Македонија
Хелсиншки комитет: Рекорден број дела од омраза во 2018 година, негативниот тренд продолжува и годинава
Во периодот од 2013 до крајот на 2018 година Хелсиншкиот комитет евидентирал 508 инциденти сторени поради омраза, беше соопштено на денешната прес-конференција по повод Европскиот ден на жртвите од криминал од омраза, на која беше презентиран Годишниот извештај за криминалот од омраза во 2018 година.
Од комитетот порачаа дека во 2018 година регистриран е досега рекорден број на инциденти (123) споредено со сите претходни години. Трендот на зголемување на регистрирани инциденти сторени од омраза продолжува и во 2019 година, односно заклучно со јуни годинава, евидентирани се вкупно 109.
Бројот на инциденти извршени по основ на етничка припадност е алармантен и достигнува 64% од сите регистрирани инциденти. Речиси сите се случиле помеѓу припадници на македонската и албанската етничка заедница, а најзагрижувачки е податокот дека огромно мнозинство жртви и сторители се малолетни лица/младинци.
Извршната директорка на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска, посочи дека Комитетот е единствен субјект во земјава кој со поддршка на Мисијата на ОБСЕ го следи овој феномен, а Република Северна Македонија е единствена во регионот каде што државата не го прави тоа континуирано и систематизирано. Државата и понатаму не презема мерки за да ги спречи делата од омраза, но и говорот на омраза, кој е главен фактор за предизвикување насилни инциденти. Според Пировска, главната забелешка е за Јавното обвинителство, кое не ги процесуира пријавите (ниту една од големиот број пријави поднесени од Хелсиншкиот комитет нема исход). Судовите, исто така, не ги третираат овие дела соодветно, односно не ја праќаат пораката дека државата се справува со овие дела.
Хајди Штерјова-Симоновиќ нагласи дека за 123 инциденти минатата година, поднесени се само 24 кривични пријави, и тоа за случаи каде се инволвирани јавни личности и политичари, но не и за оние каде сторители и жртви се малолетници. Таа посочи дека Скопје е најнебезбеден град, имајќи предвид дека најголем број инциденти се случиле во општините Гази Баба, Центар и Чаир.
Во однос на превенирањето и санционирањето на делата од омраза, Хелсиншкиот комитет ги даде следните препораки:
-Да се земе предвид искуството на државите членки на ЕУ во проширувањето во рамките на нивното кривично законодавство на опсегот/обемот на казнивите кривични дела од омраза и вклучувањето на другите мотиви на пристрасност позади овие дела;
-Да се осигура брза, ажурна и ефективна истрага и гонење на делата од омраза гарантирајќи дека пристрасните мотиви се земени предвид и во текот на кривичната постапка;
-Да се преземат соодветни мерки за да се потпомогне пријавувањето на делата од омраза од страна на жртвите, вклучувајќи мерки да се изгради доверба во полицијата и во другите институции;
-Да се соберат и објават сеопфатни и компарабилни податоци за делата од омраза, колку што е можно повеќе, вклучувајќи го бројот на такви инциденти пријавени од јавноста и евидентирани од страна на органите за спроведување на законот, бројот на осуди, пристрасните мотиви позади тие кривични дела и казните изречени на сторителите;
-Да се осигура дека жртвите на делата од омраза се поддржани и заштитени;
-Да се унапреди обуката на релевантните практичари кои доаѓаат во контакт со жртвите на дела од омраза, притоа овозможувајќи им ефикасно да им помагаат на овие жртви;
-Да се зајакнат превентивните мерки, меѓу другото, и преку рефлектирање на едукацијата за човекови права, наставните планови по историја и релевантните обуки, преземање чекори за едукација на јавноста за вредностите на културната разновидност и инклузија, особено на децата и младите луѓе.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

