Македонија
Хуманитарен пикник за вработените во „Алкалоид“: Донирани околу 1,8 милиони денари за лицата во третата доба
Поттикнати од вредностите кои ја обликуваат корпоративната култура на „Алкалоид“, преточени во хуманост, солидарност и во грижа за заедницата, над 4.000 вработени, членови на нивните семејства и пријатели на компанијата ја продолжија хуманата мисија, која единаесетти пат се спроведува под закрила на Фондацијата „Трајче Мукаетов“.
Хуманоста е силата што ги подигнува луѓето, оваа година визуализирана преку симболиката на балон со топол воздух, илустриран на специјално дизајнираните маички за овој повод, преку кои вработените на „Алкалоид“, членовите на нивните семејства и/или нивните пријатели собраа околу 1,8 милиони денари, кои ќе му бидат донирани на Црвен крст на Град Скопје, а ќе се наменат за поддршка на социјалните сервиси за стари лица.
„Постарите лица, чија мудрост и животно искуство заслужуваат почит, внимание и поддршка, се вреден дел од општеството. Со нашата помош на активностите и иницијативите на Црвен крст на Град Скопје насочени кон социјалните сервиси за лицата во третата доба, веруваме дека заедно можеме да создадеме услови староста да биде период исполнет со достоинство, сигурност и човечка топлина. Хуманоста е силата што ги подигнува луѓето, а токму затоа преку оваа поддршка сакаме да им помогнеме на постарите лица да се издигнат над предизвиците и да имаат поисполнет и поквалитетен живот“, истакна Живко Мукаетов, Генерален директор/Претседател на УО на „Алкалоид“ и Претседател на Фондацијата „Трајче Мукаетов“.
Секретарот на Црвен крст на Град Скопје (ЦКГС) Сузана Тунева-Пауновска истакна: „Една од мисиите на ЦКГС е да им помогне на лицата во третата доба да имаат достоинствена и безбедна старост. Нивните предизвици се големи – осаменост, намалена мобилност или финансиски тешкотии – но затоа сме тука ние. Преку домашните посети, уредот Итно копче, санитетскиот транспорт и преку дневните центри за активно стареење им овозможуваме поддршка, сигурност и соодветна грижа. Но, оваа наша мисија не би можела да се реализира без силни и посветени партнери. Со ’Алкалоид’ знаеме дека не сме сами – нивната поддршка ни овозможува да продолжиме со поголема храброст и енергија и да реализираме повеќе активности, акции и
иницијативи. Заедно можеме повеќе!“.

Во насока на вредностите кои ја обликуваат корпоративната култура на „Алкалоид“, преточени во
хуманост, солидарност и грижа за заедницата, компанијата има воспоставено долгогодишно
хуманитарно партнерство со Црвен крст, поддржувајќи ја оваа хуманитарна организација како во
делот на социјално-хуманитарната дејност и справувањето со кризи и катастрофи така и на полето на крводарителството.
Првиот хуманитарен пикник на „Алкалоид“ под закрила на Фондацијата „Трајче Мукаетов“ е
одржан на 3 септември 2011 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

