Македонија
Хеско: ДПМНЕ не направи ништо за Велес, време е да им го вратиме градот на граѓаните
Кандидатката за Градоначалничка Маја Хеско, од трибината во Велес, ја презентираше својата програма , со која вели дека Велес повторно ќе стане град каков што заслужуваат жителите, спротивно на она што денес е реалната слика на градот.
„Велес е запоставен и заборавен од централната власт, поминува низ тешка криза и веќе сериозно заостанува во развојот во споредба со околните општини како Штип и Кавадарци, иако некогаш беше далеку пред нив. Запуштен, заборавен, нечист, со сообраќаен хаос, загадена животна средина, со запуштени паркови и со градоначалник кој го шминка само централното градско подрачје, а ги запоставува останатите делови од градот и селата“, рече Хеско.
Таа потенцираше дека сегашниот градоначалник за четири години не асфалтираше ниедна педа од улиците во индустриските зони, не направи ниту еден метар водоводни и канализациски мрежи, а проекти кои ги наследи со обезбедени европски средства не успеа да ги заврши до крајот на мандатот.
„Оваа власт лажеше и не направи ништо. Велес назадува, младите ни бегаат, градот се гуши во загадување, а селата се напуштаат. Граѓаните не смеат да ја повторат истата грешка како на парламентарните избори, кога дозволија разни неранимајковци, кои ги делат граѓаните на патриоти и предавници, да ги прелажат со лажен патриотизам и евтин популизам“, порача Хеско.
Против овој тренд на занемареност, пропаѓање и манипулации од власта, Хеско ја претстави својата визија и план за Велес.
„Имам конкретен план и програма, кои се амбициозни, но со макотрпна и чесна работа се остварливи. Ќе работам со висок интегритет, чесно и одговорно, за сите граѓани, без поделби.“
Во програмата на Хеско за градот се вклучени крупни и долгорочни проекти, како изградба на нова комунална инфраструктура, инвестиции во образованието, грижа за старите лица, дигитализација на општинските услуги, воведување јавен превоз со еколошки возила, реконструкција на спортските објекти, спас на езерото Младост, инфраструктурна револуција со мостови, заобиколници и урбано ширење на градот.
Таа истакна дека ќе биде Градоначалничка на сите граѓани, без разлика дали гласале за неа или не, без поделби по партиска, етничка, религиска или социјална припадност.
„Да се бориме за нашиот дом. Заедно до победа. Заедно, до првата жена Градоначалник на Велес“, порача Маја Хеско.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Костовски: Левица гласаше против поликлиника, водовод, мостови, финансиска помош за новороденчиња
Левица Бутел тргна цврсто по стапките на ДУИ во општина Бутел, отворено гласаше против се што ќе набројам, пишува градоначалникот Дарко Костовски на социјалните мрежи.
„На седница за буџет, советникот на Левица Бутел гласаше против:
-Нова поликлиника
-Доизградба на водоводот за Љубанци и Љуботен
-Традиционален турнир во Баскет во Радишани
-Традиционален турнир во фудбал за загинати бранители во Љубанци
-Нов мото собир во Бутел
-Детска градинка во населеното место Бутел 2
-Нова фасада на ООУ СВ Климент
-Изградба на пливачки затворен базен во ООУ “Ацо Шопов”
-Нови мостови на река Серава во Радишани
-Уредување и чистење на речното корито на Река Серава
-Финансиска помош за новороденчиња
-Реконструкција на клучните сообраќајници во општина Бутел
-Реконструкција и ревитализација на голем број на помали сервисни улици
-Изградба на нова и реконструкција на постоечката атмосферска и фекална канализација
-Изградба на нови спортско рекреативни центри
-Радишани
-Бутел 1, два спортски центри
-Нови детски игралишта
-Нови спортски игралишта
-Нов пешачки и пристапни патеки
-Поддршка на спортски клубови
-Спортски стипендии
-Парична помош за пензионерите
-Зголемен број на финансиски средства за помош на социјално загрозени семејства
-Финансии за културни и спортски настани
Добро е и тие малку граѓани што гласаа за Левица во Бутел да видат за што гласале, тој глас полека директно се претвара во глас за ДУИ. Одговорно тврдам.
Се надевам ова ќе ми биде последниот статус кога ќе направам равенство помеѓу Левица и ДУИ. Дека последен пат ќе се сомневам дека соработуваат. ДУИ ги интересира само згради во Бутел и тоа веќе на сите е јасно, Левица нема “причина” да биде неразумна !
Давам можност и време да се вразумат. Искрено го правам тоа.
Бутел ќе се развива се повеќе, и ќе се чува се повеќе, нема да дозволам бандити пак да ја водат општината. Затоа што народот јасно покажа каде да се движиме“, додава Костовски.
Македонија
Ведро, но студено утро време, сончев ден со северен ветер
Времето утре наутро ќе биде ведро и многу студено, преку денот сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -9 до -2, а максималната ќе достигне од 5 до 12 степени.
Во Скопје, сончево со мала облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 6 степени, јавува УХМР.
Во наредните денови времето ќе биде стабилно и студено со ниски утрински температури кои насекаде ќе бидат негативни и наместа ќе се спуштат до -10 степени. Преку денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец.
Македонија
Утре прекин на водоснабдувањето во Маџир Маало
Од ЈП „Водовод и канализација“ информираат дека утре (29 декември 2025 година, понеделник) поради изведување на водоводен приклучок Ф200 мм на улица Титовелешка б.б., ќе има прекин во водоснабдувањето.
Без вода ќе останат корисниците од населбата Маџир Маало, на подрачјето на Општина Центар.
Прекинот ќе започне од 10:30 часот и ќе трае до завршување на работните активности, соопштуваат од јавното претпријатие.
Фото: pexels

