Македонија
Хелсиншкиот комитет: Неодговорноста на надлежните ја минира инклузијата на децата со попреченост
Вклучувањето на децата со попреченост во образовниот систем е процес што се запоставува нанесувајќи им огромна штета на децата и на нивните родители. Иако средното образование е задолжително, и оваа учебна година почнува без образовни асистенти во средните училишта, реагира Хелсиншкиот комитет за човекови права.
„Соодветните законски измени ниту се донесени ниту се знае кога би се усвоиле и би стапиле во сила. Но, недостигот на политичка волја за справување со овој проблем се согледува и во тоа што Министерството за образование не знае ни точен број на средношколци што би имале потреба од образовни асистенти. Тоа укажува дека инклузијата на децата со попреченост, како најранлива група во општеството, не е меѓу приоритетите на надлежните институции“, се наведува во соопштението.
Хелсиншкиот комитет за човекови права ги повикува претставниците на извршната и законодавната власт да ги донесат потребните законски измени, со кои ќе се регулира воведувањето ваква асистенција во средните училишта. Со оглед на тоа што учебната година е веќе почната, апелираат да се најде итно решение со кое ќе им се овозможат асистенти на сите средношколци со попреченост до донесувањето на законот.
„Иако неколку општини објавиле јавни повици за ангажирање образовни асистенти преку програма за општокорисна работа, тоа ни приближно не ги задоволува потребите, а дополнително ги става во нееднаква положба децата од разни општини“, велат од Хелсиншкиот комитет.
Комитетот смета дека меѓународните документи што се ратификувани и од нашата држава се доволна правна основа за МОН да донесе итно решение со кое децата со попреченост ќе ја добијат неопходната асистенција за да бидат вклучени во наставниот процес. Политичките калкулации, блокадите во носењето закони и неодговорноста што се граничи со нехуманост не смее и понатаму да ја минираат инклузијата на децата во општеството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски на средба со еврокомесарот за внатрешни работи и миграции, Магнус Брунер
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари средба со европскиот комесар за внатрешни работи и миграции, Магнус Брунер.
На средбата министерот Муцунски го истакна континуираниот ангажман на земјата во процесот на пристапување кон Европската Унија, особено во областа на внатрешните работи и миграцијата. Тој ја нагласи посветеноста кон унапредување на институционалните капацитети и спроведување на реформите во оваа област, со цел натамошно усогласување со европските правила и стандарди.
Соговорниците разговараа за продлабочување на соработката во управувањето со миграциите, вклучително и партнерството со Фронтекс, борбата против нелегалната миграција и организираниот криминал, визната политика, како и континуираната размена на информации и искуства.
Посебно внимание беше посветено на имплементацијата на Системот за влез/излез на Европската Унија (Entry/Exit System). Министерот Муцунски укажа на практичните импликации од неговата примена, особено во однос на професионалните возачи и транспортниот сектор, кои се соочуваат со конкретни оперативни и финансиски предизвици. Во таа насока, тој ја нагласи важноста од продолжување на напорите за изнаоѓање практични и навремени решенија преку конструктивен дијалог со Европската комисија и земјите членки, со цел зајакнување на поврзаноста и обезбедување непречено одвивање на трговските текови
Македонија
Гаши – Грлиќ Радман: Континуирана и цврста поддршка за евроинтеграциите
Претседателот на Собраниетo на Република Северна Македонија, Африм Гаши, се сретна со министерот за надворешни и европски работи на Република Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, кој престојува во дводневна официјална посета на државата. На средбата присуствуваше и генералниот секретар на Собранието, Марина Димовска.
Претседателот Гаши изрази благодарност за континуираната и цврста поддршка што Република Хрватска ѝ ја дава на европската перспектива на државата, како и за севкупната билатерална соработка што се развива во духот на меѓусебна почит, разбирање, солидарност и партнерство. Тој нагласи дека особено се цени подготвеноста на Хрватска да ја споделува својата драгоцена експертиза и искуство од процесот на пристапување и водењето на преговорите за членство.
Беше истакната и важноста на сојузништвото и соработката во рамките на НАТО, каде што двете држави се силно посветени на промовирање и споделување на заедничките вредности, принципи и одговорности на Алијансата.
Двајцата соговорници се сложија дека политиката на проширување на Европска Унија претставува стратешка инвестиција во мирот, стабилноста и просперитетот на регионот како и на целиот европски континент, а беше поздравена и целосната усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата, со што Република Северна Македонија покажа дека е кредибилен партнер.
Исто така, соговорниците нагласија дека Република Северна Македонија и Република Хрватска секогаш негувале пријателски однос, базиран на висока почит кон човековите, националните, културните права на малцинствата кои студираат, работат или живеат во двете држави, што претставува позитивен пример во регионот и пошироко.
Гаши изрази увереност дека посетата на министерот Грлиќ Радман ќе придонесе за дополнително зацврстување и унапредување на односите меѓу двете држави на сите полиња од заеднички интерес, како и дека Република Северна Македонија и натаму ќе смета на силната хрватска поддршка за нејзина интеграција во Европската унија.
Македонија
Сиљановска-Давкова го пречека албанскиот претседател Бајрам Бегај
На официјална церемонија со највисоки државни и воени почести претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го пречека албанскиот претседател Бајрам Бегај, кој престојува во официјална посета на земјава.
Претседателите одржаа тет-а-тет средба, по што следуваше пленарен состанок на македонската и на албанската делегација.

Во фокусот на разговорите беа севкупните билатерални односи, кои се традиционално пријателски и партнерски, како и можностите за нивно понатамошно продлабочување во повеќе сфери од заемен интерес.
Соговорниците разменија мислења за европските аспирации на двете држави, соработката во рамките на НАТО алијансата и актуелната безбедносна состојба на европскиот континент, како и за соработката во рамки на регионалните иницијативи.

Беше изразена подготвеност за натамошно унапредување на политичкиот дијалог и институционалната соработка, во интерес на граѓаните на двете држави.

