Македонија
Хеликоптери од Србија и Чешка и авиони од Германија ќе пристигнат на помош за гаснењето на пожарите

Обедбезена е нова меѓународна помош преку ЕУ механизмот на цивилна заштита, за справување со пожарите кои беснеат на територијата на Македонија.
Хеликоптер од Србија утрово слета на скопскиот аеродром, а се очекува уште еден од Чешка со капацитет на ведро од 3 тона да пристигне вечерва.
Германија најави испраќање на два ер трактори (AT802/2), за коишто дополнително ќе биде објавено времето на пристигнувањето.
Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, претходно ја најави можноста за активирање и т.н. НАТО механизам за помош, преку кој ќе може државата да бара и добие и искусни пожарникари од партнерите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Јанковиќ: Власта на тендер купува целосна сценографија, дали граѓаните ја плаќаат партиската кампања на ВМРО-ДПМНЕ?

Генералниот секретаријат на Владата, со потпис на Игор Јанушев, склучил договор тежок речиси милион евра за озвучување на отворен простор, осветлување на отворен простор, видео ѕидови, бина, конструкција за покривање бина, опрема за симултан превод и техничка поддршка, изјави Јовица Јанковиќ од СДСМ.
Тој вели дека иако власта сака да претстави дека опремата е за симултан превод, симултан превод има најмалку.
„Со тендерот всушност власта купува скапа опрема за промоција и организирање на настани: озвучување, микрофони, видео ѕидови, шатори, дрон, камери, дим-машини, светлосни ефекти…. Со еден збор, целосна сценографија за кампања. Дали граѓаните со народни пари ја плаќаат партиската кампања на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори? Оваа злоупотреба на народни пари мора веднаш да запре. Бараме итно поништување на овој договор и одговорност од сите инволвирани“, рече Јанковиќ.
Тој додаде дека СДСМ бара итна реакција на Антикорупциската комисија и Јавното обвинителство.
„Ова е класичен пример за предизборна злоупотреба на институциите и парите на граѓаните и мора да има одговорност. Наместо пари за поголеми плати, за подобрување на животниот стандард на граѓаните владата на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски расфрла милиони евра само за нивни партиски интереси“, рече Јанковиќ.
Македонија
Нема казни за институциите кои до 29 септември нема да стават црвени таблички на службените возила, ќе го направат тоа при регистрација

Институциите кои до 29 септември нема да ги сменат табличките на службените возила за да се спречат приватни и партиски злоупотреби нема да добијат казни. Ова го потврди директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, на денешната промоција на црвените таблички кој кажа дека правилникот не предвидува казни за доцнење и непостапување по дадените насоки.
Првичниот повик за смена на табличките беше поставен со рок до 15 септември, но денес Томовски упати втор повик, со кој рокот се продолжува до 29 септември, односно до почетокот на кампањата за локалните избори. Како трет можен рок, тој посочи дека институциите ќе имаат можност да ги сменат табличките до крајот на годината, заклучно со 31 декември, кога Министерството за внатрешни работи треба да го финализира регистарот на службени возила.
„Доколку некој проба да избегне и да не сака да ги брендира возилата, кога ќе му дојде датумот на регистрација, секако ќе ги добие овие таблици“, рече директорот Томовски.
Според владината одлука донесена на 29 јули, сите возила во државна сопственост — вклучувајќи ги владините, општинските и возилата на јавните претпријатија — ќе добијат црвени таблички со жолти букви и бројки, како ознака за нивната службена намена. Од друга страна, жолти таблички со црвени ознаки ќе добијат возилата што се користат за специјални намени, како што се дел од возниот парк на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Министерството за внатрешни работи (МВР).
Целта на оваа мерка е да се зголеми транспарентноста и јавната отчетност, а новите таблички ќе содржат и ознака NMK на сина лента, со што ќе бидат лесно препознатливи.
Според проценките, државата располага со меѓу 7.000 и 7.500 службени возила, но точната бројка сè уште не е позната. Министерството за внатрешни работи има обврска да изработи централен регистар до 31 декември, со цел да се добие прецизна слика за државниот возен парк.
Македонија
(Видео) Петрушевски: СДС признаа дека прислушувале и следеле преку АНБ и АР, и сега наместо да се извинат, лажат и манипулираат

СДС признаа дека прислушувале и следеле преку АНБ и АР, и сега наместо да се извинат пред се, лажат и манипулираат.
СДС најпрвин треба да се извини за 5 години следење на претседателот Мицкоски, новинари и бизнисмени, кои заедно со нивните семејства биле под константна присмотра на службите, истакна на прес-конференција Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Откако ќе се извинат треба да го повикаат Виктор Димовски, Еролд Муслиу и Љупчо Коцевски на одговорност.
Наместо тоа гледаме како СДС од петни жили ги штити сите кои ги злоупотребувале институциите, затоа што очигледно работеле по партиска задача.
ЈО не смее со денови да молчи и да не презема никаква акција.
Загрозена била приватноста на голем број луѓе цели 5 години. Службите влегле во нивните животи, со цел да го забават падот на СДС од власт и нивно што подолго одржување, а со цел распродажба на државните интереси и правење на криминал“.
Доколку ЈО и Коцевски останат нем посматрач, според него, треба да знаат дека тоа нема долго да трае и дека и тие ќе одговараат.