Македонија
Хелсиншки комитет: Корупцијата и натаму сериозен проблем во земјата
На Меѓународниот ден на борбата против корупција, 9 Декември, Хелсиншкиот комитет констатира дека корупцијата и одлучувањето при постоењето на судир на интереси претставуваат феномени кои во значителна мера остануваат неказнети, а перцепцијата на граѓаните е дека борбата против корупцијата не дава задоволителни резултати. Како што наведува комитетот, Република Северна Македонија континуирано бележи значителен пад на ранг листата на индексот за перцепција на корупцијата – сериозен криминал што го поткопува социјалниот и економскиот развој.
„Хелсиншкиот комитет за човекови права се вклучува во борбата против корупцијата преку мониторинг на судските процеси за предмети во областа на организираниот криминал и корупцијата; давање на соодветна правна помош на жртвите на коруптивни дејствија; застапување во насока на поголема одговорност и транспарентност на сите институции; настојување да се влијае кон спречување и ставање крај на неказнивоста и да се овозможи кривична одговорност за сите оние кои преку нивните коруптивни дејствија ги загрозуваат индивидуалните слободи и права и влијаат врз нарушување на системот на владеење на правото во државата.
Водејќи се од иницијативата за поголема одговорност и транспарентност на сите институции, Комитетот ја создаде интернет платформата www.prijavikorupcija.mk. Платформата е наменета за пријавување корупција од страна на граѓаните кои се сомневаат или кои ќе забележат постоење на корупција. Oваа платформа е осмислена како мост или алатка каде граѓаните ќе можат безбедно и со доверба да пријават корупција, како жртви или сведоци или пак ако имаат некаква информација за одреден случај. Покрај тоа, платформата на корисниците им овозможува да се информираат за корупцијата и нејзините елементи, ги информира граѓаните за нивните права како жртви или сведоци на корупција, но и за граѓанските обврски за пријавување до надлежните институции. Секако, и понатаму останува отворена можноста за директно пријавување во Канцеларијата на Хелсиншкиот комитет“ се наведува во соопштението.
Што се однесува на оценките за состојбата со корупцијата, од комитетот потсетуваат на последниот европски Извештај за напредокот на Северна Македонија, 1 каде е констатирано подобрување на новата правна рамка за спречување на корупцијата и подобрена транспарентност при назначувањето на нови членови на Државната комисија за спречување на корупција. Сепак, се додава во соопштението, и покрај зголемената проактивност на Антикорупциската комисија, вклучувајќи и кон функционери на високо ниво, корупцијата е распространета во многу области и останува еден од најсериозните проблеми во државата.
Во однос на препораките за надминување на состојбата, Европската комисија посочува дека земјата треба проактивно да ги примени новите правила за спречување и борба против корупцијата и да поттикне, од највисоко политичко ниво, проактивен став од страна на сите актери вклучени во оваа област. Потоа, да ја реафирмира политичката волја за борба против корупцијата, поддржувајќи ги сите релевантни институции со потребната автономија во остварувањето на нивните приоритети, како и човечките и финансиските ресурси. Да ја консолидира евиденцијата за конечни пресуди во случаи на корупција на високо ниво, вклучително и со конфискација на криминални средства и да обезбеди правна одговорност за прислушуваните материјали, независно од тековните реформи во рамките на системот на обвинителството. Само на тој начин, државата може да се надева на позитивни резултати во борбата против корупцијата, стои во заклучокот на Хелсиншки комитет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Програми за доживотно учење на Факултетот за музичка уметност – Скопје
Факултетот за музичка уметност – Скопје при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје ги објави програмите за доживотно учење – единствена можност за сите заинтересирани лица над 20 години кои сакаат да го прошират своето музичко образование и да се надградат професионално.
Наставата се реализира со врвен универзитетски кадар и нуди висок квалитет во различни области: свирење на инструменти, соло пеење, популарни жанрови, диригирање и композиција. Секој учесник добива индивидуален пристап и работи во одлични услови кои овозможуваат целосно развивање на талентот и личен напредок.
На крајот од секој семестар, учесниците добиваат сертификат издаден од Факултетот за музичка уметност – Скопје, што претставува официјално признание за стекнатите знаења и вештини.
Повеќе информации за програмите на следниот линк: https://www.fmu.ukim.edu.mk/about/lifelong-learning
Уписот е во тек и трае до 25.2.2026 год. За дополнителни информации во врска со уписот, обратете се на тел.бр.02-3134345 или на е-пошта: [email protected].
фото/Depositphotos
Македонија
Изминатата седмица санкционирани 𝟣𝟣𝟩 непрописно паркирани возила на територија на општина Центар
ЈП Паркинзи на општина Центар известува дека во периодот од 09.02 до 15.02.2026 година, со помош на специјалните возила „Пајак“ биле отстранети 117 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.
„За трајно решение на сообраќајниот метеж и проблемот со неправилното паркирање неопходна е поголема сообраќајна култура, затоа ЈП ПОЦ во наредниот период ќе продолжи со секојдневно отстранување на сите непрописно и несовесно паркирани автомобили во Општина Центар со цел да се подигне сообраќајната свест на повисоко ниво и да се зголеми безбедноста во сообраќајот“, соопшти ПОЦ.
Македонија
ВЛЕН: Ако СПАК-от на ДУИ не е само за спектакл, нека побара екстрадиција на Артан Груби од Албанија
ДУИ во Чаир помпезно го најавува формирањето на локален СПАК (Специјално обвинителство против организиран криминал и корупција), како да ја открила Америка. Но, прашањето што веднаш се поставува е: дали овој СПАК ќе го истражи и сопственото раководство или е само уште еден театар за измама на граѓаните, прашуваат од ВЛЕН.
„Корупцијата има познати лица: Фатон Ахмети, поради сомневања за злоупотреба на средства во ФЗО, Арбер Адеми, како министер за образование со отворени случаи за злоупотреба, Бујар Османи, за случајот „Пациент“ и многу други кои денес седат во раководството на ДУИ како недопирливи. ВЛЕН го поздравува овој СПАК на ДУИ и сугерира дека, ако е навистина за акција, а не за спектакл, треба да ги започне истрагите токму со овие имиња. Првото нешто што треба да го направи е да воспостави комуникација со СПАК на Албанија и да побара екстрадиција на Артан Груби, симбол на ароганција и злоупотреба на моќ“, пишува во соопштението.
Ако овој СПАК е сериозен, велат од ВЛЕН, нека се обиде да ги истражи сопствените недопирливи.
„Само тогаш граѓаните ќе веруваат дека транспарентноста не е фасада, туку реалност. Дотогаш, ова останува потсмев, „СПАК за Фејсбук“, а не за правда“, велат од ВЛЕН.

