Македонија
Цела година не се мери загадување околу „Дрисла“, било скапо
Надлежните во „Дрисла“ последните мерења на загадувањето околу депонијата на нивната веб-страница ги објавиле во декември 2017 година. Според Дијана Велјановска, шеф на Кабинетот на директорот Горан Ангелов, мерењата се скапи и не може да се прават често.
„Мерењата ги прави ФИНКИ и ние не сме во можност постојано да плаќаме за да се извршуваат овие мерења. Согорувањето е контролирано и се почитуваат востановените стандарди“, вели Велјановска.
Граѓаните во блиските населени места до скопската депонија „Дрисла“ реагираат дека постојано се чувствува енормната загаденост, мирис на чад од најразлични материи што согоруваат во печките на депонијата. Оваа состојба се влошува во вечерните часови.
Град Скопје се оградува и од таму велат дека тие немаат надлежност да бараат од „Дрисла“ да спроведува мерења.
„Депонијата ‘Дрисла’ поседува А-интегрирана еколошка дозвола и е единствената депонија во земјава која собраниот комунален отпад го депонира согласно со европските стандарди, а со тоа и контролата е во надлежност на Министерството за животна средина. Но, како дел од инцијативата на градоначалникот Шилегов и по барање на Градот Скопје беше поставен нов филтер на печката за согорување медицински отпад (исенератор), кој во претходните мерења покажа дека загадува повеќе од законски поставените параметри. Станува збор за филтер што е поставен на инсенераторот за согорување медицински отпад и тој ги апсорбира ПМ10 честичките, јаглерод моноксидот и другите честици што се ослободуваат при согорувањето. Поставувањето е во согласност со препораките на Државниот инспекторат за животна средина“, велат од Град Скопје.
Инаку, Град Скопје пред Нова година поднесе жалба на одлуката на Управниот суд да се раскине договорот со италијанскиот концесионер „ФЦЛ Амбиенте“ и да се склучи договор во германската фирма „Шолц“. Од Градот бараа да се врати депонијата целосно во сопственост на Градот, па дури потоа да се бара нов концесионер кој ќе биде обврзан да воведе најсовремени технологии за третирање на отпадот и ѓубрето на „Дрисла“.

Досега, германската фирма што учествуваше на тендерот пред 7 години двапати го обжалуваше договорот со италијанската фирма, по што Управниот суд пресуди дека поради неправилности во тендерската постапка треба да се склучи нов договор, но Град Скопје, додека градоначалник беше Коце Трајановски, повторно во двапати склучуваше договор со „ФЦЛ Амбиенте“.
Управниот суд донесе нова одлука со која наложува Град Скопје да склучи договор со германската фирма „Шолц“, за што сега Град Скопје поднел жалба.
Градоначалникот Петре Шилегов по неговото доаѓање на градоначалничката функцијата го покрена прашањето за „Дрисла“. Беа направени контроли, и беше изречена казна.
По жалбата, италијанската фирма „Амбиентале“ треба да ја напушти „Дрисла,“ но таа и натаму останува концесионер на „Дрисла“ а се чекаат новите чекори што ќе ги преземе Град Скопје кој стопанисува со 20 проценти со претпријатието.
На почетокот на годината „Дрисла“ беше казнета со 8 500 евра поради согорување медицински отпад.
Пред десeт месеци, пак, скопското Обвинителство по допрен глас отвори истрага против „Дрисла“ за кривично дело загадување на животната средина и природата од чл. 218 од Кривичниот законик.
Град Скопје во 2011 година ја избра италијанската фирма „ФЦЛ Амбиенте“ за концесионер на „Дрисла“. Тие ја добија депонијата на 35 години и, според договорот, во неа требаше да инвестираат 73 милиони евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
30 домови во скопската општина Сарај се под вода по обилните дождови
Повеќе од 30 домови во скопската општина Сарај се поплавени, теренските екипи интензивно интервенираат
Градоначалникот Мухамед Елмази објави дека во кризниот штаб се ангажирани Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи, противпожарните единици од Тетово, Противпожарната бригада на Градот Скопје, екипи од Општина Ѓорче Петров, НПК Сарај, како и полициската единица Сарај.
„Искрено им се заблагодаруваме на сите институции и тимови за нивниот професионален, посветен и солиден ангажман во справувањето со оваа ситуација.
За време на состанокот беа дискутирани понатамошните чекори што треба да се преземат за целосно санирање на последиците, поддршка на погодените семејства и превентивни мерки за избегнување слични ситуации во иднина.
Надлежните институции и служби остануваат во целосна готовност и ќе продолжиме да ги информираме граѓаните за сите нови случувања“, објави Елмази.
Македонија
Во изминатите девет часа најмногу дожд во Гевгелија, Штип и Попова Шапка
Во изминатите девет часа, до 16 часот денеска најмногу дожд наврнал во Гевгелија – 23 литри на метар квадратен, потоа Штип – 16, Попова Шапка – 14 и Берово – 12 л/м2, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи – Скопје.
По 10 л/м2 наврнале во Крива Паланка и Виница, 8 во Ѓуриште, 6 во Маврови Анови и Лазарополе, 5 во Крушево, 4 во Скопје-Зајчев Рид, Тетово, Струмица и Пожаране, 3 во Битола, по 2 во Охрид, Велес, Кавадарци и Демир Капија и 1 л/м2 во Прилеп.
Од УХМР информираат дека на повеќе места низ земјава има интеракција на подземните и површинските води и појави на заезерувања од самите врнежи. До крајот на денот се очекува висок водостој на река Вардар, река Црна и на река Треска. На останатите помали реки се очекува постепена стагнација и намалување на водостојот во вечерните часови.
Времето до крајот на денот ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Кон крајот на денот и во текот на ноќта на планините во северозападните делови врнежите од дожд ќе преминуваа во врнежи од снег. Долж Повардарието ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец.
Управа за хидрометеоролошки работи, претходно околу 14:00 часот информира дека на хидролошката станица на река Вардар во Балин Дол е регистрирано намалување на водостојот на реката, но тој сеуште останува висок и постои опасност од излевање на реката во гостиварскиот регион, додека во наредните часови водниот бран ќе се движи низводно кон Полошката Котлина и Скопје, каде што се можни локални излевања и заезерувања во Полошката Котлина.
И во Скопје ce очекува висок водостој на реката Вардар, при што е зголемен и водостојот на реката Лепенец.
Поради зголемениот водостој на реките Кадина и Маркова, како и поради водите што не пристигнат од Горен Вардар, од УХМР информираат дека можни се локални заезерувања низводно од Скопје, на потегот околу селата Зелениково, Орешани и Таор.
Водостојот на реката Треска е во пораст и можни се излевања кај селата Пласница и Лисичани. Водостојот на реката Зајашка останува висок, со тенденција за благо намалуване во наредните часови.
Во сливот на реката Црна можни се заезерувања во Демирхисарскиот регион и Пелагониската Котлина.
Македонија
УХМР: Претпазливо движење покрај реките и суводолиците низ земјава
Според податоците од хидролошките станици низ земјава, останува висок водостојот на река Вардар во горниот дел од сливот со можност за заезерувања и локални излевања во Полошката Котлина, а регистриран е прилично висок водостој и на река Кумановска и река Треска, во чии сливови се можни локални излевања, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Од УХМР, исти така, предупредуваат на претпазливо движење покрај реките и сууводолиците низ земјава.
-Регистриран е прилично висок водостој на река Кумановска и во нејзиниот слив се можни локални излевања на реките и суводолиците. Исто така, на река Треска останува исклучително висок водостојот и во нејзиниот слив се можни локални излевања, а надојдената вода е можно да претставува опасност и по столбовите на дел од Мостовските конструкции – информираат од УХМР.
На останатите водотеци на западот од земјата остануваат високи водостоите но се со тенденција на намалување. На истокот засега има помали зголемувања на водостоите на реките, иако беа забележани локални и изолирани појави на интензивни поројни врнежи во поедини делови.
-До крајот на денот се очекува да остане висок водостојот на река Вардар во горниот дел, а во текот на вечерта и за време на ноќта да има зголемување на водостојот низводно од Скопје (Јурумлери, Орешани, Зелениково, Таор) како и во Велес. Исто така и на река Треска се очекува да остане исклучително висок водостојот до крајот на денот и вечерта – информираат од УХМР.

