Македонија
Хелсиншкиот комитет: Државни службеници да не ја користат полицијата за заплашување новинари
Хелсиншкиот комитет за човекови права остро го осудува притисокот врз новинарката Соња К. Делевска со повикување на „службен разговор во врска со поплака“ во полициска станица во Скопје поради објавен текст на порталот СДК.МК.
Од Хелсиншкиот комитет коментираат дека во текстот, каде што е пренесена изјава на адвокатка, која обвинува за побаран поткуп во Министерството за правда, се препознала државна службеничка од Министерството. Иако службеничката не била експлицитно именувана во текстот, таа поднела пријава против Делевска поради тоа што почувствувала вознемиреност врз нејзиното здравје и врз угледот.
„Повикувањето новинар на разговор во полициска станица од страна на вооружени полицајци, а за прашање што не е кривично дело, туку се процесира во граѓанска постапка за евентуално утврдување граѓанска одговорност за навреда и клевета, се коси со уставните начела што го гарантираат слободниот пристап до информациите, слободата на примање и пренесување информации. Комитетот исто така смета дека е проблематично тоа што полицијата потклекнала пред барањето на пријавителката, која инсистирала новинарката Делевска да биде повикана во полициска станица“, велат од Хелсиншкиот комитет.
Се наведува дека со оглед дека пријавителката е државен службеник, а случајот за кој известува Делевска е во насока на разоткривање коруптивни активности во Министерството, постапувањето на полицијата кон новинарката Делевска, покрај тоа што ги загрозува новинарските слободи и уставно загарантирани права, може да се смета и за директен притисок врз нејзината работа од страна на институциите.
Поради сето ова, Хелсиншкиот комитет бара од Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи да ја истражи основаноста на постапувањето на полициските службеници во овој случај и да ја извести јавноста за исходот.
Хелсиншкиот комитет потенцира дека на ниту еден начин не смее да се загрозува почитувањето на слободата на изразување и пристапот на информации гарантирани во Европската конвенција за човекови права и во Уставот, како највисок правен акт во државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Никој во тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не живее од плата туку на грбот на граѓаните, велат од СДСМ
„Антилогика – ЗНАМ го напаѓа СДСМ затоа што Максим Димитриевски призна дека не живее од плата.
Па СДСМ само ја објави вистината, не може да им бидеме криви ние за признанието на Максим.
Никој во тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не живее од плата туку на грбот на граѓаните.
Тоа веќе сите го знаат“, велат од СДСМ.
Според опозициската партија, со ваквата политика, како што велат, сè да биде приватен бизнис на тендер коалицијата, веќе недостигаат две милијарди евра.
„Што се однесува на времето на ковид кризата државата се задолжуваше за да им помогне на граѓаните, бидејќи СДСМ и тогаш и сега, се грижи за граѓаните. За разлика од тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ кои се луксузираат на грбот на народот и вратат тендери.
Таков е примерот со тендерот од 1,2 милиони евра Пошта, за фирмата блиска до ЗНАМ. Додека вработените во Пошта со месеци им доцнат платите.
Работниците да гладуваат, а тие да живеат во луксуз. Така е составен и буџетот, само за нивните потреби“.
Македонија
Снег на Попова Шапка, магла на одредени патни правци, сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови,по претежно влажни коловози.
Врнежи од снег на Попова Шапка со задржување на коловоз од с.Лисец-Попов Шапка.
Намалена видливост поради појава на магла до 80 метри на патниот правец Штип – Неготино кај Серта, во Крушво до 50 метри, на планинскиот премин Стража до 100 метри и кај Маврово до 50 метри.
Сите патни правци во државата се проодни.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Утре променливо облачно и релативно топло
Времето утре ќе биде променливо облачно и релативно топло.
Претпладне ќе има слаб локален дожд, а по одделни котлини ќе има појава на магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во западните делови ќе има врнежи од дожд. На повисоките планини во северозападните делови врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови наместа повремено засилен ветер од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 5, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени.
Во Скопје, времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Во наредните денови следува период на променливо време. Во недела претпладне ќе има локални врнежи од дожд, а на планините во северозападните делови од снег. Врнежи од дожд ќе има и во понеделник кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови, а на планините ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух врнежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а нови врнежи повторно се очекуваат од четврток.

