Македонија
Фуштиќ: Кога ќе стигне лекот „трикафта“, ќе го добијат и пациентите со умерена белодробна болест
Во услови кога не е обезбеден лек за сите пациенти со цистична фиброза, в.д. директорката на Клиниката за детски болести, Стојка Фуштиќ, објасни по кои критериуми ќе се дели „трикафта“.
Таа рече дека предност имаат пациентите со полоша белодробна функција, а кога ќе се добие лекот, ќе го добијат и пациентите со умерена белодробна болест.
„Во услови кога не е обезбедена терапија со ‘кафтрио’ за сите пациенти со цистична фиброза, кои ги исполнуваат критериумите за неа (80-ина), предност за терапија им даваме на пациентите со полоша белодробната функција изразена преку FEV1 (форсиран експираторен волумен во првата секунда). Договорот за тоа кои пациенти ќе бидат вклучени е помеѓу докторите од двете клиники, кои се одговорни за лекување на пациентите со цистична фиброза.
Со обезбедување терапија за поголем број пациенти, „кафтрио“ во комбинација со „калидеко“ ќе добијат и пациентите со умерена белодробна болест“, вели Фуштиќ.
Терапијата почна да се дава пред еден месец кај 8 пациенти, а од вчера и кај уште 4 пациенти со цистична фиброза на клиниките за детски болести и за пулмологија. Терапијата е индицирана кај пациенти со цистична фиброза, кои имаат 6 и повеќе години и барем една F508del-мутација во генотипот, додава Фуштиќ.
Асоцијацијата за цистична фиброза не добила известување ниту за тоа дали се најдени пари за набавка на лекот за сите болни ниту, пак, дали Министерството за здравство веќе направило план со кое темпо другите болни ќе го добиваат лекот.
Од таму велат дека во земјата има вкупно 140 пациенти со цистична фиброза. Апелираат што побргу да почне набавка на лекот за сите пациенти оти со тоа не само што ќе им се помогне на болните, меѓу кои има и деца, туку ќе се намалат трошоците на државата бидејќи тие болни ќе престанат да користат многу од лековите што сега мораат да ги земаат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

