Македонија
„Фридом хаус’: Македонија останува делумно слободна земја
Македонија и натаму се наоѓа во групата делумно слободни земји, според најновиот извештај на Фридом хаус „Слободата во светот 2019“. Земјава и оваа година останува со вкупен рејтинг од 3,5, на скала каде 1 е најслободно, а 7 е најнеслободно општество.
Македонија со 59 поени од максимални 100 има подобрување од само еден поен во споредба со минатата година, со што е на исто ниво со Хонг Конг и Бутан. Споредено со земјите од регионот, Македонија се наоѓа зад Словенија, Грција, Хрватска и Бугарија, кои се во категоријата „слободни“ држави, но и зад Србија, Црна Гора и Албанија од категоријата „делумно слободни“ земји. Македонија според рејтингот за слобода е подобра само од Косово и Босна и Херцеговина.

Македонија подобро стои во категоријата на граѓански слободи (3 од 7), а полошо во категоријата политички права (4 од 7). Македонија последен пат имаше промена во вкупниот рејтинг во 2015 година, кога назадуваше за половина поен – од 3 на 3,5.
Србија падна од групата слободни во делумно слободни земји поради изборните нерегуларности, правните малтретирање и кампањата против независните новинари, како и де факто акумулирање на екстра институционалните овластувања на претседателот Александар Вучиќ. Унгарија исто така падна од групата слободни во делумно слободни поради постојаните напади врз демократските институции на земјата од страна на партијата Фидес на премиерот Виктор Орбан, влијаејќи врз медиумите, верските групи, академијата, невладините организации, судовите и приватниот сектор.
Најслободни држави во светот според „Фридом хаус“ се Финска, Норвешка и Шведска. На дното на листата се наоѓа Сирија, која има 0 поени, Тибет со само 1 поен, додека 2 поена имаат Туркменистан, Еритреја и Северна Кореја.

Од вкупно 195 држави во светот, 86 се слободни, 59 се делумно слободни, додека 50 се неслободни, покажува извештајот насловен „Демократија во повлекување”.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски на терен: Сите патишта се проодни, снегот редовно се чисти од Македонија пат
Сите патишта во државата се проодни благодарение на макотрпната работа на луѓето од Македонија пат, кои даваат се’ од себе да се справат со обилните врнежи од снег кои ја зафатија државата, изјави денеска заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, кој ги посети пунктовите на Македонија пат на планинските превои “Стража” и “Пресека”.
– Денеска сум на терен во увид на активностите на Македонија пат, можам да кажам дека состојбата е добра, сите патишта во државата се проодни. Би сакал да им се заблагодарам на овие прекрасни луѓе од Македонија пат, кои што даваат се’ од себе, за сите патишта да се проодни и чисти. Тука сме на увид на планинскиот превој “Стража”, претходно бев во увид на патниот превој “Пресека”, и ќе продолжам на уште неколку места, рече Николоски.
Тој упати благодарност до работниците на Македонија пат и упати апел до сите граѓани кои имаат потреба да патуваат, да возат внимателно, да ја прилагодат брзината според условите на патиштата и без исклучок да поседуваат зимска опрема.
– Би сакал да се заблагодарам на сите работници, на сите оние кои што помагаат, да ги замолам сите кои што патуваат, да ги почитуваат прописите и правилата, да користат зимски гуми, секаде каде што е потребно ланци и сета дополнителна опрема и да ја прилагодат брзината. Ние ќе направиме патиштата секаде да се проодни и да не се почувствува или минимално да се почувствува ова невреме кое што ја зафаќа Македонија, апелираше вицепремиерот Николоски.
Македонија
УХМР: Најголема опасност од излевања и заезерувања има во југозападните и западните делови на земјата
Од утринава зголемување на водостоите има во југозападниот дел на земјата, односно на река Коселска, река Сатеска, река Ресенска и на останатите помали реки и суводолици во регионот каде се можни локални излевања на реките и појави на заезерување на водата. Во Охридско-Преспанскиот регион се очекува реакција на помалите реки и суводолиците, а исто така и во Струшкиот регион каде се можни локални излевања и појави на заезерување во Струшкото Поле заради интеракција на подземните и површинските води, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
„Исто така, утринава е висок водостојот на река Вардар во горниот дел од сливот и можни се локални излевања на реката во тој дел (во Гостиварскиот регион), а можни се појави на заезерување на водата во Полошката Котлина.
Значително е висок водостојот на река Црна во долниот дел од течението и можни се локални излевања на реката и појави на заезерување на водата во Пелагониската Котлина, а исто така и во делови од Битолско-Прилепскиот регион. Во горниот дел од сливот нема позначително зголемување на водостојот но можни се заезерувања во Демир Хисарскиот регион.
Останува висок водостојот на река Треска и таму се можни локални излевања и заезерувања во целиот слив на реката, вклучително и Кичевскиот регион.
Генерално, најголема опасност од излевања и заезерувања има во југозападните делови и западните делови на земјата каде и во текот на денот некаде до 18:00 часот врнежите ќе бидат од дожд и снег и на повисоките места, додека на пониските ќе бидат само од дожд. Во попладневните часови, некаде после 18:00 часот се очекува продор на северен ветер и северно струење на воздухот што ќе придонесе за заладување на времето и врнежите насекаде ќе преминуваат во вид на снег. До тој временски преод останува опасноста од локални излевања и заезерувања на водата пред се во југозападните, западните и северозападните делови на земјата.
Предупредуваме на вниателно движење покрај реките и суводолиците во текот на денешниот ден“, се наведува во соопштението на УХМР.
Македонија
Денеска гласаат болните и затворениците пред повторните избори за градоначалници во четири општини
Денес се спроведува гласањето на болните или немоќни лица и лицата кои се на издржување на казна затвор за повторните избори за градоначалници на општините Гостивар, Маврово и Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа, информира Државната изборна комисија.
„Вкупно 249 болни или немоќни лица можат да го остварат своето право на глас на овие избори. Од нив, 146 лица се пријавени за гласање во Гостивар, 32 болни или немоќни лица имаат право да гласаат во Врапчиште, 69 лица може да гласаат за градоначалник на општина Маврово и Ростуше и 2 лица може да гласаат за градоначалник на општина Центар Жупа. Со почеток во 7:00 часот во 7 казнено поправни установи, своето право на глас можат да го остварат 94 лица кои се на издржување казна затвор или притвор“, велат од ДИК.
Оттаму додаваат дека гласањeто досега се одвива непречено и без проблеми.

