Македонија
Француска поддршка за Јавното обвинителство

Соработката во областа на меѓународната правна помош, материјалните и кадровските ресурси на Јавното обвинителство и измените на Кривичниот законик беа во фокусот на средбата на јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љупчо Коцевски, со амбасадорот на Република Франција во земјата, Сирил Бомгартнер, и со француската судијка за врски – генерален инспектор за правда за Југоисточна Европа со седиште во Белград, Фредерик Дубос.
На средбата беа разменети информации за процесот на дигитализација на Јавното обвинителство, како и за претстојните реформи во рамките поглавјата 23 и 24 од преговорите со Европската Унија.
Амбасадорот Бомгартнер и судијката Дубос понудија поддршка за Јавното обвинителство во рамките на проектите што Република Франција ги отвора во регионот и кои ќе бидат достапни и за македонските правосудни институции. Дополнително, во областа на меѓународната правна помош беа разгледани можностите за организација на специфични практични обуки за македонските јавни обвинители при изготвувањето на барањата за меѓународна правна помош и нивно усогласување со стандардите на земјите членки на ЕУ.
Претходно, во овој контекст судијката за врски, Дубос, и аташето за внатрешна безбедност од Амбасадата на Република Франција во Скопје, Жан-Пол Диспан, остварија средба со претседателот на Здружението на јавните обвинители, Елвин Вели.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Пронајдени двете девојки од Португалија кои се изгубија во реонот на Водно – Матка

Денес околу 17.00 часот од страна на Центарот за управување со кризи бевме известени за две изгубени туристки во реонот од врвот на Водно кон Матка, извести директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.
Како што информираше Ангелов, Дирекцијата за заштита и спасување итно извршила мобилизација на тимот за спасување на планина од Тетово и истиот веднаш бил упатен во пребарување на теренот.
Во 18.40 двете девојки од Португалија беа пронајдени и однесени до ресторанот Матка каде ги пречека Конзулот на Република Португалија, додава Ангелов.
Македонија
Дел од Ѓорче Петров утре без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека утре без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците од улиците Веле Марков, Ибе Паликуќа, Воин Драшковиќ, Рафаел Батино. (општина Ѓорче Петров)
Македонија
Меџити прими жители од Страчинце: Анализите на експертите јасно покажаа дека отворањето на каменоломот ќе има сериозни последици врз животната средина

Првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денес ги прими во својот кабинет жителите од селото Страчинце, со кои одржа отворен состанок за одлуката за одбивање на барањето за отворање на каменолом во оваа скопско село.
Министерот Меџити ги информираше жителите за професионалните и институционалните причини што доведоа до оваа одлука. Анализите на експертите јасно покажаа дека отворањето на каменоломот ќе има сериозни последици врз животната средина, ризик од поплави и негативно влијание врз јавното здравје, велат од Министерството.
На состанокот беше истакнато дека приоритет е заштитата на животот и благосостојбата на граѓаните над секој економски интерес.
Меџити истакна дека следниот чекор е конечно поништување на концесијата во Влада, со што ова прашање ќе добие трајно решение.
Жителите на Страчинце се заблагодарија за одлуката и за приемот што го оствари министерот Меџити, нагласувајќи дека овој состанок е пример за владеење со отворен дијалог и чесна соработка со граѓаните.