Македонија
Хор од 120 ученици ќе го најави осветлувањето на новогодишната елка во центарот на Скопје
Осветлувањето на новогодишната елка на плоштадот Македонија во Скопје, закажано за утревечер (7 декември) во 19 часот, ќе го означи почетокот на новогодишното празнување во главниот град.
На осветлувањето на новогодишната елка ќе присуствува и градоначалникот Петре Шилегов, кој ќе ја отвори и новогодишната населба Винтерленд, која, како што наведуваат до Град Скопје, дополнително ќе придонесе за празничниот амбиент во градот во пресрет на новогодишните и божикните празници.

„Осветлувањето на елката ќе го придружува настап на средношколски хор составен од 120 ученици од девет средни училишта од Скопје – ‘Никола Карев’, ‘Раде Јовчевски – Корчагин’, ‘Јосип Броз Тито’, ‘Орце Николов’, ‘Кочо Рацин’, ‘Васил Антевски – Дрен’, ‘Владо Тасевски’, ‘Зеф Љуш Марку’ и ‘Панче Караѓозов’, кои околу половина час ќе изведуваат божикни песни. Средношколците на плоштадот Македонија ќе пристигнат придружувани од членовите на Градскиот дувачки оркестар, кој ќе изведе парадно концертирање од Старата железничка станица, па по улицата Македонија, сè до плоштадот Македонија“, се наведува во соопштението.
Градските власти појаснуваат дека просторот околу елката е уреден како новогодишна населба со украсени куќички во зимски амбиент и катчиња за игра и смеа. Во населбата со име Винтерленд (Зимска земја) ќе има и мала сцена на која секојдневно ќе се организираат настани што ќе имаат цел да го привлечат интересот на сите граѓани, без разлика на возраста.
„Ќе има и топ за создавање вештачки снег, со што ќе се дополни зимската слика. Во населбата ќе има катчиња за детски игри, како и разновидни содржини од новогодишен карактер. Просторот околу елката, пак, ќе биде организиран како дел за храна и пијалаци, каде што граѓаните ќе може да седнат и да уживаат во понудата на околните куќички“, истакнуваат од Град Скопје и воедно ги повикуваат сите граѓани да дојдат на плоштадот за заеднички да ја почувствуваат новогодишната магија.
Во центарот на градот ќе има и официјална празнична програма, чиј почеток е најавен за 15 декември.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

