Македонија
Хелсиншки: МВР да го истражи новиот случај на полициска бруталност врз Ромка и нејзиниот син во Битола
Само неколку недели по случајот со претепаните Роми од страна на полициски службеници во Битола, ромската организација „Аваја“ вчера сподели информации со јавноста за нов случај во Битола со индикации за полициска бруталност, но и со елементи на реваншизам од страна на полициски службеници. Според „Аваја“, овој пат полицијата употребила прекумерна сила врз повозрасна Ромка и нејзиниот син:
,,Синот на жената бил излезен на пауза од работа за да јаде и не носел маска во моментот поради тоа што јадел, но полицаецот му пристапил за да го легитимира заради тоа што не носел маска на отворено и да го казни (иако мерките сè уште не се усвоени). Личната карта не била со него, па поради тоа неговата мајка mu рекла на полицаецот да ја земе нејзината лична карта. Полицаецот викнал засилување и синот бил приведен заедно со мајката бидејќи таа не сакала да го остави нејзиниот син сам. Откако се качиле во полициското комбе синот и жената биле НАСИЛНО ТЕПАНИ! Додека биле тепани полицаецот им викал “ѓуптини ајде сега снимајте, не ми можете ништо”! Повозрасната жена Ромка се наоѓа во загрижувачка животна состојба! Откако била претепана, морала да интервенира и брзата помош! Жената болна од астма се нашла во состојба да не може да дише поради нападот!!! Жената е моментално под висок стрес и со загрозена здравствена состојба! Нејзиниот сопруг во текот на денот се обидел 3 пати да го пријави случајот во полициската станица, но немало кој да го прими. Во моментов сопругот на жената повторно ќе се обиде да го пријави случајот во полиција во Битола – очекуваме дека полицијата овој пат ќе го прими граѓанинот и ќе преземе соодветни дејствија!!! Воедно загрижувачка состојба е и тоа што имаме повторно обид за прекривање на случајот, со ненавремено постапување и општо непостапување од страна на другите полицајци, што повикува на потреба од сериозни реформи во функционирањето на полицијата!’’-информираше „Аваја“.
Хелсиншкиот комитет и Македонското здружение на млади правници, преку заеднички проект ангажираа адвокат за овој случај. Жената и нејзиниот син не се задржани во притвор и во моментов се чувствуваат добро, но полицијата сè уште одбива да прими пријава.
„Со оглед на загрижувачките индиции, бараме Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи целосно да го истражи овој случај и доколку се потврдат наодите, инволвираните полициски службеници да бидат соодветно дисциплински казнети и доколку има основ, против истите да биде поведена кривична постапка. Исто така, го повикуваме МВР да ги преземе сите превентивни мерки за спречување на непрофесионалниот однос, расното профилирање, полициската бруталност и самоволието при постапувањето кон Ромите и другите категории сиромашни и маргинализирани граѓани, што очигледно е честа практика на полицијата“, велат од Хелсиншкиот комитет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забранет сообраќајот на регионалниот пат Гостивар – село Чегране поради излевање на реката Вардар и обилниот дожд
Во 20.40 часот е воведена забрана за сообраќај на регионалниот пат Р2-233 Гостивар – село Чегране поточно во село Форино, поради излевање на реката Вардар и обилни врнежи од дожд, извести АМСМ.
Сообраќајот се пренасочува од село Чајле кон село Старо Чајле према село Форино.
Воведена е забрана за сообраќај и на локалниот пат од „Тумчевишка Петла“ кон село Тумчевиште и село Чегране, додаваат од АМСМ.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.

