Македонија
Цаноски: Тони Трајковски ми рече да ги тргнам телефоните и дека има наредба од горе
Во кривичниот суд во Скопје продолжи доказната постапка во предметот на специјалното јавно обвинителство – ТНТ. На денешното судење присутните во судницата ја гледаат видеоснимката од надзорната собраниска комисија при Комисијата за транспорт, врски и екологија од октомври 2011 година.
На снимката се гледа дека на почетокот на седницата, пратеникот Јани Макрадули се јавува процедурално и вели оти реагира на забраната што ја издал Жарко Денковски, генералниот секретар на Собранието, да се прави директен ТВ-пренос од надзорната собраниска расправа за уривањето на станбено-деловниот комплекс „Космос“.
Фијат Цаноски, како присутен на седницата, го прашува обвинетиот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски, дали е точно дека на средба со него му рекол дека сè е легално.
На следната средба Трајковски му побарал на Цаноски да ги исклучи телефоните и му рекол дека за уривањето има наредба: „Ми рече да ги тргнам телефоните и дека има наредба од горе“, рече Цаноски во судот.
Предметот ТНТ е за уривање на станбено-деловниот комплекс „Космос“. Меѓу обвинетите се и поранешниот премиер Никола Груевски, ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и поранешниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски. Според обвинението на СЈО, обвинетите во 2011 година сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на комплексот на Фијат Цаноски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Неколку скопски општини денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека за денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина:
· од 06:00 – 10:00 часот, корисниците од ул. Пајак и ул. Наум Наумовски Борче. (Општина Центар)
· од 08:00 – 12:00 часот, дел од корисниците од ул.Пејо Јаворов (општина Кисела Вода)
· од 09:00-11:00 часот корисниците од улиците со бр. 406 и бр, 408 во с. Марино. (Општина Илинден)
· од 09:00-15:00 часот корисниците од улица со бр. 101 во нас. Волково. (Општина Ѓорче Петров)
· од 09:00-15:00 часот корисниците од улиците Индира Ганди, Брсјачка Буна, Овчеполска, Пелагонија, Демирхисарска, Сландол, Хаџи Јован Шишков,Злетовска, Тиквешка и ул.Нов Живот. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Претежно облачно, попладне и кон крајот на денот повремен дожд
Променливо облачно, попладне и во текот на ноќта ќе има повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини врнежи од дожд и снег. Ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 6, а максималната ќе достигне од 6 до 12 степени.
Во Скопје, претежно облачно, попладне и кон крајот на денот ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува период на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Ќе дува умерен, повремено засилен јужен ветер што ќе услови до недела релативно високи температури. Од недела попладне ќе започне да дува северен ветер и температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
Магла на неколку патни правци, слаб снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Слаби врнежи од снег на Попова Шапка без задржување на коловоз. Намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 100 метри, Стража до 80 метри и кај Крушево до 30 метри, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

