Македонија
Хан од Штип: Граѓаните да го искористат своето демократско право и да гласаат на референдумот зашто секој глас се брои

Граѓаните да го искористат своето демократско право и да излезат на референдум, порача еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, од Штип. Како што рече, тој е сигурен дека референдумот ќе има позитивен исход.
„Најважно е граѓаните да го искористат своето демократско право и да учествуваат на референдумот бидејќи секој глас се брои. Ова треба да биде особено јасно дека се работи за фундаментално прашање. Многу сум сигурен дека ќе има позитивен исход, но сепак се работи за одлука на граѓаните на земјава, која треба да се почитува. Но, потоа политичарите треба да ги донесат своите одлуки и да ги донесат заклучоците“, изјави Јоханес Хан, еврокомесар за проширување на ЕУ.
Хан утринава во Скопје зборуваше на дебата посветена на состојбите со медиумите во земјите од Западен Балкан. Посочи дека за граѓаните да донесат правилна одлука како ќе гласаат на референдумот, медиумите треба реално да информираат за договорот со Грција и последиците што ги носи со него.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Исплатени над 407 милиони денари на скоро 8.000 земјоделци

Македонските земјоделци ја добиваат заслужената грижа од државата, на скоро 8.000 земјоделци се исплатени над 407 милиони денари, директни плаќања, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Имено, во рамките на Програмата за финансиска поддршка за 2024 година, исплатени се 259 милиони денари кон 4.143 земјоделци, односно градинари, за градинарски култури предадени во преработувачки капацитети. Висината на директните плаќања се однесува на предадените култури за периодот мај-јуни и ноември-декември 2024 година, која изнесува 3 денари по килограм за сите градинарски култури, додека за пиперката од сортата куртова капија висината на директните плаќања изнесува 5 денари по килограм. Паралелно на ова, од Програмата за финансиска поддршка за 2025 година се изврши исплата од над 147 милиони денари кон 3.686 земјоделци за произведено и предадено кравјо, овчо и козјо млеко. Висината на директните плаќања изнесува 6 денари по литар за кравјо млеко и 7 денари по литар за овчо и козјо млеко, а овие исплати се однесуваат за период јануари, февруари и март 2025 година“, се вели во соопштението.
Со ова, велат од ВМРО-ДПМНЕ, континуирано и навремено продолжува поддршката кон градинарството и сточарскиот сектор, и воопшто на целокупното земјоделство за зголемување на земјоделските производи и површини и нивната конкурентност.
Македонија
Пронајдени неексплодирани гранати од Првата светска војна во близина на ГП Меџитлија и во Старо Градско

Припадници на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) успешно реализираа две интервенции за отстранување на неексплодирани убојни средства (НУС) останати од Првата светска војна.
Првата интервенција беше спроведена во близина на граничниот премин Меџитлија, кон Р. Грција, на терен кој претходно беше зафатен од голем шумски пожар. По пријава од граничната полиција, пиротехничарот на ДЗС подигна две артилериски гранати со калибар од 75 mm, без запалки.
Втората интервенција се одвиваше во Старо Градско, на локацијата викана Песоци, во близина на реката Вардар. По пријава од полициската станица во Градско, од терен беа безбедно отстранети една артилериска граната (75 mm), една минофрлачка граната (75 mm) и две артилериски гранати (85 mm), исто така од периодот на Првата светска војна.
„И покрај ограничените човечки ресурси, ДЗС успешно одговори на двата повика за интервенција во овој изминат еднонеделен период. Пиротехничарот Ѓорги Стефанов ги подигна и транспортираше пронајдените средства до безбедна локација, каде што беа складирани до нивното уништување во Центарот за воена обука „Криволак““, соопштија од Дирекцијата.
Дирекцијата за заштита и спасување апелира до граѓаните, при пронаоѓање сомнителни предмети, веднаш да известат на 112 во ЦУК, или најблиската полициска станица или пак до регионалното одделение на ДЗС, и во никој случај самостојно да не постапуваат со пронајдените средства.
Македонија
Без струја делови од Општина Центар

Без струја денеска ќе останат делови од Општина Центар.
„Од ЕВН Македонија АД добивме известување дека на ден 09.08.2025 година (сабота) без електрична енергија ќе останат: во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците од Даме Груев, улица Свети Кирил и Методиј (Општина Центар)“, информира ЦУК.