Македонија
(Видео) Функционерите на ДУИ најголеми трошаџии во Владата
Вања Михајлова, експерт за антикорупција, на денешната прес-конференција во рамките на проектот „Граѓанските организации и медиуми против корупцијата“ истакна дека најголемите трошаџии во Владата на РМ се функционерите од ДУИ, на чело со министерот за економија, Крешник Бектеши, кој потрошил 14 илјади евра за 6 месеци, односно 2500 евра по месец.
-Имаме министри кои биле скромни во трошењето, но од друга страна имаме и министри кои расипнички се однесувале со буџетските пари. Првите три места на министри трошаџии им припаѓа на оние од редовите на ДУИ. Според објавените податоци, предничи младиот министер за економија, Кресник Бектеши, кој потрошил дури 14 илјади евра за 6 месеци, односно по околу 2500 евра по месец, пари кои во никој случај не можат да се оправдаат, вели експертот за антикорупција Вања Михајловска.

Според неа, за да профункционира правната држава и да се врати владеењето на правото под што се подразбира и трошењето државни пари потребно е Владата да ги задолжи надлежните органи, Државната ревизија и Внатрешната ревизија во секое министерство да вршат редовна контрола на оправданоста во трошењето на толкав износ на пари и да дадат отчетност за потрошеното и доколку функционерите потрошат нерационално, тие пари да се вратат.
-Бараме политичка одговорност од функционерите кои расипнички се однесуваат со парите на граѓаните бидејќи тие немаат повеќе капацитет и кредибилитет да вршат таква функција. Потребно е да се донесе посебен акт со кој ќе се пропишат критериуми за ограничување на трошењето за угостителски услуги, телефонски услуги и патување во странство. Она што изненадува и шокира е тоа што иако земаат дневници за патување во странство, самите функционери поднесуваат сметки за потрошени пари, што е апсолутно неприфатливо и неодговорно кон она што им е доверено, вели Михајлова.
Уште една препорака која поранешниот член на ДКСК ја упати до Владата е драстично да се намали бројот на службени лица кои имаат право на репрезентација и да се препорача на јавните претпријатија и локалната самоуправа да ги ограничат средствата за овие намени.
-Сега знаеме дека секој троши службени пари. Јавните претпријатија и локалната самоуправа исто така да ги ограничат средствата за овие намени бидејќи според ревизорските извештаи во ЈП и Локалната самоуправа се добива истата слика, расипничко ненаменско и неодговорно трошење на буџетските пари за лични потреби, рече Михајлова.
Според неа, оваа практика е последица на неказнивоста на она што се правело претходните години. Таа истакна дека и покрај тоа што Државната ревизија откри милионски трошоци за лични потреби во угостителски услуги, досега од Јавното обвинителство нема никаква информација дали е покренато какво било обвинение.
-Доколку остане оваа практика на неказнивост, со сигурност можеме да очекуваме дека овие министри и идните ќе продолжат со истата практика на трошење, вели Михајлова.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Досега подигнати се над 45 илјади ваучери за електронски уреди за студенти
Премиерот Христијан Мицкоски денеска исткна дека се подигнати над 45 илјади ваучери од 15.300 денари за студентите на додипломски студии за набавка на електронски уред – лаптоп, таблет или персонален компјутер. Посочи дека искористеноста е околу 99 проценти.
За ваучер од 250 евра од ноември до декември можеа да аплицираат студенти до 29 години, кои имаат запишано семестар во учебната 2025/2026 на додипломски студии на државните или приватните факултети.
– Отприлика 45.000 – 45.600 ваучери се подигнати, а околу 99 проценти и повеќе се искористени. Околу 44.5 илјади се искористени. Како Влада изминативе 20-ина месеци сме ги регулирале сите односи со сите структури од општеството на кои Владата треба да им излезе во пресрет – на студентите им се покачени стипендиите, се реновираат студентските домови и ученичките домови, се обезбедуваат 15.300 денари за електронски уреди. Дали тоа е доволно? Не. Можеби треба повеќе, но толку можеме во моментов. Порано ни тоа не било. За сите, без да ограничиме дали се студенти на државни или на приватни универзитети. Пораснаа пензиите линеарно, сега во април 7 илјади денари, нешто што досега не било овозможено, рече Мицкоски по пуштањето во употреба на реконструираната гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ во Општина Тетово.
Премиерот нагласи дека комуникацијата на Владата со сите целни групи е на високо ниво и досега, рече, немало толку голема испорака од ниту една Влада,
-Буквално со сите целни групи со кои Владата комуницира и со кои држи релација, навистина имаме односи кои никогаш порано не биле на толку високо ниво и немало толку голема испорака со ниту една Влада. Оваа Влада тоа го направи за само 20 месеци. Дали е доволно? Не. Треба повеќе? Треба. Се сложувам, секогаш треба повеќе. Но, дали е подобро од порано? Можам да кажам дека неколку пати е подобро, рече Мицкоски.
Македонија
Во текот на ноќта и утре повремени врнежи од дожд
Под влијание на циклонска активност во текот на ноќта и утре ќе има повремени врнежи од дожд, а на планините од снег.
Како што соопшти УХМР, пообилни врнежи ќе има во југоисточните делови од земјата – над 20 литри на квадратен метар. Поради спуштање на постудена воздушна маса од север, врнежите ќе преминат во снег во повисоките, како и во некои од пониските места.
Во Скопје во текот на ноќта и утре ќе има повремени врнежи од дожд. На околните планини врнежите ќе бидат од дожд и снег.
Македонија
По 8.000 денари за секое бебе во општина Аеродром
Секое семејство со живеалиште во Општина Аеродром кое во текот на 2026 година добило новороденче или посвоило дете до една година, ќе добие еднократна парична помош во износ од 8.000 денари.
-Оваа мерка е наменета како практична поддршка за семејствата, особено во првите месеци од грижата за детето. Општина Аеродром останува посветена на семејствата и на децата, со љубов и внимание кон најмалите, создавајќи средина каде што тие можат да растат среќни, сигурни и поддржани, соопшти Општина Аеродром.

