Македонија
Хелсиншкиот комитет: Пандемијата ја продлабочи нееднаквоста на лицата со попреченост
Пандемијата само ги интензивира и ги исфрли на површина проблемите со кои секојдневно се соочуваат лицата со попреченост, нивните родители и лицата што се грижат за нив, а државата сѐ уште заостанува во исполнување на обврските од Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, покажува анализата на Хелсиншкиот комитет за човекови права, која е посветена на ефектите што пандемијата ги имаше врз лицата со попреченост во земјата, а е изработена со поддршка на Фондацијата за демократија на Вестминстер.
Од Хелсиншкиот појаснуваат дека истражувањето е спроведено преку преглед на документи, прашалници до институции и организации и анкета во која учествуваа 219 испитаници, кои се лица со попреченост или лица што се грижат за лица со попреченост.
Дамир Незири, претставник во земјата на Фондацијата за демократија на Вестминстер, посочи дека клучниот елемент од оваа анализа се препораките и обидот да се извлечат заклучоци за тоа како институциите може да ги поддржат и да се грижат за овие граѓани во периодот што следува, но и во однос на долгорочните ефекти по кризата.
Исто така, се утврдило дека мерките за спречување ширење на Ковид-19 и за намалување на ефектите врз граѓаните речиси и да не ги зеле предвид лицата со попреченост. Па, така, овие граѓани се соочиле со предизвици до пристапот до права и услуги, здравствена заштита, социјални услуги, движење, финансии, работни односи и образование.
Извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Уранија Пировска, нагласи дека уште на почетокот на пандемијата беше јасно дека најмаргинализираните ќе ги трпат најстрашните ефекти.
„Институциите, а особено здравствените, беа ставени во служба на борба против пандемијата. Од тие причини, токму луѓето со попреченост се соочуваа со неможност да дојдат до оние здравствени услуги што им се потребни, како рехабилитација, која отсуствуваше, неможност да пристапат кон пунктовите за тестирање, отежнатост на децата со попреченост да ја следат наставата и зголемени финансиски трошоци за лекови и други помагала за да можае да опстанат во време на пандемија“, изјави Пировска.
Многу од испитаниците се соочиле со влошување на работната ситуација преку откази, намалени примања, намалени работни часови и отсуства од работа. Во образовниот процес предизвик била пристапноста на наставата за разните видови попречености и немањето техничка опрема и соодветна поддршка.
Хелсиншкиот комитет нагласува дека оваа криза го продлабочува постојниот јаз и дискриминацијата со која се соочуваат лицата со попреченост. За да се намали штетата од пандемијата, според комитетот, треба итно да се дејствува.
Во претстојниот период е клучно институциите да се фокусираат на обезбедување мерки што ќе ги намалат негативните ефекти од ковид-кризата врз оваа група граѓани и да ги вклучат лицата со попреченост и нивните претставнички организации во процесите на донесување одлуки за политиките и програмите, посочува Хелсиншки комитет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
10.000 денари финансиска поддршка за младите претприемачи од општина Илинден
Општина Илинден, како една од најбрзорастечките општини во регионот, со континуиран раст на локалните економски зони и бизнис секторот, продолжува со активни мерки за создавање поволна бизнис клима и поттикнување на претприемништвото, велат од Општината.
„За таа цел, општина Илинден во 2023 година воведе субвенции за млади претприемачи кои имаат регистрирано трговско друштво со седиште на територија на општина Илинден. Од оваа година, наместо досегашната финансиска поддршка од 6.000 денари за млади до 29 години, општина Илинден овозможува финансиска поддршка од 10.000 денари во времетрање од три години, за сите млади до 35 години кои се активни во занаетчиството или водат мали локални бизниси. Мерката важи од денот на отворање на бизнисот и има за цел поттикнување на младинското претприемништво, самовработувањето и развојот на локалната економија.
Средствата за реализација на оваа мерка во целост се обезбедени од Буџетот на Општина Илинден, што уште еднаш ја потврдува посветеноста на локалната самоуправа кон поддршка на бизнис секторот, претприемништвото и развојот на локалните економски зони“, извести Општината.
Македонија
Ѓорѓиевски: Убава вест за Скопје – набавуваме повеќе од 40 возила за Комунална хигиена
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска информираше за започнување на најобемната инвестиција во јавната чистота во изминатата деценија, со официјален почеток на постапката за набавка на повеќе од 40 нови, современи и специјализирани возила за потребите на ЈП „Комунална хигиена“.
„Со оваа одлука, Град Скопје прави суштински исчекор кон трајно и системско решавање на проблемот со одржувањето на јавната чистота, подобрување на хигиенските услови и обезбедување достоинствено, организирано и ефикасно собирање на отпадот во сите скопски населби.
Проектот се реализира преку координирана соработка со Министерството за транспорт и Светската банка, а дополнително ќе биде поддржан и со сопствени средства на Град Скопје, што јасно ја потврдува силната институционална заложба за здрав, уреден и модерен град“, соопшти Град Скопје.
Македонија
Клиниката „Жан Митрев“ официјално акредитирана како Европски центар за третман на дебелина – EASO Collaborating Centre for Obesity Management (COM)
Центарот за менаџмент на обезност (дебелината) при Клиника Жан Митрев се стекна со престижниот статус EASO Collaborating Centre for Obesity Management (COM) и е официјално акредитиран од Европската асоцијација за проучување на обезноста (EASO) за периодот 2026–2028 година, со што станува признат како водечки центар за третман на обезност на европско ниво. Оваа акредитација претставува највисоко европско признание во областа на третманот на обезноста и се доделува исклучиво на центри кои ги исполнуваат најстрогите медицински, научни и организациски критериуми, во согласност со европските и академските клинички упатства. Процесот на акредитација вклучува темелна евалуација од страна на EASO COM Working Group, која ја потврдува клиничката извонредност, мултидисциплинарниот пристап и долгорочната грижа за пациентите.
Со ова признание, Клиника Жан Митрев станува прв и единствен EASO-COM акредитиран центар во рамки на приватна здравствена установа во целиот Балкански регион, позиционирајќи ја клиниката како регионален референтен центар за современ, интегриран и научно заснован третман на дебелина.
EASO COM акредитацијата е директна гаранција за пациентите дека третманот на обезност во Клиника Жан Митрев се спроведува според највисоки европски стандарди и носи конкретни придобивки: лекување и примена на валидирани клинички протоколи, структуриран пациентски пат и континуирано следење на резултатите. Овозможува пристап до најновите научни достигнувања и современи терапии преку вклученост во европски експертски мрежи, размена на знаења и имплементација на најнови терапевтски пристапи во третманот на обезноста, како и соработка со врвни европски медицински центри во EASO COM мрежата, во креирање европски консензус-насоки и заеднички стручни иницијативи.
Центарот за менаџмент на обезност е раководен од д-р Џулиана Михајловска, специјалист ендокринолог, чија стручност, посветеност и професионализам беа клучни во процесот на стекнување на ова високо европско признание.
Третманот се спроведува преку мултидисциплинарен тим, составен од ендокринолог, генетичар, физиотерапевт, психолог, психијатар, како и други медицински специјалности по потреба, што овозможува сеопфатен, персонализиран и долгорочен пристап кон обезноста како хронично и комплексно заболување.
Со оваа акредитација, Жан Митрев Клиника уште еднаш ја потврдува својата мисија да обезбеди европски стандарди, медицинска прецизност и врвна грижа за пациентите, поставувајќи нови стандарди во современото здравство.
ПР

