Македонија
Царовска: Во Прилеп имаме инвестиции во вредност од 60 милиони денари
Прилеп е една од општините која се наоѓа на инвестициската агенда на Министерството за образование и наука, каде во моментов имаме активни инвестиции во вредност од околу 60 милиони денари. Истите треба да бидат заокружени во следните неколку месеци и секако, нема да бидат последни, затоа што буџетот наменет за унапредување на образовната инфраструктура постојано расте.
Ова го истакна министерката за образование и наука Мила Царовска за време на денешната посета на општина Прилеп.
„Изградбата на спортската сала во состав на основното училиште „Кире Гавриловски Јане“, објект со површина од 650 квадратни метри за кој се издвоени 24,5 милиони денари е започната во текот на месец февруари, а на радост на над 900-тини ученици од ова училиште, салата ќе биде готова во последното тримесечје од тековната календарска година“, рече Царовска.
Друга активна инвестиција, информираше Царовска е во гимназијата „Мирче Ацев“, каде досега е извршена замена на кровот, а во моментов се работи на замена на фасадата, прозорците, подовите, се поставува лифт и се изведуваат тоалети за ученици со попреченост.
„Вкупната вредност на проектот е околу 37,6 милиони денари, а ќе се заокружи некаде во февруари 2022 година со што ќе добиеме целосно реконструиран и современ училишен објект за непречено следење настава и нормални услови за работа на наставниците“, рече министерката.
Царовска потенцираше дека за актуелната Влада унапредувањето на состојбите и воопшто на квалитетот на националниот образовен систем од сите можни аспекти е еден од повисоките приоритети.
„Годинава имаме 1 милијарда денари кои се наменети за подобрување на инфраструктурните услови, што споредбено со ланските средства е зголемување за 2,5 пати. Тие средства се распределуваат транспарентно, согласно јасно утврдени критериуми и повици на кои училиштата аплицираат со проекти“, потенцираше Царовска додавајќи дека МОН продолжува да води политика на рамномерен развој и еднаков третман кон сите општини.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.
Македонија
Повредата на данскиот скијач не се случила на патека под наша надлежност, велат од Ски центарот „Попова Шапка“
Повредата на скијачот од Данска не се случила на официјална патека администрирана од „Попова Шапка“, бидејќи ски-лифтот „Церипашина“ не бил во функција поради силните ветрови и неповолни временски услови, информираат од Ски Центарот.
Се додава дека скијачот бил гостин на приватен оператор кој работи надвор од патеките управувани од овој центар.
„Ски центарот сноси одговорност исклучиво за патеките и просторот што се под наша официјална администрација и управување, а не и за зоните каде што оперираат трети страни надвор од овие патеки“, се наведува во соопштението на Ски Центарот Попова Шапка..
И покрај тоа, веднаш по добивањето на информацијата за повредата, спасувачката единица излегла на терен за да обезбеди помош и да асистира при транспортот и третманот на повредениот.
Од Центарот посочуваат дека безбедноста на посетителите останува врвен приоритет и му се заблагодаруваат на спасувачкиот тим за брзата и професионална реакција.
„Макфакс“ претходно објави дека 24-годишниот скијач од Данска бил пронајден на Попова Шапка, а според информациите од полицијата тој бил повреден од снежна лавина и со повреди пренесен во болница во Скопје.

