација на осуденичките
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја посети шивачката работилница, којашто функционира во рамките на женското одделение во КПУ-КПД Идризово, Скопје, каде оствари разговор со осуденичките, кои се вклучени во процесот на шиење и везење.
Осуденичките ја запознаа претседателката со нивните работни активности, мотивацијата и желбата за работа, инспирацијата и стекнатите вештини, и лично ги претставија своите изработки – торби, марами и несесери коишто се продаваат надвор од затворот под логото „везење надеж зад решетки“.

Шивачката работилница, којашто за првпат е отворена на иницијатива на модната дизајнерка Ирина Тошева, истовремено и менторка на осуденичките, Сиљановска-Давкова ја оцени како позитивен модел на ресоцијализација, самоодржлив, но и профитабилен.
Таа ја поздрави соработката на затворската управа со општествено одговорните компании и поединци, што резултира со успешни приказни за реинтеграција и го охрабри проширувањето на ваквата пракса и во другите затворски одделенија.

Според неа, ресоцијализацијата е една од клучните цели на казнено-поправниот систем, посочувајќи дека казната не е само изолација, туку и подготовка на осудените лица за одговорно и активно вклучување во општеството.
Претходно, претседателката оствари средба со директорот на установата, Зоран Јовановски и директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов кои ја запознаа со условите и состојбите во затворот, со планираните структурни промени за решавање на актуелните проблеми поврзани со почитување на човековите права, здравствената заштита и недостатокот на сместувачки капацитети.

На средбата, беше поздравено функционирањето на затворска судница, што овозможува безбедни услови и пониски трошоци за судските процеси.
Претседателката го реафирмираше ставот за потребата од нов Закон за помилување, потенцирајќи дека при помилувањето не се оценува делото на затвореникот, туку се евалуира нивната ресоцијализација.

Работниот ангажман на осудените лица е предвиден во Законот за извршување на санкциите. Преку работа, тие стекнуваат практични вештини и работни навики, со што се зголемуваат нивните можности за вработување по излегувањето од затвор и се намалува ризикот од повторно сторување кривични дела.

За време на посетата на шивалната, осуденичките на претседателката ѝ подарија рачно изработена торба, а таа во знак на поддршка на нивната работа купи од нив новогодишни подароци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во наредните десет дена изменет сообраќаен режим на автопатската делница во изградба од селото Требеништа до селото Мешеишта
СВР Охрид информира дека од денеска во наредните десет дена, на сила ќе бидат измените на сообраќајниот режим на автопатската делница во изградба од селото Требеништа до селото Мешеишта, општина Дебрца.
„На овој патен потег, сообраќајот ќе се одвива наизменично по левата сообраќајна лента гледано во правец од Охрид кон Кичево поради што, апелираме до возачите, крајно внимателно и со прилагодена брзина да ги управуваат своите патнички и други моторни возила и во согласност со поставената хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација“, соопштуваат од СВР Охрид.
Македонија
СДСМ: „Тефтерчињата“ во судството од времето на Никола Груевски се вратија
„Го сменија јавниот обвинител за да постават обвинител под своја контрола. Сопруга на градоначалник од ДПМНЕ назначија за член на Судскиот совет, поставија партиски човек во Советот за јавни обвинители. ‘Тефтерчињата’ во судството од времето на Никола Груевски се вратија“, велат од СДСМ.
„Сите знаат, следува целосно погребување на правдата. Со неуставна Резолуција во Собранието ДПМНЕ-ЗНАМ ја гушат демократијата, слободата на говор и се обидува да ја замолчи опозицијата да не зборува за договорот мигранти за пари.
Дури и Катица Јанева ја пуштија од затвор. Три години порано ја пуштија надвор од затвор за 3 месеци да тера кампања. Copy-paste сценарија како методите на Никола Груевски и Вучиќ. Режим 2.0.
Затоа е потребен широк фронт за правда на сите слободоумни граѓани, опозициски партии, прогресивни сили, здруженија. Заедно ќе ја одбраниме демократијата, заедно ќе ја одбраниме Македонија!“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Македонија
Гаши се сретна со амбасадорката на Монголија: 30 години дипломатски и пријателски односи
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, заедно со Пратеничката група за соработка со Парламентот на Монголија, оствари средба со нерезидентната амбасадорка на Монголија, Сајана Лкхагвасурин.
Претседателот Гаши изрази задоволство од средбата во време кога се навршуваат 30 години дипломатски односи меѓу двете земји и надеж дека овој јубилеј ќе отвори едно ново поглавје на заедничка соработка. Иако нашата земја е кандидат за членство во ЕУ, сепак е отворена за соработка со сите држави во светот.
Исто така, Гаши искажа почит кон Монголија од историски аспект – преку Џингис-хан и од современ аспект – како силен мост меѓу Истокот и Западот.

Како претседател на законодавниот дом, ќе се заложи за продлабочување на односите на парламентарно, но и државно ниво. Преку заемни посети и размена на искуства, да се изградат мостови на соработка.
Амбасадорката изрази задоволство од одбележувањето на 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи и најави низа свечени настани во таа чест. Таа информира за формирањето на парламентарна група за соработка со Македонското собрание, која е во тек во Монголскиот парламент, што ќе доведе до зајакнати парламентарните релации. Во насока на приближување на народите, беше посочено и што поскоро воведување на безвизен режим, како бенефит за двете земји.

Претседателката на Пратеничката група за соработка, Мерита Колчи-Коџаџику, ја искористи можноста да се заблагодари и на почесниот конзул на Монголија во нашата земја, Литов Намдагжанчивин, за неговиот труд и посветеност на зближување на двете земји. Во годината што претстои, најави интензивирана соработка, посебно на културно и туристичко поле. Во овој контекст се надоврзаа и пратениците Тони Јаревски и Драган Недељковиќ, кои упатија заложби за зголемена културна размена и преточување на иницијативите во конкретен документ за соработка.

