Македонија
Царовска во Кочани: Успешно функционира онлајн наставата
Министерката за образование и наука, Мила Царовска, и градоначалникот Николчо Илијев денес посетија неколку училишта во Кочани и имаа работна средба со директорите од образовните установи во градот. Министерката Царовска истакна дека Општина Кочани за исклучително краток период успеа да ја прилагоди наставата на условите коишто ги наметна пандемијата со Ковид-19, но и да продолжи со реализација на започнатите инфраструктурни инвестиции во образованието, како што се спортските терени во дворовите на СОУ „Љупчо Сантов“ и ОУ „Малина Попиванова“.
„Од она што можев да го видам на терен во средното училиште, онлајн наставата тече без проблеми. Директорот и градоначалникот ме информираа дека навреме имаат обезбедено интернет-конекција и ИТ-уреди за наставниците и дека поголемиот дел од учениците ја имаат потребната опрема. Исто така, без потешкотии се спроведува и учењето на далечина во останатите основни училишта во Кочани, каде што погорните одделенија од трето одделение учат онлајн. Она што би сакала да го потенцирам е дека онлајн наставата успешно функционира и на ниво на држава, односно 88% од учениците без потешкотии ја следат наставата од своите домови. Тоа покажува дека имаме континуитет во образовниот процес во државата“, рече Царовска.
Министерката нагласи дека за сите кои немаат ИТ-уреди, обезбедена е опција за следење на наставата преку 15-минутни часови кои се емитуваат на националната радио-телевизија, но и преку доставување печатени материјали од страна на наставниците кои имаат обврска да ги контактираат и да го следат совладувањето на материјалот. За наставниците и учениците коишто се вклучени во наставата со физичко присуство апелираше да ги почитуваат мерките за заштита и во училиштата и надвор од нив, бидејќи на тој начин го спречуваат ширењето на заразата и го штитат јавното здравје.
Градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев, рече дека и во услови на здравствена криза наставата во основните и средните училишта во општината се одвива без поголеми проблеми, а заразените наставници и ученици се спорадични случаи.
„Министерката Царовска може да се запознае и со тековните проектни активности во училиштата: изградба на спортски терени, реконструкција на подни површини, ново осветлување на училишните дворови, набавка на ново полуконцертно пијано. Со тоа покажуваме дека и во услови на Ковид-19 продолжуваме да инвестираме и се надеваме дека учениците ќе можат да се вратат во училиштата каде што ги очекуваат подобрени и современи услови за реализација на наставата“, посочи градоначалникот Илијев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) На улиците на Техеран, Иран, се слави убиството на Али Хамнеи
Со музика и танцување вечерва жителите на многу ирански градови слават за убиството на лидерот на Исламската Република, ајатолахот Али Хамнеи, објави на социјалните мрежи „Иран интернешнл“.
Видео од Техеран покажува насмеани луѓе излезени на улица откога ја добиле веста дека Али Хамнеи е убиен.
Во Караџ голем број граѓани танцуваат на улица, а жителите пак на Бандар Абас се излезени на улиците со автомобили и слават со сирените.
86-годишниот Али Хамнеи беше на власт речиси четири децении, од 1989 година. Имаше врховна власт, владееше со владата, со војската и со судството во шиитската Исламска Република.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

