Македонија
„Фронт 21/42“: Уривањето на дивите платформи немаат никаква врска со препораката на УНЕСКО
Уривањето на дивоизградените платформи на угостителските објекти на Охридското Езеро немаат никаква врска со препораката на УНЕСКО, а ниту по сесијата на Комитетот за светско наследство во Баку, нема значајна промена во намерата на нашите власти да прикажат, и пред УНЕСКО и пред домашната јавност, посветеност кон зачувување на нашето најголемо природно и културно богатство, велат од еколошкото здружение на граѓани „Фронт 21/42“. Од таму велат дека на четири месеци до крајниот рок за исполнување на препораките нашата земја не е ни блиску до суштинско посветување на нивно исполнување.
„Деновиве во јавноста е актуелно рушењето на дивоизградените платформи во самото езеро на неколку угостителски објекти на брегот од Охридското Езеро. Сакаме да појасниме: ова нема никаква врска со препораката бр. 9 од УНЕСКО за справување со дивоградбите во регионот, туку е еден скромен почеток на основно владеење на правото во областа на урбанизмот во општината. Ова е делумно рефлектирано во изјавата на градоначалникот на Охрид по повод уривањето на платформите – и самиот потврдува дека ова е поместување од мртва точка, иако ние не го гледаме како значајно, но секако се согласуваме дека ‘конечно во Охридскиот Регион мора да почне да се почитуваат правото и законот’. Секако, го поздравуваме и гледаме како позитивен чекор секој пример на почитување на домашните закони од страна на властите (и локални и централни), истовремено сметаме дека земја што се смета спремна да почне преговори за членство во Европската Унија треба да има (и практикува) многу (многу!) повисоки критериуми во областа на основното владеење на правото“, се наведува во соопштението од „Фронт 21/42“.
Во однос на исполнувањето на препораката од УНЕСКО, кое, според Здружението, не е почнато барем според јавно достапните информации, има повеќе елементи кои сериозно загрижуваат и повторно упатуваат на заклучокот дека ни по сесијата на Комитетот за светско наследство во Баку нема значајна промена во намерата на нашите власти да прикажат и пред УНЕСКО и пред домашната јавност посветеност кон зачувување на нашето најголемо природно и културно богатство.
„Во акциониот план на општините Охрид и Струга студиите за влијание на евидентираните дивоградби врз исклучителните универзални вредности на светското наследство се планираат дури во 2021 година. Нема никакви пречки овие постапки да почнат уште веднаш – актуелната власт имаше обврска да ја спроведе оваа мерка до декември 2018. Нема ниту една логична причина зошто клучната постапка во справувањето со дивоградбите се одлага на толку долг временски период. Се прашуваме дали некому му е потребен толку долг период за кроење на инвентарот на дивоградби, кои ќе бидат предмет на овие студии… Со оглед на фактот дека овие студии ќе определат кои дивоградби ги нарушуваат вредностите и треба да се рушат (се разбира, доколку бидат стручно и независно изработени) – рушењето на дивоградбите од препораката на УНЕСКО можеме најрано да го очекуваме кон крајот на 2021 и почетокот на 2022“, велат од „Фронт 21/42“.
Од таму велат дека не им е јасно кој дел од светското наследство нашите власти го сметаат за незаштитен појас и врз основа на што?
„Границите на заштитениот појас/подрачје се јасно дефинирани во Законот за Охридскиот Регион (и досието во УНЕСКО) и тие ги вклучуваат целосно општините Охрид и Струга и делумно општината Дебарца – ова се единствените граници што го дефинираат заштитеното подрачје, нема други. Клучното прашање што нè мачи во врска со инвентарот е дали во овие 1.076 евидентирани дивоградби се наоѓаат дивоградбите што актуелната власт ги легализира од 2017 со речиси три години свесно прекршување на итната мерка побарана од УНЕСКО. Во изјавата на градоначалникот на Охрид препознаваме одговор на ова прашање, кој не влева надеж дека навистина значајно ќе се мрднеме од мртва точка. Имено, Георгиески јасно потенцира дека не може да постапуваат не само за нелегалните градби што оваа власт ги легализира игнорирајќи го УНЕСКО туку и за оние за кои се поднесени барања за легализација. За да ја спроведе оваа препорака, навистина ќе му треба суштинска поддршка од централната власт, но тешко дека ќе ја добие од нив, кои неколку месеци по добивањето на оригиналната препорака, наместо да го стопираат легализирањето, го продолжија Законот за легализацијата. Клопчето во кое сите власти од осамостојувањето на Македонија до денес го заплеткаа највредното во државава е толку заплеткано што само државник со многу поинакво размислување и пристап од сите до сега, ќе успее да го отплетка“, велат од Здружението.
Од таму велат дека додека Охрид и Струга имаат барем напишана определба да ја спроведат оваа препорака во 2021-2022, Општина Дебарца нема ниту план ниту намера да запре со легализациите на дивоградбите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Мицкоски-Зеленски: Само праведен мир носи стабилност
Премиерот Христијан Мицкоски во Минхен оствари средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, со кого, како што објави, разговарале за актуелните безбедносни предизвици во Европа, за потребата од единство и солидарност, но пред сè, за праведен мир.

– Веруваме дека мирот мора да биде изграден врз правда, почитување на достоинството на народите. Само таков мир носи стабилност и сигурна иднина за Европа, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук.

Мицкоски и Зеленски разговарале и за продлабочување на соработката, економска размена и поддршка во процесите за напредок на државите.

– Напредокот е можен кога има визија, храброст и јасна определба. Македонија ќе продолжи да биде глас на разумот, партнер на стабилноста и поддржувач на праведниот мир, порачува Мицкоски.

На вториот ден од 62-та Минхенска безбедносна конференција Мицкоски оствари средби со Ричард Гренел, специјален пратеник на претседателот на САД Доналд Трамп за специјални мисии, со холандскиот премиер Дик Схоф, со Џаред Коен, претседател за глобални прашања и ко-раководител на Глобалниот институт Голдман Сакс и со Тед Дојч од Американско-еврејскиот комитет.
Македонија
Пациенти со хемофилија со месеци без „фактор 8“, се бара одговор од МЗ
Од Левица велат дека пациентите со хемофилија повеќе од шест месеци се без неопходниот лек „фактор 8“ поради нераспишан тендер, што, според нив, ги доведува во сериозна здравствена состојба.
Пратеничката Јована Мојсоска преку социјалните мрежи се обрати до министерот за здравство Азир Алиу и директорот на Институтот за трансфузиона медицина Амир Елези, потсетувајќи дека на седница за пратенички прашања било најавено дека лекот ќе биде обезбеден.
Според неа, пациентите со хемофилија живеат во тешки услови додека го чекаат лекот, а добила и повик од лице кое подолг период е врзано за кревет поради недостиг од терапија.
Мојсоска прашува кој ќе сноси одговорност доколку настанат сериозни последици по здравјето на пациентите поради пролонгирањето на постапката.
Македонија
Трипуновски: Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци
Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци што егзистираат од земјоделство. Вака одговори денеска министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, на новинарско прашање, по закројувањето винова лоза во Кавадарци, во чест на празникот Свети Трифун, што се смета за заштитник на лозарите и винарите.

На новинарско прашање околу реакцијата дека годинава субвенции ќе добиваат лозари со над пет декари лозје, министерот одговори дека нема кратење на субвенции.
– Имаме сериозна и навремена поддршка и реформи во земјоделскиот сектор, што ќе значат сериозно зголемување на продукцијата. Она што е новина можеби во програмата за 2026 година, е, јасната распределба. Приоритет ќе добијат вистинските земјоделци, што егзистираат од тоа. Во изминатите години се воочени таканаречени ловци на субвенции, кои не обработуваат земјоделски површини, а сакаат да бидат корисници на субвенции. Ова сметам дека не е ниту фер кон вистинските земјоделци, ниту пак е законски. Затоа оваа година најавуваме дека ќе имаме сериозна контрола на терен, за парите да завршат кај вистинските лозари, земјоделци, што се многу важни за економијата и руралната средина, појасни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во новата програма се предвидувало, минималната површина да биде 0.5 хектари, за да се биде корисник на земјоделски субвенции. Трипуновски подвлече дека земјоделството е еден од приоритетите.
Запрашан кога ќе бидат одблокирани средствата од ИПАРД програмата, тој рече дека платежната агенција со новиот менаџерски тим, работела на отстранување на сите забелешки што биле нотирани и оти се очекува многу бргу агенцијата да почне нормално да функционира. Агенцијата, посочува тој, и сега работи нормално, со тековните плаќања во делот на субвенции и во врска со ИПАРД апликации.
На новинарско прашање, тој информираше дека за оваа година, веднаш по носењето на програмата, традиционално пред овој празник, вчера биле исплатени субвенциите кон лозарите. На над 12 500 лозари, исплатени биле речиси осум милиони евра. На почеток на наредна недела, најавува исплата на субвенците и за овоштарите.
Трипуновски уверува дека навремено се исплаќаат и ќе се исплаќаат сите субвенции.
Министерот рече дека на денешниот празник ја негуваме традицијата и културата во делот на една од нашите најдобри и најголеми земјоделски култури, лозаропроизводството. Им оддаваме почит на нашите лозари кои произведуваат квалитетно грозје, а нашите винарски визби прават квалитетно вино, коешто е наш амбасадор.
– Како Влада и Министерство остануваме посветени да ја поддржуваме оваа гранка и да ја развиваме оваа битна земјоделска култура, истакна министерот за земјоделство.
Во најголемиот лозаровинарски регион во државата, посака здравје и бериќет, а трудот на земјоделците да биде вреднуван.

