Македонија
Седумдесет отсто од противпожарните возила се од минатиот век
Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) ја објави базата на податоци за возилата на сите 30 територијални противпожарни единици во земјата. Базата на податоци открива дека противпожарните единици располагаат со само 220 возила. Притоа, овде спаѓаат не само цистерните и возилата за гасење пожар, туку и сите други возила на противпожарните екипи. Просечната старост на овие возила е 27 години и дури 154 од нив, односно 70 проценти од возилата, се произведени во минатиот век.
За споредба, министерствата и општините, според базата на податоци што Центарот за граѓански комуникации ја објави во октомври 2018 година, имаат на располагање 2.645 патнички возила, што значи дека на секое 12-то патничко возило доаѓа по едно специјално противпожарно возило. Кај патничките возила има обратна ситуација, односно само 29 проценти се од минатиот век, а 71 отсто се купени во новиот милениум. Наспроти 27-те години на противпожарните возила, патничките просечно се стари 12,5 години.
Оваа база на податоци е дел од предвидените десет истражувања и бази на податоци за трошењето на јавните пари што ќе се реализираат во рамките на проектот „Јавно трошење за јавно добро“, поддржан од проектот на УСАИД за граѓанско учество. Целта на проектот што го спроведува ЦГК е зголемување на ефективноста на јавното трошење преку намалување на корупцијата и зголемување на транспарентноста.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Филипче да одговори на кое име му е станот во Дубаи?
ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека, како што велат, вистинското лице на СДСМ излегува на површина, откако по седумгодишното владеење, кое според партијата било обележано со корупција и уништување на државата и економијата, поранешните функционери ги пренасочиле своите бизниси во една од најбогатите држави во светот – Обединетите Арапски Емирати.
Од ВМРО-ДПМНЕ потсетуваат дека по долг период на јавно укажување и неколку дена по сведоштвото дека поранешниот премиер Зоран Заев гради 42-катница во Дубаи, стигнала и потврда од претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
На новинарско прашање дали заедно со Заев гради висококатница во Дубаи, Филипче одговорил дека тој не градел, што, според ВМРО-ДПМНЕ, претставува индиректна потврда на нивните тврдења и на сведоштвото на Тома Аврамски дека токму Заев е инвеститорот на 42-катната зграда.
„Признанието дека Филипче не гради, не може да се толкува поинаку освен како официјална потврда дека неговиот ментор, Зоран Заев, го проширил својот бизнис и инвестира во градежништвото во Дубаи“, соопштуваат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека Филипче сега треба јавно да одговори како се стекнал со таканаречената златна виза во Дубаи, со оглед дека, како што велат, досега не презентирал докази за најавуваниот работен ангажман во тамошни здравствени установи.
„Ако не градел со Заев, на кој начин се стекнал со златна виза?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ, отворајќи и дилема дали станот спомнат во сведоштвото на Аврамски е во сопственост на Филипче или истиот бил префрлен на трето лице.
Партијата нагласува дека одговори ѝ должи и јавноста и Зоран Заев, кој, според нив, треба јавно да соопшти како дошол до милионите со кои инвестира и гради облакодери во Дубаи.
„Апелираме да не се одолговлекува, бидејќи вистината, порано или подоцна, секогаш излегува на виделина“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Една година затвор за обид да прегази полицаец кој сакал да го легитимира
Четириесет и шестгодишен кавадарчанец е осуден на една година затвор затоа што со автомобил удрил во полициски службеник кој сакал да го легитимира.
На 21 декември по полноќ, со возило „фолксваген“ обвинетиот не запрел на даден знак од полициските службеници, а кога на една од крстосниците во градот бил опколен од две полициски возила за да го запрат, сакал да прегази полициски службеник.
Полицаецот излегол од службениот автомобил за да го легитимира и во тој момент осомничениот се залетал кон него со возилото со голема брзина, го удрил во стомакот и левата нога, а потоа удрил и во полициската кола, по што продолжил да вози. Полицаецот од ударот се здобил со неколку телесни повреди.
Осомничениот бил приведен на 25 декември и следниот ден бил изведен пред судија каде го признал делото. Судот во Кавадарци изрече пресуда со која го огласи за виновен и го осуди на казна затвор од една година, а до правосилност на пресудата одлучи обвинетиот да биде обезбеден со мерка притвор поради опасност од бегство и можноста да го повтори делото.
Македонија
Сончево време со мала облачност и ветер
Времето во Македонија денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност и дневни температури од 3 до 10 Целзиусови степени. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието засилен ветер од северен правец (над 60 km/h).
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен повремен засилен ветер од северен правец.
Утре времето ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност и дневни температури од 3 до 11 степени. Ќе дува засилен до силен ветер од северен правец (над 60 km/h).

