Македонија
Царовска: Студентите треба да бидат задоволни од грижата на државата
Младите мора да бидат задоволни од грижата на државата кон нив и од можностите кои им ги обезбедува за остварување на личните и професионални цели. Само на тој начин ќе бидат доволно мотивирани да останат во сопствената земјата и да го реализираат својот потенцијал, што ќе значи и придонес кон севкупниот општествено економски развој. И мислам дека сликата постепено ја менуваме, со тоа што младите во последните неколку години интензивно се вклучуваат во креирањето на политиките кои ги засегаат, а со кои точно се одговара на сите нивни потреби. Така е и сосубвенционираниот студентски оброк, воведените нови стипендии и зголемените износи на постојните се резултат на нивни барања. Ова го истакна министерката за образование и наука за време на денешната средба со претставниците на студентските собранија и парламент на најголемата и најстара високообразовна установа во државата, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на која се разговараше за тековните политики и идни планови на МОН и Владата за унапредување на студентскиот стандард.
Царовска рече дека субвенционираниот студентски оброк е системско решение уредено со закон, со кое на младите значително им се олеснува животот за време на студирањето, затоа што, според проценките на МОН, на околу 40.000 студенти им следува правото да добијат по 2400 денари за 9 месеци во годината, што ќе можат да ги користат за купување здрави оброци.
„Со оваа мерка младите имаат една грижа од финансиска природа помалку за време на студирањето и ќе можат повеќе да се посветат на суштината на процесот на едукација“, рече Царовска потсетувајќи дека аплицирањето е во тек и дека рокот за пријавување за тековните студенти е од 1 до 31 август 2021 година, додека за кандидатите кои ќе се стекнат со статус на студенти во академската 2021/2022 година и кои не го запишале летниот семестар, рокот за пријавување е од 1 до 31 октомври 2021 година.
„Процесот е дигитализиран, односно пријавувањето се спроведува електронски преку порталот www.e-uslugi.mon.gov.mk и многу едноставно, со прикачување на само два документи – пријава и изјава за точност на податоци и се наведуваат податоци за лична трансакциска сметка“, додаде Царовска.
Министерката потсети дека наскоро ќе следува и аплицирање за остварување на правото на студентска стипендија, а годинава МОН и Владата одлучија политиката на стипендирање значително да ја променат, за да се обезбеди што поголема поддршка на поголем број млади кои студираат на додипломски, постдипломски и докторски студии во државата.
„Годинава значително ги зголемивме износите на постојните стипендии. Сега сите се во висина од 6.050 денари месечно и тоа за некои категории значи зголемување за над 80% од износот кој се исплаќаше досега. Непроменети останаа само стипендиите за студенти запишани на студии по математика, хемија и физика, кои и натаму ќе добиваат по 18.000 денари месечно“, рече Царовска.
Таа информираше дека за прв пат се воведени и стипендии за трет циклус на студии за одредени дефицитарни струки, за што се предвидени 15 стипендии од по 18.000 денари за 12 месеци во годината, а по цела една деценија, повторно достапни се и стипендиите за постдипломски студии во државата, за што е предвидено да се доделат 50 стипендии од по 9.000 денари за 9 месеци во годината.
На средбата со студентите присуствуваa декани и продекани на неколку факултети во состав на УКИМ, како и претседателката на Универзитетското студентско собрание, Ева Цветковска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Зошто Заев и Филипче дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на закон, кои им биле мотивите и колку профитирале, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ
Во 2023 година, Владата предводена од СДС извршила измени на Правилникот за одгледување канабис за медицински цели, кои се косат со важечкиот закон што ја регулира оваа област, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Со измените во член 2 од Правилникот е предвидено канабисот да може да се одгледува и на отворен простор (површина или земјиште), иако во законот и во претходната верзија на правилникот беше утврдено дека одгледувањето за медицински цели се врши исклучиво во затворен простор.
СДС и Заев со ваквиот подзаконски акт овозможиле производство на канабис на нива, што отвора сериозни дилеми во однос на исполнувањето на ГМП стандардите. Доколку не се исполнети овие норми, финалниот производ, маслото од канабис не би можел да биде соодветно лиценциран ниту пласиран во промет за потребите на пациентите.
Владата на СДС на чело со Заев и Филипче свесно и намерно го сменила правилникот.
Во 2020 СДС на чело со Заев и Филипче имаа иницијатива за поширока легализација на марихуаната, како и на значителното зголемување на бројот на издадени лиценци за медицински канабис, особено во струмичкиот регион“.
Според владејачката партија, сомнежите и индициите за злоупотреба на производството на канабис и криминалот со дрогата дополнително се зголемија по заплената на голема количина марихуана од компанија во Ново Село, поврзувана со лице блиски на СДС и Заеви.
Прашуваат, зошто Заев и Филипче дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на Закон, кои им биле мотивите и колку профитирале.
„Дали измените на правилникот се донесени по конкретна насока од Заев, и дали со нив се отворил простор за можни злоупотреби и незаконска трговија?
Потребни се ред, одговорност и темелна институционална истрага. Надлежните органи треба целосно да ги испитаат сите наводи и сомнежи“.
Македонија
„Филипче ја составил документацијата за модуларната болница во Тетово без елаборат за електрична енергија, кој ќе сноси одговорност за техничките пропусти поради кои загинаа 14 луѓе“, прашува ВМРО-ДПМНЕ
„Поранешниот министер за здравство Венко Филипче, бил директно инволвиран во процесот на изработка на техничката документација за модуларната болница во Тетово, каде живи изгореа 14 луѓе. За ова говоревме минатата година во „Афера – Провизии кои чинат животи’’ каде посочивме на низа пропусти и недоследности, но продолжената рака на СДС Коцевски, цврсто ги чуваше кривичните пријави и докази за Филипче во фиока“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Според сведоштвото на Кадриу, вечерта на несреќата таа била повикана да се вклучи во истрагата, а подоцна ѝ се приклучиле и претставници од обвинителство меѓу кои тогашниот ДЈО Јовевски кој дошол со двајца свои обвинители.
Улогата на ДЈО Јовевски и останатите била процесот да го држат под нивен надзор и контрола.
Според Кадриу, околу 30 милиони евра биле обезбедени за изградба на овие објекти. Светската банка тогаш одобрила средства за изградба на модуларни болници на територија на Македонија.
Венко Филипче бил министер кога се изработувала техничката спецификација за модуларните болници. Градбата на модуларната болница, била направена од панели рециклирани со пурпена, кои тогаш не чинеле повеќе од 5-6 евра. Додека пак, оние подобрите и поквалитетните, како на пример панели со камена волна кои не горат до 40 минути, чинеле околу 17 евра. Во превод, според Кадриу, овие модуларни болници чинеле околу 300.000 евра, сите, а биле обезбедени за оваа намена 30 милиони евра.
Во чиј џеб завршиле парите?
Дополнително за објектот во Тетово, не бил изработен соодветен елаборат за електрична енергија, што дополнително влијаело на безбедноста.
Зошто немало соодветен елаборат за електрична енергија?
Зошто не се користеле квалитетни материјали?
Зошто се искористени минимум од дозволените средства?
Филипче одбил алтернативни предлози за згрижување на ковид-пациенти во рамки на постојните болнички капацитети.
Филипче ја одбил понудата на тогашниот медицински директор, кој понудил сместување на КОВИД пациенти, на двата спрата во тетовската болница кои стоеле така празни. Филипче тоа го одбил, поради тоа што овие модуларни болници морале да бидат изградени.
Вистинските виновници за модуларната болница во Тетово мора да одговараат пред законите“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Празнувајте со срце, возете со разум – без алкохол зад воланот на овој празник на виното и љубовта, апелира РСБСП
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата упатува апел до сите учесници за внимателно, совесно и одговорно учество во сообраќајот за време на празникот на виното и љубовта 14 Февруари – Свети Трифун и Ден на вљубените.
„Празниците се време за радост, блискост и споделени мигови со саканите. Но, вистинското прославување е онаа по која сите безбедно се враќаме дома. Затоа, не дозволувајте момент на невнимание да ја засени убавината на празникот. РСБСП потсетува: – Доколку консумирате алкохол – не седнувајте зад волан. Изберете јавен превоз, такси или возач кој не конзумирал аклохол. – Возете внимателно, почитувајте ги сообраќајните правила и прописи,грижете се за безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Сакајте и почитувајте го својот и животот на другите – затоа што секој живот е важен“.

