Македонија
Хелсиншки: Работодавачите имаат обврска да спречат негативни последици врз здравјето на работниците

Имајќи го предвид прогласувањето на портокалова фаза на територијата на цела држава до 14 август оваа година, Хелсиншкиот комитет за човекови права потенцира дека работодавачите имаат обврска да ги преземат сите мерки со цел да спречат негативни последици врз здравјето на работниците кои се изложени на високи температури. Согласно Акцискиот план за превенирање на последиците од топлотните бранови, се препорачува ослободување од работните обврски на најранливите групи население, како што се – бремените жени и лицата на возраст над 60 години. Дополнително, сите правни субјекти што вршат работи на отворено, а особено градежните работници, треба да ги запрат активностите во периодот од 11 до 17 часот.
Топлинскиот стрес претставува сериозна закана за животот и здравјето на работниците. Оттука, неопходно е да се спроведат проверки на соодветноста на вентилацијата и климатизацијата на работните места, да се обезбеди минимум една климатизирана просторија, каде вработените можат да се разладуваат во текот на работата и да има почести паузи во текот на работата со доволно разладени течности за пиење. Хелсиншкиот комитет препорачува значително да се намали интензитетот на работа и нормите во производството, да не се дозволува прекувремена работа и да има прекин на работата при потреба. Ги поттикнуваме работниците и сите граѓани да пријават непочитување на препораките, или доколку забележат симптоми на топлотен удар кај работниците.
„Во исто време апелираме до работодавачите да обезбедат соодветни лични заштитни средства, да се запознаат работниците со ризикот на работното место од високи температури и да се посвети посебно внимание и надзор при работа со хемиски материи поради поголема опасност од интоксикација. Хелсиншкиот комитет за човекови права се обрати до Државниот инспекторат за труд и побара да ги зголеми своите теренски контроли во овој период со цел утврдување и казнување на неправилностите. Сите оние кои сакаат да пријават непочитување на препораките, можат да се јават во Државниот инспекторат за труд на 02 311 6110″, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Постои сомнеж дека пожарот во Дрисла е подметнат

Скопската противпожарна бригада со сити сили се обидува да го локализира пожарот во депонијата Дрисла. Направен е противпожарен појас за да не се дозволи на огнот да тргне кон блиската трева, грмушки и шума од горната страна на депонијата., информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Како што додаде, постојат сомненија дека пожарот бил предизвикан намерно.
„Ќе потсетам само дека летово имавме рекордно високи температури но Дрисла не се самозапали“, рече Ангелов.
Противпожарните возила и дополнителните цистерни од „Комунална хигиена“ интервенираат на терен, а пожарот сè уште не е целосно локализиран.
Командантот на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, Звонко Томевски посочи дека станува збор за посериозен пожар од поголеми размери, при што постоела опасност огнот да се прошири.
Македонија
Филипче од Париз: Потребен е проактивен пристап и политички консензус за напредок кон ЕУ

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во рамки на еднодневната работна посета оствари повеќе средби со високи француски политички претставници, на кои во фокусот на разговорите беа реформската агенда и предлог Резолуцијата на СДСМ, како гаранција за заштита на националните интереси и решение за деблокирање на преговите со ЕУ.
Филипче одржа работна средба со пратеничката и потпретседателка на групата за пријателство Франција – Северна Македонија во француското Собрание, Лилиана Танги, со шефот на Канцеларијата за соседство, проширување и одбрана при Генералниот секретаријат за европски прашања, Жозеф Жустиниани, како и со директорот за Континентална Европа при Министерството за Европа и надворешни работи, Брис Рокфеј и со специјалниот претставник за Балканот, Рене Троказ.
На состаноците беше истакната поддршката од Франција во процесот на евроинтеграција, но и потребата од брзи резултати во исполнување на обврските и работа на реформите.
Филипче ги презентираше позициите на СДСМ и истакна дека партијата има проактивен пристап и работи на решенија за деблокирање на евроинтеграцискиот процес. Тој нагласи дека во завршна фаза е подготовката на Резолуцијата, со која ќе се потврдат националните црвени линии – македонскиот јазик, култура и идентитет, како и механизми за справување со евентуални непринципиелни барања што излегуваат надвор од Преговарачката рамка.
Во разговорите беше потенцирано дека во Европската Унија постои јасен консензус за проширувањето, и дека тоа е можност која Македонија мора да ја искористи. Француските претставници пренесоа очекувања дека нашата земја треба да направи напредок во евроинтеграцискиот процес, како што тоа веќе го прават државите од регионот, особено Албанија и Црна Гора.
Македонија
Пожар на депонијата Дрисла, Ангелов смирува дека не е алармантно, но е сложено поради хемиските процеси

Пожар избувна на депонијата Дрисла.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, рече дека пожарот не е алармантен, а скопската противпожарна бригада работи на негово гаснење.
Сепак, како што објаснува Ангелов, гаснењето на било која депонија е сложен процес поради хемиските и биолошките процеси кои се одвиваат во внатрешноста на депонијата како резултат на кои се создаваат запаливи гасови.
(Фото: илустрација, архива)