Македонија
Хуманитарна акција ги спои најголемите спортисти во Македонија
Хуманитарната природа на спортот ги спои најголемите спортисти во Македонија за една добра и доблесна цел на акцијата „Шампионите за вас“, која е во склоп на „Проект Среќа“ и „Здраво, шампиони“, која трае веќе неколку месеци, а ќе заврши со делење на опремата на крајот на август пред почетокот на школската година.

„Ова што денес го правиме не е само за спортска опрема и членарини, туку за да им го поплочиме патот кон иднината на децата што сега се во социјален ризик. Преку спортот и благодарение на овие легенди што се дел од настанот децата во социјален ризик од Македонија ќе може да спортуваат и да стануваат дел од клубови за спорт што ќе ги учат на тоа како преку дисциплина, тимска игра, самомотивација и поставување сопствени цели може да постигнеш сѐ што сакаш во животот. Оваа патека, по која тие веќе тргнаа, ќе им покаже како и тие да станат шампиони и баш поради тоа нам ни е повеќе од драго што спортските ѕвезди го прават ова за иднината на нашето општество, децата и најмалите“, вели Кристина Арнаудова, претседател на „Проект Среќа“.

За време на „Шампионите за вас“ сите што дојдоа донираа најмалку по 100 денари и за тоа добиваа купон со кој присуствуваа на настанот и се дружеа со спортските ѕвезди, кои воедно потпишуваа и топки чија продажба дополнително влезе во донаторската каса.
Кошаркарите Перо Антиќ и Едина Муса, ракометарите Дејан Манасков, Филип Миркуловски и Филип Кузмановски, рели-возачот Игор Стефановски – Иџе и каратистите Дејан Недев и Алјоша Недев се вклучија и со тоа што донираа дел од своите лични предмети што ќе бидат дел од онлајн-аукција. Од дресови носени на европските првенства преку златни медали до првата награда што некогаш ја добила Едина Муса, и тоа потпишани и подготвени за наддавање.

„Проект Среќа“ соработува со основните и средните училишта и со установите што згрижуваат деца. Се пријавија 340 деца и за сите ќе се обезбеди спортска опрема и членарина благодарение на вниманието и трудот што го овозможуваат македонските шампиони. Неговиот успех се должи и на големата поддршка од спонзорите и партнерите и главниот покровител, Агенција за млади и спорт.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

