Македонија
Царовска на средба со наставниците: Важно е наставата да почне и покрај сите предизвици
Министерката за образование и наука, Мила Царовска, и заменик-министерот Арафат Шабани со градоначалникот на Кисела Вода, Филип Темелковски, и претседателот на СОНК, Јаким Неделков, денеска го посетија основното училиште „Невена Георгиева – Дуња“, каде што разговараа со наставниците за подготовките за почетокот на училишната година.
Министерската Царовска нагласи дека оваа училишна година почнува во услови на пандемија, со многу предизвици, но она што е важно е сите заедно да покажеме грижа кон децата и нивниот развој и затоа наставата мора да почне.
„Помина обуката на националните тренери, секој од нив обучи по 40 наставници, што значи околу 1.600 наставници, коишто сега ја спуштаат обуката во самите училишта. Од денеска лозинките за пристапување на учениците ќе се доставуваат до директорите и тие треба да ги спуштат на ниво на одделенија, за да може да влеземе во тестирање на платформата и нејзино оптоварување, со цел да ги видиме перформансите. Целиот процес е динамичен, го водиме транспарентно“, изјави министерката Царовска.
Учебната 2020/2021 носи многу предизвици, а министерката ја посочи подготвеноста за прилагодувања во од, согласно промените на епидемиолошката состојба.
„За да овој процес биде успешен и да имаме добра учебна 2020/2021 година, навистина ни се потребни сите наставници, сите директори, синдикатот, родителите и учениците за да може да се прилагодуваме согласно настанатите услови. Ковид е состојба која мораме со заеднички сили да ја надминеме најдобро што можеме, секако да се грижиме за здравјето на наставниците и учениците, но и да се погрижиме образованието да тече со квалитет што ќе може да се обезбеди во една ваква пандемија“, укажа Царовска.
Градоначалникот на општина Кисела Вода, Темелковски, рече дека ова е една од редовните координации со МОН за одвивањето на подготовките и постапувањето по протоколите за почеток на наставата.
„Општина Кисела Вода целосно ги почитува сите препораки. Дополнително како општина, со ребаланс на буџетот, за сите општински училишта ќе обезбедиме дополнителни средства за обезбедување технички помагала, така што сите училишта ќе бидат целосно подготвени за да можат да отпочнат со онлајн настава. Само преку координација и соработка меѓу сите министерства и институции може полесно да ја поминеме оваа состојба и да обезбедиме квалитетна едукација за најмладите, а тоа е основна цел на секое училиште“, изјави Темелковски.
За синдикатот, важно е што сите чинители на воспитно-образовниот процес заеднички соработуваат, зашто само така може, во период на пандемија, навреме и успешно да почне новата учебна година.
„Во духот на коректниот социјален дијалог и партнерство денеска сме овде повеќе социјални партнери на повеќе нивоа, коишто директно сме инволвирани во подготовка и реализација на образовниот процес. Ние како синдикат, организација којашто се грижи за обезбедување на правата на нашите членови, на вработените, денес може да констатираме во однос на подготовката на ова основно училиште, се разбира и на другите основни и средни училишта на национално ниво, до каде се подготовките во однос на обезбедување на мерките од протоколите, подготовките за обезбедување техничка поддршка за онлајн настава, до каде се препораките за обезбедување здрава работна средина на вработените во период на пандемија, како ќе се организира физичката настава, како ќе се делат групи, како ќе функционира онлајн наставата. Ова е добар пример на заедничка соработка на сите чинители на воспитно-образовниот проце. Ние како синдикат сме тука за да помогнеме на актуелните власти кои ја имаат најголемата одговорност за обезбедување коректни услови за отпочнување на учебната година. Тука сме за да бидеме коректори, да бидеме гласни, да укажуваме за сè она што не е направено, а мора да се направи за да сите заеднички, безбедно и успешно ја почнеме и завршиме оваа учебна година“, изјави Неделков.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Потпишан Меморандум со највисоко рангираните универзитети во Македонија за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, објави Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Град Скопје, заедно со највисоко рангираните универзитети во Македонија потпишаа Меморандум за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, со што академската заедница официјално се вклучува како активен и рамноправен партнер во овој значаен европски културен процес, информираат од Град Скопје.
Со Меморандумот се потврдува јасната европска ориентација на универзитетите и нивната улога како двигатели на знаење, креативност и иновации, како и нивната општествена одговорност во развојот на заедницата. Вклучувањето во „Скопје 2028“ отвора можности за интеграција на културата во наставните и истражувачките програми, поттикнување на студентската креативност и младинскиот ангажман, развој на интердисциплинарни и меѓународни партнерства и зголемување на академската видливост на европско ниво.
Академската заедница останува посветена на активна, професионална и визионерска улога во реализацијата на „Скопје 2028“, со цел зајакнување на европските вредности, продлабочување на интеркултурниот дијалог и создавање одржлива, солидарна и креативна иднина за Скопје и Македонија.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.
Македонија
СДСМ: Македонија сака во ЕУ а ВМРО изолација
Македонските граѓани во големо мнозинство, над 70% сакаат членство во ЕУ. Додека Мицкоски и ВМРО намерно ја туркаат земјата кон изолација, далеку од ЕУ, истакнуваат од СДСМ.
„Известувачот за Македонија, Томас Вајс денеска изјави дека мора да се исполнат реформи и условот со уставни измени за да продолжи европскиот пат на земјата, при презентирањето на нацрт-извештајот за 2025 година.
Евроамбасадороот Михалис Рокас вчера беше дециден дека нема членство во ЕУ без право на глас и без право на вето.
Со ова, приказните на Мицкоски се разобличени целосно.
Исто како и празната националистичка реторика која веќе не поминува“.
Граѓаните, додаваат од СДСМ, го гледаат Мицкоски седнат во авион како се лукзуора на нивна сметка, со скапи часовници од 60.000 евра, со тендери како томбола за бизнис.
Тоа, како што оценуваат, е личен финаниски патриотизам.
„Зборува за меко ткиво а не знае дека и мозокот е меко ткиво.
Мицкоски, граѓаните имаат мозок“.

