Македонија
Царовска: Унапредувањето на стручното образование е наш приоритет, воведовме стипендии за бараните струки
Посветено работиме за да се врати достоинството на средните стручни училишта, а учениците да ја сфатат нивната вредност, за да образуваме нови генерации млади луѓе барани на пазарот на труд, рече министерката за образование и наука, Мила Царовска, по посетата на средното електро-машинско училиште „Коле Нехтенин“ во Штип. Министерката, заедно со в.д. градоначалникот Јане Миланов, со директорот и наставниците на основното училиште „Гоце Делчев“ разговараа за текот на наставата, а се сретнаа и со ректорот на УГД „Блажо Боев“.
„Стручното образование за МОН и за Владата останува висок приоритет. Со вложување во средното стручно образование создаваме граѓани коишто се работоспособни и директно може да се вклучат на пазарот на труд, но имаат и можност да се вклучат и во високото образование. Овие кабинети кои ги видов тука навистина даваат можност учениците да се стекнат со практични вештини. Интенцијата на МОН во наредниот период е преку тесна врска со компаниите да се обезбеди можност праксата да се изведува во компаниите или што поголем број училишта да се поврзат со компании и да се воспостави системот на дуално образование“, изјави Царовска.
Со тоа, третина од средното образование би се изведувало во реален производствен процес, а директното остручување им дава подобра стартна шанса на сите ученици кои завршуваат стручно образование.
„Оваа година ја променивме политиката за стипендирање и за првпат се воведоа стипендии за стручните училишта. На денешната владина седница се зголеми бројот на стипендии за електротехничката струка, затоа што имавме повеќе апликации. Од 9 се зголеми на 23 за да може да ги опфатиме сите ученици коишто сакаат да бидат стипендирани, а се од електро струката, којашто е значајна за целата индустрија во нашата земја“, нагласи министерката Царовска.
Од годинава воведени се ученички стипендии за избрани дефицитарни струки: машинска, земјоделско-ветеринарна, текстилно-кожарска, електро-техничка и градежно-геодетска струка.
Министерката Царовска посочи дека посебно внимание се посветува на подобрувањето на условите во училиштата. Во средно училиште „Коле Нехтенин“ завршена е реконструкцијата на кровот, што е целосна инвестиција на Министерството за образование и наука во вкупен износ од 17,5 милиони денари. Во тек се градежни работи за реновирање на спортската сала во состав на училиштето, што се прави со средства од општината, со цел да се обезбедат подобри услови за физичко воспитание и образование на учениците.
И покрај здравствената криза, наставата се спроведува успешно. Теоретскиот дел учениците го следат онлајн, додека практичниот се реализира со физичко присуство, под здравствени протоколи и мерки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Македонија
Агресивен карцином кај 10-годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.

