Македонија
Царовска и Заев ја посетија новата спортска сала во Јегуновце: Добрата инфраструктура носи подобри резултати
Добрата образовна инфраструктура го зголемува задоволството кај учениците од посетата и престојот во училиштето и го стимулира совладувањето на знаењата, а воедно значи и унапредени услови за работа и зголемена сатисфакција при работењето на наставниците и стручните соработници, што секако дава подобри резултати.
Ова го истакна министерката за образование и наука за време на денешната заедничка посета со премиерот Зоран Заев на новоизградената спортска сала во состав на ОУ „Александар Здравковски“ во општина Јегуновце, каде меѓудругото, потенцираше и дека вложувањето во образовната инфраструктура е една од основните три компоненти на планот за модернизација на националниот образовен систем, покрај обезбедувањето нови наставни програми и учебници и јакнењето на капацитетите на наставниот и стручниот кадар во училиштата.

„Ова е целосна инвестиција на МОН вредна 23 милиони денари и се реализира на најголемо задоволство на над 220 ученици кои посетуваат настава во ова училиште, но и на задоволство на наставниците, на локалното население, спортистите и спортските клубови кои секако ќе можат да ја користат под одредени услови во договор со раководството на училиштето. Станува збор за објект со површина од 650 квадратни метри, кој е опремен за повеќе спортови, како одбојка, ракомет, кошарка, мал фудбал, гимнастика и пинг-понг“, рече Царовска, посакувајќи салата да биде место каде што младите ќе се едуцираат, ќе го одржуваат своето добро здравје и ќе одбираат да го практикуваат и по часовите за рекреација или професионално спортување.
Премиерот Зоран Заев изрази задоволство што на две недели пред почетокот на учебната година се пушта во употреба новата спортска сала, со што во ОУ „Александар Здравковски“, како што рече, создадени се сите неопходни услови за образовна и спортска средина, како дел од системот во кој едукацијата и организираните физички активности ќе го јакнат квалитетот на живот на младите генерации.
Спортската сала е дел од проектот на МОН за изградба и опремување на училишни спортски сали и рехабилитација на училишни објекти, преку кој досега се изградени 90 спортски сали, а 7 се во фаза на градба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Орце во ноќен увид на улиците кои се реконструираат низ Скопје, вели се работи и дење и ноќе
Во завршна фаза е изградбата на улицата „Фрањо Клуз“ во Аеродром која е една од најзначајните сообраќајници во овој дел од градот. Се работи со полна динамика, и дење и ноќе, затоа што скопјани заслужуваат модерен, функционален и безбеден град, објави вчера вечерта градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
-Делата говорат. Скопје не смее да чека. Скопје мора да се развива – посветено и со визија. Она што со години било запоставувано и туркано под тепих, денес се решава темелно и одговорно – објави на Фејсбук Ѓорѓиевски.

Реконструкцијата опфаќа нов тампон, двослоен асфалт, нови рабници, а во овој момент интензивно се асфалтираат тротоарите. Во должина од еден километар се изведуваат нови тротоари, се поставува современо улично осветлување и се гради нова атмосферска канализација.
– Од наредната недела, жителите на Аеродром ќе возат по нова, современа и безбедна улица. За само три месеци од преземањето на функцијата градоначалник на Скопје, покажавме дека кога се работи со срце, визија и чесна намера – резултатите се очигледни. Не ветивме чуда, туку работа. И работиме – објави Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски, вели дека ова е само почеток и најавува дека следува најголемата инфраструктурна обнова досега.
– Ќе се работи рамномерно, во секој дел на Скопје. Затоа што секој заслужува исти услови, исти шанси и ист квалитет на живот.
Мојот народ го заслужува најдоброто – објави Ѓорѓиевски.
Македонија
Пролетен ден во зима, денес сонце и температури до 15 степени
Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. По одделни котлини ќе има услови за појава на магла. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 6, а максималната ќе достигне од 10 до 15 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност и со слаб југоисточен ветер. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Во наредните денови продолжува периодот на стабилно и релативно топло време. Утрата ќе бидат постудени и по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Гаши и Бегај од Скопје порачаа: Заеднички кон ЕУ и подлабока регионална соработка
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
Гаши изрази големо задоволство од средбата и истакна дека очекува пријателството и соработката што постојат меѓу двете земји во иднина уште повеќе да се зајакнат и унапредат. На меѓународен план, двете држави имаат исти цели и интереси, а тоа се членството во Европската унија, меѓусебната поддршка како непосредни соседи и сојузници во НАТО и продлабочувањето на регионалната соработка.
Тој изрази очекување и надеж дека двете држави заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција, бидејќи тоа е многу важно не само за Северна Македонија и Албанија, туку и за останатите земји од регионот на Западен Балкан. Во функција на промоција на парламентарната дипломатија и градење на билатералните парламентарни односи, претседателот Гаши истакна дека одржува редовни контакти со колегите од Парламентот на Албанија и дека посетите на највисоко парламентарно ниво се одржуваат речиси секоја година.
Претседателот Бегај истакна дека Република Северна Македонија и Албанија се две пријателски земји кои делат исти вредности, визии и предизвици и претставуваат пример за соработка во регионот. Тој посочи дека е унапредена соработката во многу сфери од заеднички интерес, што е во функција на подобрување на животниот стандард на граѓаните во двете држави. Останува определбата за уште поголема соработка, особено во економската сфера.
Двајцата соговорници ја потенцираа важноста и улогата на Македонците и Албанците кои живеат во двете земји и претставуваат мост за градење стабилни и пријателски односи. Патничкото, енергетското и железничкото поврзување меѓу двете земји во рамките на Коридорот VIII ќе придонесе за уште поголема размена на луѓе, стоки и услуги, за што постои огромен потенцијал.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај се потпиша во Книгата на впечатоци и се обрати пред пратениците во Собранието.

