Македонија
Царинската управа: Мобилен тим спречи шверцување два тона месо штетно за здравјето на граѓаните

Мобилен тим на Царинската управа викендов спречи шверцување два тона месо штетно за здравјето на граѓаните. Превозникот, воедно и сопственик на транспортното возило, месото не го пријавил со царинска декларација, а за него не поседувал ниту ветеринарен сертификат. По поднесената кривична пријава, донесена е и пресуда за сторено кривично дело, шверцување стока.
„Имено, во саботата на царинска филијала на Богородица на влез во државата се пријави товарно возило со грчки регистарски таблички, за кое со царински документ беа пријавени 28 колети вода, пити, салати и пиперки. Заради извршување детален преглед, возилото е пренесено во јавен царински склад, каде што по почнувањето на прегледот, превозникот изјавил дека има и друга непријавена стока, замрзнато свинско месо, чија вредност во согласност со дополнително приложените документи изнесува 11 илјади евра.
Случајот е преземен од страна на инспекторите во Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги, кои поднесоа кривична пријава до Основниот кривичен суд во Гевгелија, каде што е донесена пресуда за сторено кривично дело шверцување по член 278 од Кривичниот законик.
Царинската управа во согласност со своите приоритети во континуитет спроведува акции за сузбивање сите форми на криминал грижејќи се за безбедноста на граѓаните“, велат од Царинската управа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски ќе се сретне со Орбан во Будимпешта

Премиерот Христијан Мицкоски в петок ќе присуствува на CPAC конференција во Будимпешта, Република Унгарија, соопшти владината прес-служба.
Мицкоски во рамки на посетата ќе се сретне со унгарскиот премиер, Виктор Орбан.
Македонија
Сојузниците од НАТО треба да трошат по 5 отсто од БДП за одбраната, му рекол Рубио на Муцунски

Државниот секретар на САД, Марко Рубио на средбата со шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски, нагласил дека е неопходно сојузниците во НАТО да дадат поддршка и да постигнат 5 отсто издвојување за одбраната, соопшти Стејт Департментот во соопштение по средбата.
Двајцата ја потврдиле силната врска меѓу Соединетите Американски Држави и Северна Македонија и ги истакнале заедничките интереси во однос на регионалната стабилност, економската соработка и НАТО.
Тие разговарале и за можностите за проширување на економската соработка, вклучувајќи ја трговијата и инвестициите.
Муцунски по средбата соопшти дека е потврдено стратешкото партнерство со САД, а нашата држава продолжува да дава активен придонес како кредибилен сојузник, со инвестиции повеќе од 2 отсто од БДП во одбранбениот сектор.
Македонија
Не се глупирајте, му порача Арсовска на Изет Меџити

Кажете колку пари земавте за нелегалните објекти и не се глупирајте, му порача градоначалничката Данела Арсовска на вицепремиерот, Изет Меџити, кој претходно денес и’ најави кривична пријава.
Меџити ја нарече Арсовска инструмент за остварување на планот на ДУИ за дестабилизација преку општините, на што градоначалничката реагираше преку Фејсбук статус попладнево.
„Изет изјавил дека ќе сум ја дестабилизирала државата. Изет, единствена дестабилизација од мене ќе добиете ти и твојот измеќар Висар што ти ги потпишувал незаконските дивоградби за кои луѓе ви платиле милиони евра, а сте ги лажеле дека ќе можат да ги легализираат. Не се глупирајте, ви ја знаеме играта, ви ги знаеме лагите, знаеме кога се обидувате да манипулирате со јавноста и да ја дефокусирате. Како тоа секогаш кога некој ќе ви чепне во криминалот тоа е „обид за дестабилизација“? Каква е таа матрица на ВМРО-ДПМНЕ и измеќарите од ВЛЕН? Секогаш кога се во тесно, кога флагрантно се фатени со „рачињата во медот“, тоа било обид за дестабилизација. Каква дестабилизација? Што ќе се дестабилизира? Ќе ви кажам јас што. Единствено нешто што ќе се дестабилизира од откривањето на криминалот со дивоградбите во Чаир е вашата комоција и прилив на нелегални пари. Тоа ќе биде дестабилизирано. Кажете колку пари земавте за нелегалните објекти, не се глупирајте“, напиша Арсовска.
Меџити претходно ѝ порача на Арсовска да се занимава со своите надлежности и најави и пријава против неа за, како што рече, лажни тврдења во врска со објектот во Чаир пред кој се сликала и го објавила. Меџити овој случај го квалификува како „последен обид и план на Ахмети за дестабилизација преку општините“.