Македонија
Царовска: Владата инвестира во детската заштита
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, министерот за здравство, Венко Филипче, и претставникот на Уницеф, Бенџамин Перкс, учествуваа на дебата на тема „Колку државата инвестира во децата? Образование, социјална заштита и здравство“. Настанот беше во организација на Институтот за економски истражувања Finance Think и политики и Канцеларијата на Уницеф.
„Оваа Влада освен што инвестира повеќе пари во детската заштита, посветено работи и на подобрување на условите за згрижување на деца од предучилишна возраст, дури и во општините кои со години беа запоставувани. Дел од руралните места, како што се Зрновци, Караслари, Врапчиште и многу други за првпат добија детски градинки. Децата ќе бидат згрижени на само неколку чекори од нивните домови и повеќе нема да треба секојдневно да поминуваат километри за да одат во градинка“, рече Царовска.
Министерот за здравство, Филипче, во име за севкупната здравствена политика во земјава, грижата за децата и нивното здравје, ги потенцираше како приоритет на Министерството, но и на државата.
„Секако дека вложувањето во здравјето и благосостојбата на децата е вложување во општеството, вложување во здрава иднина. Почнавме од почеток, таму каде децата се раѓаат. Условите на клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК) ги доведовме на ниво каде новороденечката смртност е намалена за 8 процентни поени или од 25 на 18 отсто, и тоа за само неколку месеци. Ги подобруваме условите секаде каде има деца на лекување, купуваме нова опрема, образуваме и вработуваме кадар. Најголем проблем е што наследивме систем со голем дефицит на матични лекари, гинеколози и друг лекарски кадар. За жал со години не се распишувале специјализации за педијатри. Од оваа дупка во здравствените политики, каде немало вложување ниту во кадар ниту во капацитети, од најмалку една деценија, сега мора да најдеме начин како тоа да го надминеме, а притоа да создаваме модерно и одржливо здравство. Со измените во Законот за здравствена заштита, со укинувањето на паралелниот увоз на лекови, воведување на три нови видови инсулини, зголемување на бројот на инсулински пумпи, зголемување на буџетот за набавка на лекови за лицата со ретки болести, ние почнавме нова битка за подобра здравствена заштита кај децата“, рече министерот Филипче.
Министерството за труд и социјална политика неодамна обезбеди 30 милиони евра од Светската банка, од кои 16 милиони се наменети за изградба на нови градинки и проширување на постоечките, обезбедувајќи простор за нови 7 000 деца. Паралелно, како што најавуваат од Министерството, ќе се зголемува и бројот на вработени со што се очекува во наредните четири години застапеноста на децата од 35 проценти да се зголеми на 50 отсто. Паралелно со инвестициите во инфраструктурата, се инвестира и во подобрување на квалитетот на предучилишното образование, се работи на нов систем на лиценцирање и унапредување на квалитетот на програмите во градинките.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Европа не може да биде целосно безбедна се додека Западен Балкан е надвор од Европската Унија
Без поцврста и поодлучна ЕУ, Балканот останува простор каде што надворешните сили ќе продолжат да ја тестираат својата моќ, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свеченото отворањето на Меѓународната конференција на Паневропската унија на Македонија, што се одржа во претседателскиот Кабинет во присуство на бројни дипломатски претставници и странски гости.
Говорејќи меѓу раскошните мозаици на Глигор Чемерски коишто сведочат за историски вкоренетиот македонски удел во европската култура и цивилизација, Сиљановска-Давкова истакна дека како што секое камче е неопходно за стабилноста на мозаикот, така и Западниот Балкан е неопходен дел од европската целина, без кој ЕУ останува ранлива во услови на геополитички предизвици, војни и хибридни закани.

Во обраќањето таа потсети на визијата на Рихард Куденхоф-Калерги за обединета Европа изградена врз вредности, како и на заложбите на Ото фон Хабсбург за надминување на поделбите и интеграција на народите од Централна, Источна и Југоисточна Европа.
Претседателката укажа дека денес постојат нови, политички бариери што ја држат земјата во состојба на продолжена неизвесност и покрај децениските реформи и направените тешки компромиси.

Според неа, македонските граѓани одамна ја покажале својата цврста определба за европската иднина и не им се потребни сожалувања и post-festum извинувања, туку навремени, ex-ante решенија за деблокада на евроинтеграцијата.
Таа повика на обновена политичка волја и лидерство што ќе го заокружи процесот на проширување.
На свеченото отворање на конференцијата се обратија: претседателот на Паневропската унија на Македонија, Андреј Лепавцов, претседателот на Меѓународната паневропска унија, Паво Баришиќ, австрискиот амбасадор, Мартин Памер и Штефан Хабек претставник од Паневропската унија на Австрија и Институтот на регионите на Европа.

Паневропската унија на Македонија е формирана 1993 година и се залага за промоција на европските вредности и меѓународно лобирање за интеграција на државата во Европската Унија.
Македонија
Перински: Македонија и Унгарија ги зајакнуваат врските во делот на регионалниот развој и ЕУ политиките
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на покана на министерот за регионален развој и јавна администрација, Tibor Navracsics, оствари еднодневна работна посета на Унгарија, насочена кон продлабочување на билатералната соработка и зајакнување на партнерството меѓу двете држави.
Во фокусот на разговорите беше размената на искуства за поефикасно и целосно искористување на програмите на Европската Унија, како и поддршка на вклучувањето на Македонија во нови европски програми. За Министерството за локална самоуправа, оваа соработка има особено значење во насока на унапредување на регионалниот развој, пренесување на знаење со цел зајакнување на институционалните капацитети и пристапот до европски фондови.

Во рамки на посетата, министерот присуствуваше и на отворање на изложба во Центарот за дигитални искуства (CODE), каде што свое обраќање имаше министерот за култура и иновации на Унгарија. Центарот е формиран во рамки на програмата „Веспрем–Балатон 2023 – Европска престолнина на културата“ и има за цел да отвора нови можности за културна размена преку дигитални и интерактивни содржини.
Останатиот дел од агендата беше посветен на посети на неколку значајни локации во округот Веспрем, при што беа разменети мислења и искуства за локалниот и регионалниот развој, како и за актуелните општествени процеси. Во тој контекст беа допрени и теми поврзани за начините за зголемување на атрактивноста на регионите, како и мерките за поттикнување на општините кон поголема самоодржливост и ефикасно користење на сопствените развојни потенцијали.

Посетата претставува уште еден чекор кон продлабочување на меѓусебната соработка и размена на добри практики во области од заеднички интерес.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, наместа со услови за провејување на слаб снег
Утре променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.Ќе дува умерен, a долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 4 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
За време на викендот ќе дува засилен ветер од северен правец, а утре ќе има услови за провејување на слаб снег.
Од недела следува период на стабилно време со високи дневни температури.

