Македонија
Царовска: Со Болоњскиот процес го приспособуваме високото образование на потребите на студентите и на општеството
Министерката за образование и наука, Мила Царовска, денеска учествуваше на онлајн-конференција на министрите надлежни за високото образование на земјите членки на Болоњскиот процес. Домаќин на конференцијата, која првпат се одржува онлајн, е Рим и на неа учествуваат министрите од 48-те земји членки.
Министерката Царовска, која заедно со другите министри го одобри римското коминике за понатамошниот развој на високото образование, кое е и основа за креирањето на домашните високообразовни политики, во обраќањето го истакна значењето на иновативноста во високо образование.
„Во изминатите дваесет години постигнувањата од Болоњскиот процес го изменија високото образование кое е насочено на потребите на студентите и за развојот на општеството. Со воведувањето нови и подобро усогласени методи и практики за учење внесуваме сосема нова димензија во образовните процеси и ги приспособување на современите трендови. Сето ова е тесно поврзано со истражувањата и со местото на општествените, хуманистичките и креативните науки кои треба да продолжат да ја играат виталната улога давајќи им длабочина на нашите животи и овозможувајќи да го разбираме и да дејствуваме во светот што постојано се менува“, рече Царовска.
Болоњскиот секретаријат ѝ и изрази благодарност на нашата земја, која во изминатите две години учествуваше во одборот што раководи со Болоњскиот процес и за конференцијата одржана во Скопје во февруари 2019 година.
На римската конференција министрите го примија Сан Марино како нова членка на Болоњскиот процес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК: До 16 часот гласале повеќе од половина од пријавените болни и немоќни лица
Државната изборна комисија (ДИК) соопшти дека до 16:00 часот на вториот круг од локалните избори гласале 2.762 од вкупно 4.826 лица пријавени како болни или немоќни. Во 14 казнено-поправни установи, каде што право на глас имаат 1.256 лица кои издржуваат казна затвор или се во притвор, до 16:00 часот гласале 380 гласачи. Од 214 лица сместени во установи за вонсемејна грижа, своето право го искористиле 78 гласачи, прецизираат од ДИК.
Според информациите од Комисијата, гласањето започнало точно во 7 часот утринава и се одвива без прекини и инциденти во сите општини и во Градот Скопје.
Претседателот на Комисијата, Борис Кондарко, изјави дека нема никакви проблеми ниту со изборниот материјал, ниту со изборните органи. Досега не се пристигнати забелешки, приговори или поплаки.
Во вториот круг од локалните избори, кој ќе се одржи утре, ќе се гласа за градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје, како и на три избирачки места во Шуто Оризари за советници. Право на глас имаат 1.013.375 граѓани.
Македонија
Матичарка и службеници ѝ „подариле“ втор идентитет на кумановка, завршија со пријава
Полицијата во Куманово поднесе кривична пријава против четири лица — В.Б. (56), Н.З. (41), Х.Е. (53) и В.П. (67) — под сомнение дека со несовесно постапување во службата овозможиле едно лице да користи два различни идентитета.
Според информациите од СВР Куманово, првопријавената, матичар во подрачната канцеларија на Управата за водење на матични книги во село Лојане, општина Липково, направила незаконит упис во матичната книга на родени, внесувајќи податок дека едно женско лице склучило брак со машко лице и го зело неговото презиме.
Вториот пријавен, исто така матичар, на 26 март годинава издал извод од матична книга на родени со тие податоци, а третиот пријавен, службеник во Одделението за управни работи во Куманово, го примил барањето за издавање пасош.
Четвртиот осомничен, кој работел како виш советник за патни исправи во истото одделение, проценил дека се исполнети условите и го одобрил издавањето на патната исправа.
Со нивното постапување, како што наведува полицијата, на лицето му било овозможено незаконски да користи два идентитета. Против сите четворица е поднесена кривична пријава за делото „несовесно работење во службата“.
Македонија
Непречено се одвива гласањето на болните и затворениците
Гласањето на болните и немоќните лица, лицата кои се во притвор или затвор, како и на граѓаните сместени во установи за вонсемејна грижа, денеска се одвива без потешкотии во сите општини каде што утре ќе се одржи вториот круг од локалните избори, соопшти Државната изборна комисија (ДИК).
Од Комисијата информираат дека гласањето започнало во 7 часот изутрина и се спроведува непречено на целата територија, вклучувајќи го и Градот Скопје.
Според податоците на ДИК, денес право на глас остваруваат 4.826 болни и немоќни лица, 1.256 лица сместени во 14 казнено-поправни установи и 214 граѓани во 13 центри за вонсемејна грижа.
Вториот изборен круг од локалните избори 2025 ќе се одржи утре, кога ќе се гласа за градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје, како и на три избирачки места во Шуто Оризари за избор на советници.
Според избирачкиот список, право на глас имаат вкупно 1.013.375 граѓани.

