Македонија
Царовска: Сите заедно да работиме на трајно искоренување на насилството врз децата
Посветената работа на системите за детска и за социјална заштита, но и интегриран пристап на сите други институции се многу важни во борбата против насилството врз децата, рече министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, на денешната панел-дискусија за обезбедување мултисекторски пристап во детската заштита. Панелот беше дел од дводневната конференција на УНИЦЕФ во Скопје „Проширување на акцијата за ставање крај на насилството врз децата во Западен Балкан“.
„Изминатиот период воведовме 15 советувалишта во градинките, кои треба да работат со родителите. Дополнително, програмата за социо-емоционалниот развој треба да биде наша гордост. Во спроведувањето на оваа програма воспитувачите ги избравме врз основа на тоа дека покажаа најдобри резултати и се вистински професионалци што си ја сакаат работата. Овие воспитувачи ќе бидат темелот на промените во предучилишната детска заштита, која е многу важна за раниот детски развој“, рече Царовска.
Таа истакна дека со социјалната реформа државата првпат воведе работа со семејството.
„Многу е важно да се јакнат најранливите семејства и да ги научиме дека децата треба да бидат на прво место во семејството“, рече Царовска.
На панел-дискусијата своите искуства за соработката на институциите за интегрирана детска заштита ги споделија и претставниците од Црна Гора, Србија, Албанија, вишиот регионален советник за детската заштита на УНИЦЕФ за Европа и централна Азија, Арон Гринберг, и првата дама Елизабета Ѓоргиевска, која зборуваше од искуство на лекар.
„Честопати ние како лекари забележуваме физичко насилство кон децата, но, за жал, немаше воспоставено протокол за да можеме да го пријавиме насилството. Тоа се овозможува со новата стратегија за стоматолозите и лекарите, со што сите ние ќе можеме бргу да реагираме и да ги заштитиме децата од насилство“, рече Ѓоргиевска.
Целта на конференцијата е да се поттикне љубов за секое дете, односно да се стави крај на насилството со тоа што општеството и институциите ќе имаат нулта толеранција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

