Македонија
ФРОДЕМ: Господине Макрон, спијте мирно, реформите се во полн ек
По денешното рочиште на случајот „Рекет” од однесувањето на судијката и обвинителката за организиран криминал при испитувањето на сведоците и обвинетите станува сè појасно дека целата постапка ќе заврши со пресуди само за Боки 13 и Катица Јанева. Станува сè поочигледно дека надлежниот обвинител сé уште нема намера да ја прошири истрагата и да обвини други лица кои директно или индиректно учествувале во аферата „Рекет”. А оваа афера е само капка во морето наречено ,,македонско дабл постранзициско политичко-судско милје”, соопшти ФРОДЕМ.
Според партијата, ова пасивно однесување и очигледно засега селективен пристап во целиот случај дава сериозен сомнеж дека надлежното обвинителство нема намера да ја истера правдата и вистината до крај и дека сé ќе се сведе на судска пародија.
„Истовремено овој случај ја покажува и гнилосата на целокупниот правосуден систем поради вкоренетата и втемелена политичко-бизнис наместо професионална и законита и уставна ориентираност на индивидуи инволвирани во процесот. Поради личното директно или индиректно замешеталството и лукративни цели на поединци од обвинителствата, судството, адвокатурата и политиката сè повеќе се доразградува и онака разградениот правосуден систем и докрај се рушат идеалите за вистина и правда.
Сијамските близнаци (власта и опозиција) позади сцената со широко насмеани усти ги тријат рацете бидејки сè оди според планот и зацртаното сценарио. Важно е некој од нив повторно ќе биде на власт по изборите во април наредната година и ќе продолжи таму каде што застана близнакот кој досега беше на власт. Тоа што народот сè повеќе останува со подзината уста и со сé попразен стомак, а системот е до „коска” руниран и не е така битно прашање, затоа што најважна е забавата за широките народни маси, посебно кога по толку време во главниот град се репризира (по којзнае којпат) политичко-судискиот циркус“, се вели во соопштението.
Во него се додава дека додека трае оваа реприза на циркуската претстава најважно е судиите и понатаму да дозволуваат да застаруваат кривичните дела, обвинителите малку потајно да рекетираат и да соработуваат со обвинетите, адвокатите и судии да си ги зацврстат меѓусебите односи и спреги доколку ги запоставиле или им попуштиле во меѓувреме, а амнестираните пратеници да го надополнат сопственото чекмече. Министрите слободно можат да продолжат со истото темпо, бидејќи и така никој нив не ги гони за ништо.
„ФРОДЕМ јавно му порачува на француски претседател Емануел Макрон да не се инаети повеќе и мирно да спие бидејќи ‘реформите’ се во полн ек. Во Република Македонија тече мед и млеко за сите оние кои го поддржуваат и кои се дел од ‘Македонското дабл постранзициско политичко-судско милје’. Затоа господине претседателе Макрон, морате веднаш да нè примите во Европа вакви какви што сме, бидејќи за никаде сме“, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски до директорот на ТЕЦ Неготино: Од каде ти се парите за хациендата во која живееш, дали од крими тендерите на сопругата во РЕК Битола или од твојот криминал со мазут во ТЕЦ Неготино?
-За Неготино предвидуваме убави работи во оваа програма, предвидуваме изградба на експресниот пат Кавадарци до Неготино, планираме изградба на обиколница околу Неготино, планираме завршување на гасификацијата и гасификација на ТЕЦ Неготино. Планираме можеби за мене најзначајно најдостоинствени цени за лозарите, за откуп на грозјето кои што ќе значат достоинствено и зголемено производство и она што е многу значајно рестартирање на Повардарие доколку не може на друг начин државата да го рестартира, за да се стави крај во откупот на монополот во откупот на грозје и производството на вино, за да ставиме крај на олигархијата која што ве понижува со понижувачките цени кои што ги даваат за откуп на грозје, истакна Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и носител на ИЕ 3 на денешниот митинг во Неготино во рамки на претседателската и парламентарната кампања.
Николоски пред неготинчани рече дека во секоја општина има по неколку криминалци од СДСМ, но неготинчани за жал имаат двајца од најголемите кои се токму во Неготино, посочувајќи дека едниот е актуелниот директор на Електрани на Македонија, другиот актуелниот директор на ТЕЦ Неготино.
-Постојат многу причини зошто СДСМ и ДУИ ќе се борат до последен ден, пред се заштита на криминалот и корупцијата. Криминалци има од секоја општина од секое место во Македонија, но вие ја имате несреќата двајца од најголемите да се токму од Неготино. Едниот актуелниот директор на Електрани на Македонија, другиот актуелниот директор на ТЕЦ Неготино. И кога се прашувате зошто им го дозволуваат ова што им го дозволуваат на ДУИ, единствениот одговор е за да можат да крадат заедно и едните и другите, нема друг одговор освен ова, истакна тој.
Николоски упати прашање до актуелниот директор на ТЕЦ Неготино со која директорска плата се гради хациенда како неговата, посочувајќи дали истата е платена од тендерите кои неговата сопруга ги има добиено од крими тендерите во РЕК Битола или пак од неговиот криминал со мазут во ТЕЦ Неготино?
-Би сакал одовде да го прашам директорот на ТЕЦ Неготино со која директорска плата се гради хациенди како да е на Холивуд, со која директорска плата директоре си градат хациенди кои што не се видени на ниедно друго место во Македонија, обичен свет не може да ги замисли, а верувајте и подобри бизнисмени не можат да ги замислат. Дали тоа е со платата или можеби од тендерите која што твојта сопруга ги добива преку нејзината фирма во Електрани во Македонија, но сега малку подолу во РЕК Битола, праша Николоски.
Николоски нагласи дека деновиве има сознанија за влијание на граѓаните и притисоци, уцени и закани како и нудење за поткуп, укажувајќи дека ќе има одговорност и за ова, но и за тендерите на мазут.
– И слушам деновиве во нелегални активности на обид за влијание врз гласачи на притисоци, на уцени, на закани на нудење на поткуп на гласачи, за тоа се одговора како што ќе се одговара за криминалот и корупцијата во ТЕЦ Неготино, ние баснословната набавка на мазут нема да ти ја заборавиме, ни првата, ни втората. Ние нема да заборавиме како беа штелувани условите за да не може да се пријави никој друг освен оној кој што го доби тендерот, рече Николоски.
Македонија
Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ ќе го истреби криминалот и за истиот ќе има одговорност, затоа ни треба поддршката од граѓаните на 8 мај за број 2
Многу е важно да се земе активно учество во овие избори. Резултатот во првиот круг беше би рекол историски. Владата е делегитимирана и треба да оди во опозиција и СДСМ и ДУИ, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот митинг во Неготино.
Мицкоски посочи дека СДСМ денес се претвори во обичен измеќар на ДУИ, затоа ова што им се случува не е случајност.
„ДУИ и СДСМ мора да одат во опозиција. Мора да престане праксата ДУИ ќе биде малку со ВМРО-ДПМНЕ, па со СДСМ. ДУИ сака да го понижи македонскиот народ и да ја клекне на колена Македонија. Ми пречи криминалот на ДУИ. Тие повеќе од 20 години крадат од сите вас. Тие повеќе од 20 години ја урнисуваат Македонија. СДСМ мислеа дека противник им е ВМРО-ДПМНЕ, а не гледаа што прават од ДУИ“, кажа Мицкоски.
Затоа, додаде Мицкоски, сакам да предупредам за нешто за што имам информации дека се случува.
„Банди од ДУИ обиколуваат граѓани. Ќе се обидат да го купат гласот, ќе се обидат ДУИ да има пратеник во изборните единици 3 и 4. Секој бандит кој ќе нуди пари, практично ви нуди ваши пари, украдени од вас. Предупредувам да не биде дека не сум кажал. Мои браќа и сестри се сите граѓани, но нема простор за криминалците. Тие знаат што ги чека. Јас нема да правам пакт со криминалот, туку ќе го истребам. Мора да има одговорност за криминалот“, вели Мицкоски.
Мицкоски посочи дека ќе тропне на секоја порта.
„Македонија е држава на лојални граѓани без разлика на етничка припадност. Ќе побараме поддршка, ќе замолиме, ќе предупредиме дека ова се клучни избори. Секој човек ќе го убедам дека секој мора да излезе да ставиме крај на ова уништување на државата“, кажа Мицкоски.
Мицкоски укажа дека ова е момент да се обединиме.
„Ги повикувам сите, поддржувачи на СДСМ, оние кои останаа дома, сите да излеземе против оваа власт. Вашата доверба нема да ја изневериме потребна е поддршка за Македонија“, рече Мицкоски.
Македонија
Мицкоски сфати каде е тежината на албанскиот глас, вели Таравари
Ккандидатот за претседател од коалицијата „Вреди“, Арбен Таравари, вели дека е добро што ВМРО-ДПМНЕ ја сфатила, како што посочува, тежината на гласот и на пратениците Албанци.
Во напишаното на социјалните мрежи Таравари истакнува дека сега ќе се фокусираат на изборите, а после 8 мај при формирање на новата влада ќе се водат од националниот интерес на Албанците, од итната потреба да се исчисти власта од корупција и од нивната непреговарачка прозападна ориентација.
„Предлогот на Мицкоски покажува дека и ВМРО сфати каде е тежината на гласот и на пратениците Албанци.
Но, нашиот фокус како коалиција и како партија е работата за изборите на 8 мај, за најголем број мандати.
По изборите ќе се водиме од националниот интерес на Албанците, од итната потреба да се исчисти власта од корупција и од нашата непреговарачка прозападна ориентација“, порачува Таравари.
Ние како „ВЛЕН“, додава тој, сме пообединети од кога било. „Нашиот глас е мнозинство од гласовите на Албанците. Нашите мандати одат кај пратениците Албанци. Бидејќи ние го штитиме напредокот на Албанците, не ги продаваме и не ги купуваме“’, дециден е Таравари.