Македонија
Центар за граѓански комуникации: Просечната старост на амбулантните возила е 11 години
Сите здравствени институции во земјава заедно имаат 183 амбулантни возила, во кои влегуваат возилата за прва помош и санитетските возила. Вакви возила имаат 47 здравствени институции.
Просечната старост на амбулантните возила е 11 години, односно тие се просечно произведени во 2008 година. 13% од возилата се произведени во минатиот век, односно пред 2000 година.
Најстари се две возила произведени во 1988 година, што се користат во Струга и во Отешево. Едно возило, на Здравствениот дом од Кичево, има поминато дури 1 милион и 360.000 километри.
Просечна вредност на едно возило изнесува 38.900 евра (институциите доставиле податоци за вредноста на 139 од вкупно 183 возила). Најмногу амбулантни возила има во Скопје, 30, и во Охрид и Битола по 12. Во Велес и Куманово има по 8, а во Делчево, Кичево, Струга, Тетово и Прилеп по 7 возила. Ова го покажува најновата база на податоци изработена од Центарот за граѓански комуникации која се однесува на амбулантните возила во земјава (санитетски и возила за прва помош).
Двете најскапи возила, од 153.460 евра и 137.260 евра, ги поседува Клиниката за детски болести од Скопје, додека третото, од 103.360 евра, е на Клиничката болница Битола.
Најмногу од возилата, односно 30%, институциите ги добиле како донација од Министерството за здравство. Со сопствени средства купиле само 23%, додека 12% од возилата ги добиле како домашна донација (од други институции или лица), а 11% како странска донација. За 23% од возилата нема податок за основата за стекнување.
Oва е трета база од ваков вид што ја изработува Центарот за граѓански комуникации, по Базата на службените патнички возила на министерствата и општините и Базата на противпожарните возила. Споредбата покажува дека најмногу има службени возила, додека најмалку амбулантни возила.Базата на податоци на сите амбулантни и санитетски возила е изработена врз основа на податоци обезбедени од здравствените институции во земјава: здравствени домови, клиники и клинички болници, општи и специјални болници, заводи, институти, здравствени станици и центри за јавно здравје, врз основа на доставено барање за информации од јавен карактер во јануари 2019 година. Оттука, за точноста на податоците одговорноста ја имаат овие институции како иматели на овие информации. Сите 90 здравствени институции одговорија на испратените барања. Од нив, 47 одговорија дека имаат вакви возила, додека останатите 43 институции дека не располагаат со амбулантни возила. Во базата се вклучени и 12-те амбулантни возила набавени од Министерството за здравство, а распределени на користење за потребите на здравствените институции од целата земја.
Податоците од оваа база, како и од сите претходни, Центарот за граѓански комуникации ја става на располагање во отворен формат за да послужи како основа за натамошно користење и истражување од страна на новинарите, граѓанските организации, науката и сите други заинтересирани страни. Во крајна линија, целта е сите заедно да придонесеме за подобрување на квалитетот и условите за живот во земјава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Груевски ѝ ја честита победата на ВМРО-ДПМНЕ: „Мнозинството ги казни политиките што ги постави Заев“
Експремиерот во бегство, Никола Груевски, им ја честита победата на парламентарните и на претседателските избори на своите поранешни сопартијци коментирајќи дека мнозинството ги казни политиките што ги постави Зоран Заев, а очекувањата на народот не смее да бидат изневерени.
„Судбината сакаше на Денот на победата над фашизмот, одбележувајќи го големиот пораз на фашизмот во 1945 година, да ги поздравам големиот пораз на СДСМ и убедливата победа на ВМРО-ДПМНЕ на изборите одржани вчера, како на парламентарните така и на претседателските избори.
Вчера, иако со поголемо задоцнување, убедливото мнозинство жестоко ги казни и порази политиките на СДСМ, кои ги постави Зоран Заев, а ги следеа неговите слепи послушници.
Политики полни со национални предавства, криминали, длабока корупција и лично богатење на грбот на граѓаните, секојдневни лаги и манипулации, злоупотреби, политички прогони на неистомислениците, нефункционалност на државните институции и нивно ставање во лична полза, како и неспособност од големи размери.
Политики што Македонија ја уназадија во секој поглед, неповратно иселија огромен број граѓани и ја доведоа земјата во позиција на потчинетост пред негаторите на нацијата и на македонскиот идентитет, јазик, историја, име, националност и посебност. Политики со кои Македонија беше константно 7 години економски уништувана, осиромашувана, ограбувања и морално пропаѓана. ВМРО-ДПМНЕ доби голема подршка од граѓаните.
Честитам!
Но, и голема обврска пред народот и големи очекувања и надеж кај нив, кои не смее да се изневерерат.
Со среќа!
И со ум!“, напиша Груевски.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ ги постави контурите за коалирање со партиите – во фокусот се три точки
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, информира дека претпладнево одржал состанок, на кој биле поставени контурите на рамката врз која ќе го градат коалицискиот потенцијал со другите партии.
Фокусот ќе бидат луѓето на прво место, вели Мицкоски.
Трите значајни точки врз кои ќе почиваат преговорите за коалициските партнери во новата влада се: економски силна држава преку реформи и чекори, кои ќе бидат жестока битка за повисок животен стандард; фронт против криминалот и корупцијата и постигнување правда; реализација на стратешкиот интерес за европски интеграции преку дијалог и исполнување принципи.
Мицкоски рече дека очекувањата се големи, а одговорноста кон народот уште поголема.
Партискиот лидер уште пред изборите најави дека ВМРО-ДПМНЕ планира да коалира со албанскиот опозициски блок „Вреди“, а не со ДУИ, а за која партијата смета дека треба да замине во опозиција.
Македонија
АРМ во Охрид ќе реализира показна вежба: ќе бидат употребени атрифиции, средства за звучни ефекти
Секторот за внатрешни работи Охрид ги известува граѓаните на Охрид дека утре во периодот од 10.00 до 12.00 часот во водите на Охридското езеро во близина на центарот за обука на вода во Охрид, припадниците на Баталјонот на специјални сили на Армијата на РСМ ќе реализираат показна вежба – препад на пловен објект.
За време на вежбата ќе бидат употребени атрифиции, средства за звучни ефекти и друга опрема што ја користи Армијата.
СВР Охрид, ги известува граѓаните дека, во врска со оваа активност, денеска во периодот од 13 до 15 часот, припадниците на Баталјонот на специјални сили на Армијата на РСМ, на истиот простор ќе изведат подготвителни активности со цел, успешна реализација на утрешната показна вежба.