Македонија
Христијаните утре го одбележуваат Велики петок, денот кога Исус бил распнат
Утре христијаните ќе го одбележат Велики петок, денот на Христовото страдање, кога Исус беше осуден и распнат на крст, жртвувајќи се за сите луѓе и спасението на светот.
Велики петок е најтажниот ден за Христијаните кога се сеќаваат на настаните што му претходеле на Христовото распнување.
Ден на голема жалост, но и вовед и подготовка за Велигден, кој е најголемиот христијански празник.
Тој ден православните верници строго постат, повеќето денот го поминуваат само со сув леб и вода.
Велики петок е денот кога Римјаните го осудија Исус Христос на смрт, на поттик на еврејските свештеници и фарисеи.
Во знак на тага и жалост, црковните ѕвона не бијат на Велики петок почнувајќи од бдение на Велики четврток. На Велики петок наутро се читаат „Царските часови“.
Боење јајца за Велигден е еден од најстарите христијански обичаи и го симболизира денот кога Марија Магдалена дошла во Рим да го проповеда евангелието. Таа стигнала и до царот Тибериј, на кого му донела на подарок кошница со јајца.
Царот не верувал во Христовото воскресение и рекол дека тоа ќе биде како белите јајца во кошница да ја менуваат бојата. Марија Магдалена рекла: „Христос воскресна и сите јајца во корпата станаа црвени“.
Црвената боја е симбол на радост и воскресение, а првото црвено јајце се чува до следниот Велигден како „чувар“, заштитник на семејството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

