Македонија
Цените се значително намалени, набавката на училишниот прибор сега е поекономична за македонските семејства, оценува Мицкоски

Најновите мерки на Владата ги даваат своите резултати, набавката на училишниот прибор сега е поекономична за македонските семејства, пишува на социјалните мрежи премиерот Христијан Мицкоски.
„Цените на училишниот прибор се значително намалени, што го олеснува товарот на родителите и овозможува секое дете да тргне подготвено на училиште.
Семејствата, пак, ги чувствуваат позитивните ефекти бидејќи со намалените цени се овозможува повеќе средства да останат за други важни животни потреби“, додава Мицкоски.
Истакнува неколку примери од продавниците каде цените, како што вели, веќе се прилагодени за да одговорат на новите правила.
„Со ова, илјадници семејства ќе можат полесно да го подготват училишниот прибор без да се грижaт за високите трошоци“, оценува премиерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Али, Артан, Бујар, Филипче и Заев, оската на злото, ДУИ-СДС нема да избега од правдата

Не ги носи никој во „мрачниот српско-руски свет“ како што сеат магла Османи и ДУИ, туку во светот на одговорноста – пред лицето на законот, за целиот криминал и предавства што ги направи криминалната клика.
Али Ахмети, Артан Груби, Бујар Османи, Венко Филипче и Зоран Заев можат колку сакаат да зборуваат за Европа и за вредности, но токму тие се синоним за криминални тендери, модуларни болници што гореа и убиваа луѓе, уништени институции, раскопана економија и тргување со националните интереси, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„На Бујар Османи „рускиот свет“ му е Павлов рефлекс – веднаш кога нема што да каже, излегува со „руски“ или „српски свет“ и мисли дека со тоа ја завршил работата. Толку многу ги потценува Албанците што мисли дека нафта пијат, токму од онаа што луѓе блиски до ДУИ и до струмичките тајкуни кланови ја носеа во РЕК Битола. Османи има синдром на напуштена љубовница, која очајно сака да се расправа, надевајќи се дека ќе го импресионира својот лидер кој внимателно одмерува дали токму тој ќе биде наследникот.
Додека Албанците и Македонците заедно страдаа, мала корумпирана клика на оската на злото „ДУИ–СДС“ се богатеше на грбот на народот. Јахти, станови и милионски бизниси беа нивната вистинска агенда, додека граѓаните едвај преживуваа во сиромаштија и инфлација“.
Затоа, додаваат од партијата на власт, панично бараат алиби и кријат зад измислени стравови. Но, според ВМРО-ДПМНЕ, времето на ДУИ и СДС завршува. Ова, како што додаваат е време на правда и одговорност, време кога Али, Артан, Бујар, Филипче и Заев ќе мора да одговараат пред законот, а граѓаните конечно ќе живеат во правна држава со европски вредности и чесни институции.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Разузнавачкиот систем бил ставен во функција против Мицкоски

Целиот разузнавачки систем бил ставен во функција против претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, со цел задржување на СДС на власт, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски.
„5 години претседателот Мицкоски бил таргет на АНБ и АР, бил следен и прислушкуван, и секој негов чекор бил документиран. СДС преку АНБ и АР воделе политичка битка. Службите за безбедност и разузнавање биле целосно злоупотребени,“ рече тој.
Петрушевски додаде дека „сега кога се фатени на дело, СДС наместо да се извинат, продолжуваат да сеат магла“ и дека „цел систем на СДС е демаскиран. Злоупотребени се АНБ и АР, но и ЈО, кое преку Љупчо Коцевски ги следело мерките.“
Тој истакна дека недовербата на народот во судството и обвинителството е резултат на оваа злоупотреба: „Не е чудо што народот има 2% доверба во судството и обвинителството, кога токму тие институции биле дел од системот за следење и прислушкување на политички противници на СДС наместо да работат во служба на граѓаните.“
Петрушевски нагласи дека за прислушкувањето и следењето мора да има одговорност и дека „овој случај не смее да помине неказнето, за никогаш повеќе да не се повтори.“
Македонија
Карпошани ќе одложуваат текстил во специјализирани екоконтеjнери

Друштвото за управување со отпад од текстил ЕКО-ТЕКС ГРУП ДОО Скопје, денеска во основното училиште „Владо Тасевски“, во присуство на градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски го промовираше еколошкиот контејнер за собирање, селектирање, рециклирање преработка и отстранување на отпаден текстил на територијата на Општината.
Имено, ова овластено друштво за собирање и рециклирање на текстилен отпад, ќе постави ваков тип на контејнери во сите десет основни и сите четири градинки на територијата на локалната самоуправа. Првиот човек на Општината, Стевчо Јакимовски истакна дека на овој начин, сите граѓани, ќе можат да ги одложуваат своите стари и непотребни алишта во овие наменски и специјализирани еколошки контејнери, наместо да ги оставаат во класичните контејнери кои се наменети за селекција на ѓубрето кое се создава во домовите на граѓаните.
-Упатувам апел до сите Карпошани, непотребната облека, и сите текстилни материјали, кои им зафаќаат простор во домовите, а сакаат да се ослободат од нив, да ги одложуваат во овие специфични и наменски контејнери, за потоа истите преку рециклирање да имаат упоребна вредност. Од друга страна, неодамна во една акција за чистење на т.н дива депонија во населеното место Злокуќани, бевме сведоци, дека огромен дел од насобраниот шут и смет, беше токму текстилна облека од несовесни граѓани кои ја фрлиле на јавна површина. Затоа сега, кога веќе преку соработка со ова Друштво, обезбедуваме специјализирани еколошки контејнери, граѓаните имаат можност токму во нив да ги одложуваат старите и износени парчиња облека или друг вид на текстилен материјал, нагласи Јакимовски.
Општина Карпош и во иднина ќе работи на изнаоѓање на креативни решенија со кои ќе се унапреди соработката помеѓу локалната самоуправа и граѓаните, во подигнување на свеста за селекција и рециклирање на разни видови на отпад, се со цел хигиената и чистотата на територијата на Општината да биде издигната на завидно ниво.