Македонија
Царовска: Македонија нема да биде земја со евтина работна сила и незаштитени работници
Денот на трудот, 1-ви Mај е симбол на борбата за правата на работниците. Како политичари и работници, наша должност е тие права да ги штитиме и унапредуваме, вели во првомајската честитка, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.
Министерката исто така нагласува дека Македонија веќе не смее и нема да биде земја со евтина работна сила и незаштитени работници.
„Ја зголемивме најниската гарантирана плата за над 90 илјади работници. Го решивме проблемот на голем број стечајни работници. Правиме се’ жените да бидат платени исто како и мажите. Наша должност е да создаваме услови да може од трудот да се живее чесно и достоинствено“, наведува Царовска во честитката.
Таа нагласува дека Први мај е празник на трудот, но и симбол на солидарноста на работништвото во борбата за еден поубав свет.
„Тоа е светот на правда, на еднаквост и на поддршка кон сите на кои им е потребна помош. Тоа се иделите за кои голем број борци за слобода, правда и еднаквост ги давале своите животи. На денот кога си го честитаме овој празник се сеќаваме и на нив и им оддаваме признание“, истакнува министерката за труд и социјална политика.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Топло со умерена облачност, температурата до 25 степени
Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. На североистокот ќе има услови за појава на краткотраен дожд.
Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието краткотрајно засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 20 до 25 степен.
Во Скопје сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 23 степени.
Ќе настапи преодно стабилизирање на времето со позначителен пораст на дневната температура. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекува нестабилно време со локален пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме. Повремена претежно попладневна нестабилност со пороен дожд и грмежи, со променлив интензитет, ќе има се до средината на следната недела.
Скопје
108 санкционирани возачи во Скопје
Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден продолжи со контролите во областа на сообраќајот.
„На територија на град Скопје изречени се вкупно 108 мерки, меѓу кои девет мерки за возење без возачка дозвола, четири санкции за минување на затворен сигнал – црвено светло, седум мерки за користење на мобилен телефон при возење, осум санкции за некористење на сигурносен појас…“, извести МВР.
Од таму додаваат дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.