Македонија
Царовска во посета на ПМФ: Науката мора да се развива
Министерството за образование и наука оваа година има 12 отсто повисок буџет за наука, но исто така ќе продолжи да инвестира и во научен кадар, рече министерката Мила Царовска по денешната посета на Ботаничката градина при Природно-математичкиот факултет во Скопје.
„Она за што дискутиравме и во Министерството пред некој месец беше дека им недостига човечки потенцијал. За да создаваат наука, да може да се развиваат, потребни им се луѓе, потребни се научници, кои од претходни студенти ќе станат дел од академскиот свет и понатаму ќе ја развиваат науката. И токму затоа, заедно со Министерството за финансии, со премиерот Зоран Заев, успеавме да обезбедиме согласности, со цел тие да остварат вработување, но и понатаму да вложуваат. Затоа што науката мора да се развива. Со години имавме застој во вложувањата и во човечкиот потенцијал кој треба да создава наука, но и финансиски инвестиции за да може да се учествува и на меѓународни и на домашни научни проекти. Токму затоа во буџетот на Министерството за 2021 година има 12 проценти повеќе финансиски средства за наука“, изјави министерката Царовска.
Во тек е процесот на утврдување критериуми кои центри за извонредност и кои национални проекти би се избрале за да се инвестира во нив. Царовска нагласи дека ќе следи нов, системски пристап кон инвестиции во наука, како значаен сегмент поврзан и со економијата во државата, но и со развој на човечкиот потенцијал и капацитет.
В.д. деканот на ПМФ, Валентин Мирчески, рече дека по многу години, имаат исклучително конструктивна дебата со МОН.
„Конечно, разбрана е потребата за кадровско зајакнување на Факултетот. По толку години отсуство на вработувања на академски кадар, на технички кадар, од Министерството, конечно, добивме серија вработувања. Почнавме една исклучително важна дебата и во контекст на состојбата со научноистражувачкиот сектор, со финансирањето на науката, и се надевам дека и во тој сектор ќе имаме квалитативно поместување нанапред, дека конечно ќе видиме активни програми што ќе ја поддржат научноистражувачката работа во нашата земја“, изјави Мирчески.
Раководителката на Институтот за биологија, проф. Рената Ќуштеревска, која е и одговорна за Ботаничката градина, нагласи дека вработувањата на тројцата млади луѓе следуваат по децениска заборавеност на Институтот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно суви и местимично влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има во околините на Гевгелија, до 100 метри Струмица, Неготино и Сарамзалино и до 150 метри Демир Капија, извести АМСМ.
Сите патни правци во државата се проодни.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради уличен дефект ф-80 мм на улицата Св. Кирил и Методиј бр. 48, од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица и дел од улицата Димитрие Чуповски, вклучително и ЈЗУ Здравствен дом Железничар, општина Центар.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Променливо облачно претпладне во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

