Македонија
Царовска: Наставници нема да останат без работа поради новиот концепт за основно образование
Министерката за образование и наука, Мила Царовска, и наставниците од основните училишта во државата на онлај состанок разговараа за новата концепција за основно образование, информираат од ресорното министерство.
Царовска истакнала дека со реформите коишто ќе стартуваат од идната учебна година се унапредува образовниот модел согласно препораките на релевантни меѓунарoдни институции и организации и се воведува современо европско образование.
„Не укинуваме ниту една научна дисциплина, затоа што се стремиме да направиме квалитетно образование во кое нашите ученици ќе се стекнуваат со сите знаења, вклучувајќи ја и историјата“, посочила министерката.
Таа додала дека наставниците нема да изгубат работа, туку напротив се работи на зајакнување на кадарот затоа што реформата отвора можности за напредок.
„Наставниците ќе добијат поголема автономија во осмислување и реализација на часовите, како и поголема поддршка од системот. Ова е една од моите клучни заложби кои ќе ја подигнат мотивацијата на наставниците и квалитетот на наставата. Оттаму, колку што реформата ќе биде придобивка за учениците, токму истата е придобивка и за наставниците и образовните работници“, рекла Царовска.
Од Министерството за образование информираат дека во следниот период ќе продолжат консултативните состаноци со сите вклучени страни за целосно новата концепција за основно образование.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без вода денеска дел од Сарај и високата зона во населба Ѓорче Петров
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради дефект на затварач со пречник од Ф-350 мм на ул. 20 во нас. Сарај, од 07:30 часот до санирање на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од населените места: Лака, Крушопек, Грчец, Шишево, Глумово, Горна и Долна Матка, Арнакија, Љубин и село Сарај, (Општина Сарај) и високата зона, односно повисоките катови од зградите во населба Ѓорче Петров.
Македонија
Дел од Бутел денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08:30 до 09:30 часот, објектот на ДОГАН ИНВЕСТ ДООЕЛ-СКОПЈЕ, односно објектот на Форд на самата раскрсница булевар Македонско-Косовска Бригада со булевар Босна и Херцеговина. (Општина Бутел)
Македонија
Продолжува периодот на стабилно и релативно топло време за овој период од годината
Сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност. Во утринските часови наместа ќе има зголемена облачност која во текот на денот ќе се намали. Ќе дува слаб ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 11 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Претпладне во делови од котлината ќе има услови за појава на слаба магла. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува период на стабилно и релативно топло време за овој период од годината. Во утринските часови наместа ќе има зголемена облачност која во текот на денот ќе се намалува.

