Македонија
Царовска на Прва регионална конференција за правата на ЛГБТИ во Скопје: Се залагаме за едно општество за сите
Унапредување на правата на ЛГБТИ-лицата во Македонија, но и во земјите од Западен Балкан е тема на Првата регионална конференција за правата на ЛГБТИ, која се одржува во Скопје од денеска до шести октомври. Како дел од конференцијата се одржа и министерски состанок на кој освен министите за труд и социјална политика и за здравство, Мила Царовска и Венко Филипче, присуствуваа и министри од ресорни министерства од Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина. На состанокот беа разменети искуства за активностите со кои треба да се обезбеди поправедно и послободно општество за ЛГБТИ. Исто така, беше договорено да продолжи работата на регионалната интервладина група за ЛГБТИ и Македонија да биде прва земја претседавач.
„Заложбите на македонската Владата се да создадеме едно општество за сите, во кое секој ќе има еднаков пристап до образование, вработување, здравство и заштита од какво било насилство и во ова имаме напредок изминатата година. Подготвивме нов закон за заштита од дискриминација кој е во собраниска процедура и во кој се вклучува сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основи за дискриминација и истите ги санкционира, но и ја ратификувавме Истанбулската конвенција“, истакна министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, на отворањето на конференцијата.
Биљана Гинова, ко-претседавачка на ЕРА, организатор на конференцијата, рече дека се радува што во Македонија се одржува еден ваков настан, но и дека се надева дека ваквите можности за дијалог и безбеден простор ќе станат сè почести и ќе се креираат во сите земји од регионот.
„До пред речиси две години државата беше најголемиот извор на хомофобија и трансфобија, а вчера бевме гости на прием организиран од две министерства, го одржавме и годишно собрание на ЕРА во просториите на Парламентот, а денес имаме министерски состанок чиј домаќин е Министерството за труд и социјална политика, а каде владините претставници од повеќе земји од регионот дискутираат како да се креираат послободно и поправично општества за ЛГБТИ луѓето во земјите од Западен Балкан и Турција. Ги поздравувам позитивните чекори преземени во изминатата година“, изјави Гинова.
Македонија е единствена држава во поширокиот регион која има Интер-партиска парламентарна група за унапредување на правата на ЛГБТИ-луѓето. Во фаза на донесување е и на акциски план со кој треба да се имплементира Истанбулската конвенција која многу значи за унапредувањето на правата на ЛГБТИ-лицата, но и сите други маргинализирани групи граѓани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одземен имунитетот на судијата Наќе Георгиев, обвинителството отвори истрага и против Мемети, но за него не се бара притвор
Обвинителството отвори истрага за врховниот судија, Наќе Георгиев и членот на Советот на јавни обвинители, Иџет Мемети, кои се сомничат за „примање награда за противзаконито влијание“.
Од тука информираа дека акцијата за апсење на Георгиев следела по пријава од син на обвинет во предмет што се води во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Обвинителството објави дека донесена е наредба за спроведување на истражна постапка за судијата и уште едно лице за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело Примање награда за противзаконито влијание од член 359 од Кривичниот законик.
Денеска основниот суд ќе одлучува за притворот за врховиот судија, а во однос на Мемети засега според доказите, нема основа да се предложи притвор.
„Според сознанијата добиени од пријавителот, првоосомничениот користејќи ја својата службена положба и претпоставено влијание лажно ветувал погодности за обвинет (татко на пријавителот) во друга постапка што се води пред Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, и лажно прикажале дека ќе извршат влијание заедно со второосомничениот. Предметниот обвинител, вчера вечер покрај предлозите за претрес на повеќе локации, ценејќи дека се исполнети условите до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за определување на мерката притвор за првоосомничениот. Со оглед на тоа што станува збор за судија во највисокиот суд во државата – Врховниот суд кој ужива имунитет, а кој е фатен in flagranti во извршување на кривичното дело, предлогот преку Основниот кривичен суд е доставен на одлучување до Судскиот совет на РСМ кој во текот на ноќта му го одзеде имунитетот, по што денеска Основниот кривичен суд Скопје ќе одлучува за предложената мерка“, велат од Обвинителството.
Како што се додава, прибраните докази и извршените претреси до овој момент даваат законски основ на предметниот јавен обвинител да предложи притвор само за врховиот судија кој бил затекнат при извршување на кривичното дело.
Во однос второосомничениот, како што информираат од Обвинителството, до овој момент доказите не даваат основи за да се предложи најстрога мерка за обезбедување. Истрагата продолжува до целосна проверка на сите околности и наводи.
Синоќа по наредба на судија на претходна постапка извршен беше претрес во домот на членот на Советот на јавни обвинители Иџет Мемети во Тетово и претрес во службените простории на Советот на јавни обвинители.
Македонија
МВР утврди неправилности: забавниот парк со панорамско тркало во Карпош ќе биде отстранет
Постапувајќи по допрен глас дека во Скопје, на подрачјето на Општина Карпош, поточно пред спортскиот центар Борис Трајковски без соодветни документи и потребни дозволи се поставени реквизити за забавен парк меѓу кои и панорамско тркало, полицијата излезе на лице место и презема конкретни соодветни мерки и активности од делокругот на својата надлежност и овластувања.
„Од страна на инспекциските служби поведена е постапка за констатираните неправилности, по што ке бидат преземени конкретни мерки во насока на отстранување на истите, престанување со вршење на активноста, како и дислоцирање на реквизитите“, информираа од МВР.
За случајот, викендов алармираше Град Скопје, од кадешто беше истакнато дека фирмата „Дизниленд реквизити“ од Чаир регистрирана пред само еден месец, без соодветни документи и дозволи, без потребна документација која гарантира безбедност, монтира панорамско тркало и останати реквизити во Карпош пред Борис Трајковски.
„Град Скопје, во рамки на своите надлежности изврши надзор, превзема мерки и го казни правното лице, но тој сепак насилно продожува да работи. Ги повикуваме надлежните институции и апелирам да постапат во најкус можен рок, бидејќи се доведува во прашање безбедноста на децата и на сите останати посетители поради практицирањето на ваквото самоволие“, повикаа од Градот.
Македонија
Претрес и кај Иџет Мемети во случајот со барањето поткуп
Синоќа, по наредба на судија на претходна постапка, извршен е претрес во домот на членот на Советот на јавните обвинители, Иџет Мемети, во Тетово и претрес во службените простории на Советот на јавните обвинители.
Претресот е поради сомнеж дека Мемети заедно со врховниот судија Наке Горгиев имал влијание злоупотребувајќи ја позицијата член на Советот на јавните обвинители во случајот барање мито за олеснителни околности.
Мемети е и поранешен министер за правда, уставен судија, државен советник во Владата и член на Државната изборна комисија.
Судијата Наке Георгиев вчера беше приведен кога бил фатен со мито.