Македонија
Царовска: Ги слушаме младите и со реформите ги поттикнуваме на критичко размислување
Младите гледаат на светот на поинаков начин и од поинаква перспектива од возрасните. Затоа е важно креаторите на политики и оние што носат одлуки да го чујат нивниот глас. Но, анализите покажуваат дека младите се чувствуваат обесхрабрени затоа што не веруваат дека на властите им е важно нивното мислење. Токму тоа е еден од приоритетите со реформите што ги правиме во образованието – да ја поттикнеме гласноста на учениците, но таа да биде заснована на критичко размислување и носење заклучоци врз основа на анализа на факти, рече министерката за образование и наука, Мила Царовска, обраќајќи се на хепенингот „Остани гласен/а! Твоето мислење е важно“, во организација на УНИЦЕФ, чија главна цел е да ги разбуди општеството и институциите за потребите на младите.
„Ќе ја зајакнеме самодовербата на младите и ќе ги научиме да се борат за своите права од најмала возраст, а со тоа заеднички ќе придонесеме за создавање и градење подобро општество за сите нас. Мора да ја промениме сликата на младите кои се незаинтересирани за општествените случувања, дури и кога се однесуваат директно за нив. Затоа сме фокусирани на крупни промени во образованието како најдобар механизам преку кој се влијае на начинот на размислување и однесување на младите“, нагласи Царовска.
Министерството за образование и наука во младите гледа сериозен партнер во носењето на сите важни одлуки поврзани со младите. Министерката укажа на личната заложба за формирање на работната група МЛАДИ-МОН, која ги дискутира сите политики, мерки и процеси што се однесуваат на младите, образованието и младинскиот стандард.
Царовска посочи дека младите најдобро знаат што им е потребно и затоа Министерството за образование и наука е отворено за нивните иницијативи, идеи и предлози.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот на патниот правец Скопје – Велес е нормализиран во двете ленти
Сообраќајот на патниот правец А1 Скопје – Велес е нормализиран во две коловозни ленти, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради два улични дефекти ф-200 и ф -250 мм на Македонско Косовска Бригада бб (во близина на касарна Илинден), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од улицата Македонско Косовска Бригада и објектот на касарна Илинден, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување санација на дефектите.
Македонија
Одрон во должина од 80 метри на патот Скопје-Велес: сообраќајот кај Сопот се одвива по една лента
Сообраќајот на патниот правец А1 Скопје – Велес, околу два километри пред Сопот, од 21 часот се одвива по една коловозна лента (десната) поради поголем одрон.
Како што информираат oд АМСМ, одронот е во должина од 80 метри.
Фото: илустрација (depositphotos)

