Македонија
Царовска: Да ги научиме децата дека сите сме еднакви со различни потреби и можности
Министерката за образование и наука, Мила Царовска, по денешната посета на ПОУ „Д-р Златан Сремец“ , рече дека образовниот систем треба од една страна да ги пресретне потребите на децата со попреченост, а од друга, да ги подготви сите деца да ги прифатат и заеднички да разговараат за различните потреби на другите деца со попреченост.
„Се трудиме да создадеме образование кое ќе ги поттикне сите ученици да го постигнат својот максимален потенцијал. Специјалните училишта согласно Закон за основно образование треба до 2023 година да прераснат во ресурсни центри коишто ќе го поддржуваат инклузивното образование во сите редовни училишта. Токму затоа, пред две недели донесовме правилник и упатство на кој начин треба да се одвива соработката меѓу регуларните училишта и специјалните училишта, понатаму ресурсни центри, на кој начин и во која динамика. Полека се подготвуваат специјалните училишта за оваа трансформација, затоа што секое дете треба да биде изложено на максимално добра развојна средина, опкружено со различни од себе, за на тој начин се стимулира да ги прифати различните од себе. Секое дете да може разбере дека сите сме еднакви но едноставно имаме различни потреби и различни можности“, изјави Царовска.
За првпат образовните асистенти во учебната 2021/2022 ќе бидат финансирани од буџетот и сместени формално во образовниот систем. И капиталните инвестиции во МОН се врзуваат со инклузивноста. Во повикот до општините за проекти кои ќе влезат во листата за инвестиции за наредната година, МОН како главен услов постави или објектот којшто треба да се реконструира да биде инклузивен и да има обезбедено пристап до сите простории или во самиот проект да биде предвидена инвестиција за пристапност за да може да добие финансиска поддршка. Министерката Царовска укажа дека на ваков начин директно и системски се инвестира во подобрување на инклузивноста на училишните згради.
За зголемување на инклузивноста во образованието, МОН работи на две програми со Европската делегација. Со првата, 12 образовни објекти, по 4 од основно, средно и високо образование, ќе бидат реконструирани и ќе добијат пристапни рампи и пристапност до просториите, со средства од ЕУ. Исто така, доделени се и 287 стипендии за деца со попреченост коишто се вклучени во редовното образование, за прво и второ одделение, со цел да се поддржат семејства и учениците со основните материјали коишто им се потребни.
Градоначалникот на општина Кисела Вода, Филип Темелковски, истакна дека иако ова специјално училиште е во надлежност на државата сепак локалната самоуправа во партнерство со МОН дава неизмерна поддршка во обезбедување на подобри услови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар и на Стража
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, извести АМСМ.
Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има на планинскиот превој Плетвар, а до 80 метри на планинскиот превој Стража.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, пообилни во југоисточните региони. На повисоките планини врнежите ќе бидат од дожд и снег. Ќе дува умерен до засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено претпладне и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
Времето денеска ќе биде променливо облачно со слаб локален дожд. Долж Повардарието ќе дува умерен до засилен северен ветер. За време на викендот под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса ќе има врнежи од дожд кои повремено наместа ќе бидат пообилни (над 30 l/m2). Локално ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со пороен дожд, грмежи и силен ветер. Во почетокот на следната седмица ќе има заладување и врнежи кои претежно ќе бидат од снег.
Македонија
Без струја денеска дел од Шуто Оризари
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 09:00-15:00 часот дел од улицата Тиквешка, улицата Нов Живот, улицата Индира Гранди, улицата Брсјачка Буна, улицата Овчеполска, улицата Пелагонија, улицата Демирхисарска, улицата Злетовска, улицата Слан Дол, улицата Хаџи Јован Шишков, општина Шуто Оризари.

