Македонија
Хелсиншки: Ромите како ранлива група, многу често се жртви на повеќекратна дискриминација
Хелсиншкиот комитет констатира дека во нашата држава, расната дискриминација е директно или индиректно насочена кон граѓаните припадници на ромската заедница. Според податоците на Комитетот, Ромите како ранлива група, многу често се жртви на повеќекратна дискриминација и имаат ограничен пристап до социјални, здравствени и образовни услуги.
„Уште еднаш, ја потенцираме нашата заложба и посветеноста во борбата против нееднаквиот статус и третман во Република Северна Македонија, насочени кон потполна елиминација на расната дискриминација и ги повикуваме сите граѓани кои се чувствуваат дискриминирани по која било основа, тоа да го пријават во Хелсиншкиот комитет“ се наведува во извештајот.
Високиот комесар за човекови права на Обединетите нации, Мишел Бачелет, во нејзиниот говор по повод Меѓународниот ден за елиминирање на расната дискриминација, порача дека сите човечки суштества се раѓаат слободни и еднакви во достоинството и правата и дека сите можеме да придонесеме кон развојот и добросостојбата на општеството.
„Меѓународниот ден за елиминирање на расната дискриминација е можност за сите нас да повториме дека секој ден во годината ќе се бориме да ставиме крај на расизмот, расната дискриминација, ксенофобијата и нетолеранцијата. Денес, во многу делови од светот, сведоци сме на пораст на движења засновани на идеи за расна супериорност кои ги демонизираат мигрантите и малцинствата. Ваквиот национализам ги зајакнува поделбите, поттикнува насилство и го прави општеството помалку безбедно. Можеш да се грижиш за својата земја и сепак да се грижиш за светот. Можеш да се грижиш за својата заедница и за своето семејство, а истовремено да ја почитуваш различноста на другите“ истакна Бачелет.
Генералното собрание на Организацијата на Обединетите нации (ООН) во 1966 година го прогласи 21 март како меѓународен ден за елиминирање на расната дискриминација. На тој ден во 1960 година, полицијата во Шарпвил, Јужна Африка убила 69 луѓе на мирен протест за укинување на сегрегацијата и против апартхејдот како официјална политика.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерството за здравство ги кани на соработка нашите лекари кои работат во странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.

