Македонија
Царовска: Моделот за настава со физичко присуство ќе го одржиме со висока лична и колективна одговорност
Верувам дека моделот за настава што ќе го применуваме од утре со физичко присуство за сите ученици со точно утврдени ситуации и случаи што може да бидат исклучок, со висока лична и колективна одговорност, ќе биде одржлив и нема да дозволиме училиштата да бидат места за трансмисија на заразата, како што не дозволивме ниту минатата година кога работеа со 40 % од вкупниот број ученици што посетуваа настава во училница, истакна министерката за образование и наука, Мила Царовска, за време на денешната посета на ОУ „Лирија“ во општина Чаир, каде што заедно со претставничката на УНИЦЕФ во Северна Македонија, Партиција ди Џовани, првиот вицепремиер Артан Груби и градоначалникот на општината, Висар Ганиу, изврши увид во условите и подготвеноста на училиштето за прием на ученици од утре.
„На еден ден пред почетокот на новата учебна година ги привршуваме подготвителните активности за непречен почеток и за враќање на сите ученици во училишните клупи, конечно, по една и пол година од почетокот на пандемијата предизвикана од коронавирусот. Спремноста на институциите на системот, на општините и на самите училишта е на исклучително високо ниво, а воедно значително е зголемена и личната и колективна одговорност, така што верувам дека планот и протоколите што се усвоени уште пред 2 месеца и доставени до училиштата целосно ќе се почитуваат во интерес на учениците, на наставниците и воопшто во интерес на јавното здравје“, рече Царовска.
Таа додаде дека со денешната посета на Чаир се уверила дека и во оваа општина училиштата се подготвени целосно за новата учебна година.
„Раководствата ги имаат набавено сите потребни нагледни средства за квалитетна настава во согласност со насоките од МОН, обезбедени се средства за дезинфекција, лична хигиена и безбедна настава, учебниците се дистрибуирани навремено од страна на Педагошката служба и од утре веќе достапни за учениците“, потенцира Царовска додавајќи дека очекува утре наставата да почне секаде според планираното и, како што рече, конечно да се овозможи нормализирање на воспитно-образовниот процес, чиј квалитет и тоа како е важен за создавање нови и подобро подготвени генерации млади.
Првиот вицепремиер Артан Груби изрази целосна поддршка на реформата на образованието.
„Знам дека има критики, знам дека има поинакви размислувања, но сето тоа придонесува за уште поуспешни решенија затоа што и прифаќаме дел од критиките и од забелешките. Тоа што недостигаше беше храброст за да се пристапи кон темелна реформа во образованието за којаш имаме очајно потреба“, рече Груби.
Претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ди Џовани, укажа дека лани во државата 52 недели отсуствувала настава со физичко присуство, а во Европа само 24 недели и дека треба да се компензира изгубеното и училиштата да бидат отворени за учениците.
„Сите препораки што беа дадени веќе се вклучени во училиштата во земјата и ќе се спроведат. Мислам дека сме подготвени. Иако дигиталното учење и онлајн-учењето е многу добра алатка за учење, никогаш не беше предвидено да стане единствена алатка за учење. Свесна сум дека родителите се згрижени дали нивните деца ќе успеат да ги спроведат сите мерки. УНИЦЕФ минатата година направи студија која покажа дека 88 отсто од родителите рекоа дека наставата која се одвиваше во училниците беше спроведена според прописите. Тешко е, но ни останува нам возрасните да бидеме пример за децата во спроведувањето на мерките за претпазливост“, рече Ди Џовани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
АХВ: Уништени над 1 тон небезбедна храна од продавниците за здрава храна
Илјада и десет килограми небезбедна „здрава храна” уништија инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство кај 14 оператори во рамки на 373 контроли спровдени неделава, кај оператори именувани како објекти за производство и промет со здрава храна, соопшти АХВ.
Со контролите утврдено било дека 14 оператори воопшпто не биле регистрирани како оператори со храна во Агенцијата.
За утврдените недоследности со контролите, биле издадени 65 решенија, 19 опомени и 44 парични казни, во вкупна вредност од 20.550 евра.
„Кај 9 оператори со контролите утврдени биле незадоволителни хигиенски и технички услови во објектите, кај 7 била пронајдена храна со поминат рок на употреба. Кај двајца оператори најдена била и храна со непознато потекло. Несоодветно означена била храната кај 18 оператори, а кај 23, вработените немале спроведено задолжитрелен здравствен преглед. Двајца од операторите немале воспоставени процедури за Добра производствена и Добра хигиенска пракса, или не воделе соодветни записи. Кај исто толку оператори не била извршена задолжителна дезинфекција, дезинсекција и дератизација во објектите“, пишува во соопштението на АХВ.
Македонија
СДСМ: Наместо луксуз на власта со авиони, да се пренаменат пари за 600 евра минимална плата
Животот во Македонија станува сѐ поскап, работниците едвај врзуваат крај со крај, а власта сѐ луксузира врз грбот на народот, велат од СДСМ.
„Според последните податоци, синдикалната кошничка во февруари достигна 67.400 денари. На едно четиричлено семејство не му се доволни ниту 3 минимални плати месечно за да ги покрие основните потреби. Над 200 илјади работници земаат плата под 30.000 денари. Со сегашното ниско ниво на минимална плата не можат да се покријат трошоците за основни потреби, храната, сметки.. Тешкото секојдневие, високите сметки и поскапувањата ги доведоа работничките семејства на раб. И додека граѓаните се борат за корка леб, премиерот Христијан Мицкоски се луксузира на сметка на народот – со владини авиони, со скапи часовници од 60 илјади евра. Време е да се укине луксузот на власта, а работниците да добијат достоинствени плати, какви што заслужуваат. Бараме парите што власта ги планираше за нов авион да се пренаменат за минимална плата од 600 евра за сите работници. Нема повеќе оправдувања дека „нема пари“. Имало пари за нов авион, за мебел, за уредување кабинети, за службени автомобили. Нека направат ребаланс на Буџетот и нека ги пренаменат парите за плати. Доста е расфрлање со милиони за авиони – мали или големи – додека народот тоне. Доста е луксуз на грбот на народот“, стои во соопштението на СДСМ.
Македонија
Обвинителство: Забрана за две правни лица од Велешта да вршат ископ во близина на изворите за вода за пиење во Шум
Преземајќи истражни дејствија по наредба на Основното јавно обвинителство Струга за испитување на причините за загадувањето на водата од извориштето во селото Шум, истражните органи затекнаа работни машини на две правни лица од Велешта кои вршеле кршење, ископ и транспорт на карпи во поголем обем во непосредна близина на изворите, информираат од Обвинителството.
Како што се наведува во соопштението, поради сомненија за кривични дела – Незаконита експлоатација на минерални суровини од член 225-а и Загадување на водата за пиење од член 219 од Кривичниот законик, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка веднаш достави предлог за определување мерки на претпазливост – забрани на правните лица да ги посетуваат парцелите каде вршеле ископ и забрана да преземаат какви било работни активности на подрачјето.
Основното јавно обвинителство Струга продолжува да презема дејствија за обезбедување докази и испитување на евентуална кривична одговорност во однос на енормното загадување на изворите во Шум од каде подрачјето на градот Струга се снабдува со вода за пиење, стои во соопштението.

