Македонија
Функционери на МВР и други институции го пуштија Рамадани да побегне, вели Кузеска
„Власта на ВМРО-ДПМНЕ е фатена жива во мега скандал со злоупотреба на државната граница, државните институции и серија прекршувања на законите. Се докажа дека не станува збор за бегство на Блерим Рамадани, туку организирано ослободување и пренесување на Косово од страна на високи функционери на МВР и други институции“, изјави денес Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Таа порача дека ОЈО не смее да молчи и мора итно да соопшти дека започнува истрага.
„Доколку ОЈО ова не го направи во најкус рок, ќе сметаме дека застанува на страна на МВР и го прикрива овој скандал. Што чека ОЈО, треба веднаш да реагира и за тоа да ја информира јавноста. Прашуваме, дали се штитат нарачателите на оваа партиско-полициска операција? Христијан Мицкоски вчера во скандалозна изјава, наместо да побара одговорност и внатрешна истрага за случајот, тој тврдеше дека СДСМ шири лаги. Го прашуваме, како Мицкоски без истрага и без ниедна информација од МВР за тоа како избегал Рамадани, тврди дека СДСМ лаже? Ова не значи ништо друго освен негов очаен обид да го забошоти случајот. Сите индиции укажуваат дека реализацијата на оваа партиско полициска шема за пуштање на Рамадани на Косово е политички договор кој Мицкоски морал да го исполни“, вели Кузеска.
Портпаролката на СДСМ порачува дека доколку не се спроведе целосна, темелна и независна истрага, ќе биде јасно дека и власта и обвинителството решите да го штитат МВР и Тошковски од одговорност, да ги штитат сите останати инволвирани во овој случај, сосе нарачателите и наредбодавачите.
„Министерот Тошковски треба да поднесе оставка и да ги разреши сите кои тој ги поставил на границата со Косово, почнувајќи од Наим Рамука. Само така ќе има услови за независна истрага без притисоци. Бараме декласификација и објавување на снимките од граничниот премин Блаце веднаш. Нека видат граѓаните која е вистината, кој е шериф на границата. ОЈО и истражните органи, многу лесно може да ги проверат преку камерите и преку граничниот систем за контрола на патници“, порачува Кузеска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: За тоа како се шверцуваат 5 тони марихуана Димитријевиќ нека го праша Филипче кој панично ја напушта државата на 2 февруари кон јужниот сосед
Еве прецизен одговор за малиот Димитријевиќ за марихуаната. Одговорите за тоа како се шверцуваат 5 тони марихуана нека ги постави на Венко Филипче кој е во отворена комуникација и на команда од Зоран Заев, реагира ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ.
„Зошто Венко Филипче ја напушта панично државата на втори февруари и се упатува кон јужниот сосед. Дали и каков состанок имал со Зоран Заев? Јавна тајна е дека семејството Заеви е вклучено во бизнисот со марихуана. Сосема случајно или не, во Струмица се конфискувани над 30 тони марихуана кај лице советник на Заев и СДС“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Димитријевиќ претдходно денес, на прес-конференција нагласи дека одговорноста за картелскиот скандал со 5 тони дрога која од Македонија завршила во Србија води директно до врвот на власта.
Македонија
Димитријевиќ: Одговорноста за картелскиот скандал со пет тони дрога води директно до врвот на власта
Генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, на денешната прес-конференција нагласи дека одговорноста за картелскиот скандал со 5 тони дрога која од Македонија завршила во Србија води директно до врвот на власта, затоа цела недела нема информации, а а јавноста е сведок на организирана владина медиумска кампања за дефокус.
Димитријевиќ посочи дека цела недела нема одговор на клучното прашање, како толкава количина дрога поминала преку македонската граница и кој ќе одговара за тоа.
„Нема приведени, нема осомничени. Има само дефокус.Од јавно објавените фотографии може да се види дека запленетата дрога во Србија била пакувана во големи картонски кутии со димензии 60 на 40 сантиметри, со по 4 до 5 килограми марихуана во најлонски кеси. Тоа значи многу пратки, и многу возила, камиони. Пет, десет, можеби и повеќе шлепери или камиони требало да ја поминат границата. Како?“, рече Димитријевиќ.
Притоа, Димитријевиќ истакна дека и за последните акции за запленет, одговорноста е кај власта.
„МВР молчи за тоа како 5 тони преминале преку македонската граница ама објавува дека заплениле 40 тони канабис во земјава. Ако навистина се запленети 40 тони нелегално произведен и складиран канабис во Македонија, тогаш повторно одговорноста е кај власта и кај никој друг.“
Тој нагласи дека без поддршка и заштита од институциите, ваков шверц не е возможен.
„Без поддршка, заштита и логистика од врвот на власта шверцот на огромна количина дрога преку границата не било возможно. Од Скопје до Табановце има 48 километри, со гранична и царинска контрола. Каде се камерите на „Safe City“? Каде е полиција? Каде се екипите на Мобилна царина? Каде се контролите?“, рече Димитријевиќ.
Македонија
Кајмакоски е дома; Рашиќ: „Смирено и храбро се соочил со киднаперите, но му треба мир“
Mиланка Рашиќ, која е задолжена за односи со јавноста за Даниел Кајмакоски, соопшти дека разговарала со него по ноќта помината во полициска станица. Таа потврди дека пејачот бил киднапиран синоќа во близина на „Бетон хала“ во Белград и сега е дома, но потребен му е мир.
„Од она што го чув од Даниел во краткиот разговор, ми се чини дека многу смирено и храбро се соочил со киднаперите. Сега му е потребен мир и во интерес на полициската истрага нема да дава изјави“, рече Рашиќ.
Додаде и дека полицијата трага по непознатите сторители, странски државјани, кои го врзале и го возеле во неговиот автомобил, барајќи му 20.000 евра.
Според досегашните информации, киднаперите се движеле во правец кон Рума, кога сообраќајната полиција се обидела да го запре возилото. Во обид да избегаат, тие удриле во банкина, излегле од автомобилот и побегнале. Даниел бил пронајден врзан, а потоа поминал неколку часа во полициска станица, давајќи искази за настанот.
Рашиќ изрази благодарност до сите кои се јавиле и се загрижиле за здравјето и безбедноста на пејачот: „Им благодариме од срце на сите добри луѓе.“

