Македонија
Хелсиншки: 78 отсто од жртвите на физичко насилство се жени
Жените во Македонија сè уште се соочуваат со дискриминација по основ на пол и род во сите општествени процеси, без притоа да имаат заштита на своите права. Tекстилните работнички, жените од руралните средини, жените Ромки, жените жртви на насилство, жените со попречености, спаѓаат меѓу најранливите групи во нашето општество за кои државата не презема суштински мерки кои би го подобриле нивниот социјален и општествен статус, велат од Хелсиншкиот комитет за човекови права.
„78 отсто од жртвите на физичко насилство се жени, а 98 отсто од сторителите на семејно насилство се мажи. Од 2008 до 2016 година регистрирани се 70 фемициди, од кои 15 се случиле само во периодот од 2013 до 2016. Над три четвртини од случаите на семејно насилство не се пријавени во ниту една јавно достапна служба. Најчестата причина поради која девојчињата го напуштаат училиштето се малолетничките бракови. 81 процент од вработените во текстилната, кожарската и во чевларската индустрија се жени и тие се едни од најниско платените работнички со 35 отсто пониска просечна плата од просечната плата на државно ниво“, укажуваат од Хелсиншки.
Како што се наведува во соопштението, ратификувањето на конвенцијата на Советот на Европа за превенција и борба против насилството врз жената и семејното насилство, позната како истанбулска конвенција, претставува најзначајниот чекор што оваа Влада го направи во борбата со насилството врз жените и домашното насилство. Но, потсетуваат дека изминатиот период бевме сведоци на неколку случаи на насилство врз жени, вклучително и сексуално насилство врз малолетно девојче, штитеник на Јавната установа за згрижување деца со воспитно-социјални проблеми „25 Мај“, кои претставуваат само примери на целосно нефункционалниот систем за грижа и заштита на жените и девојчињата. „Од овие причини бараме државата итно да започне со промена на законската рамка и собирање статистички податоци за регистрирање на сите форми на родово базирано насилство, да обезбеди сервиси за жените и девојчињата жртви на насилство и да им обезбеди заштита на сите жени чии права секојдневно се прекршуваат“, велат од Хелсиншкиот комитет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Македонија
Агресивен карцином кај 10-годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.

