Македонија
Централниот одбор на ЛДП ќе ги разгледува настапот и резултатите на изборите

Либерално-демократската партија извести дека вечерва ќе се одржи седница на Централниот одбор.
„Како одговорна партија, ЛДП, веднаш по конечното завршување на парламентарните избори ќе го разгледува предлог извештајот за подготовките, настапот и резултатите на Либерално-демкратската партија за претседателските и за парламентарните избори 2024 година.
Анализата за натамошното дејствување ќе ја прават членовите и партиското раководство во сите општински организации во наредниот период.
За извештајот, анализата и сите одлуки, јавноста ќе биде навремено и транспарентно информирана“, соопшти партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Опожарени три возила во Битола, едното на политичар од СДСМ

Три возила во Битола синоќа биле опожарени, а едното е сопственост на бизнисменот и поранешен кандидат за градоначалник од СДСМ, Христо Кондовски.
Од полицијата информираа дека сите возила се во сопственост на приватни компании, извршен е увид и нема повредени лица.
„Опожарени се патничко возило ‘тојота рав 4‘ со битолски регистарски таблички, сопственост на приватна фирма, а го користела С.К. од Битола, патничко возило ‘фолксваген пасат‘ со тетовски таблички, сопственост на приватна фирма и возило марка ‘дачиа логан‘ со скопски регистарски ознаки, сопственост на фирма“, велат од полицијата.
Реакција имаше и од СДСМ Битола од каде го осудија палењето на возилото на Кондовски.
„Овој насилен чин влева страв кај граѓаните за нивната личната безбедност, а на само неколку месеци пред локалните избори, и несигурност за интегритетот на процесот“, велат од партијата.
Се додава дека Битола станува небезбедна, а со вакви појави гледаме дека и цела Македонија е претворена во место на страв и пресметки.
Се бара од Владата итно да реагира, истрагата да биде брза и ефикасна истрага, а сторителите да бидат изведени пред правдата.
Македонија
Тренчевска: Срамно и бедно е Лефков да тврди дека со закон за помош на семејствата во Кочани се рушел правниот поредок

Пратеничката од СДСМ, Јована Тренчевска, остро реагира на, како што вели, срамната и небулозна изјава на Миле Лефков, кој, како што оцени, по два месеци молк излезе со став дека со предлог-законот за поддршка на семејствата на жртвите од трагедијата во Кочани се рушел правниот поредок.
„Преслушај се уште еднаш, Лефков, верувам ќе се засрамиш од вакви изјави,“ реагира Тренчевска.
„Закони за интервенција во случаи на вакви трагедии постојат насекаде во светот. Тоа е суштината на законодавството – да се создадат механизми за брза реакција и институционална поддршка за семејствата кои се соочуваат со ваква голгота. Да потсетиме, постои и Закон за бранителите кој предвидува конкретни поволности за одредена категорија граѓани – и никој тогаш не зборуваше за „рушење на правниот поредок“, пишува на својот Фејбук профил Тренчевска.
Таа вели дека очигледно е дека ВМРО-ДПМНЕ нема ниту чувство за срам, ниту одговорност. Лефков ја отвори вратата, а сега сите по ред од ДПМНЕ ќе ја повторуваат истата мантра.
„Ништо не научивте од трагедијата во Кочани. Не само што не понудивте решение, туку не успеавте ниту да се соочите со болката на семејствата, ниту да му помогнете на градот. Наместо поддршка – навреди. Наместо одговорност – политички игри. Дното одамна е пробиено“ – завршува Тренчевска.
Македонија
Сиљановска – Давкова и Мисајловски на промоција на родовата самопроценка во одбраната: постои видлив напредок и позитивен тренд

Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова и министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска се обратија на промоцијата на родовата самопроценка во одбраната и на Родовиот акциски план 2024 – 2028 година на Министерството за одбрана и Армијата каде заклучија дека постои видлив напредок и позитивен тренд во зголемувањето на жените во одбранбениот сектор.
Претседателката порача дека како врховна командантка на вооружените сили, кон родовите прашања во Армијата и во одбраната не се однесува само како набљудувачка, туку како актерка.
„Жалам што, за многу жени во одбраната, без оглед дали се дел од Министерството или од воените структури, вистинската борба не почнува во мисиите во коишто учествуваат и еднакво се жртвуваат, туку во нивните сопствени редови, како борба за еднакви услови за работа и за рамноправен статус, како борба за усогласување на професионалниот живот со семејните обврски, а за жал и борба понекогаш за еднакво вреднување на трудот и напредокот“, рече претседателката.
Таа додаде дека „промовирањето на родовата еднаквост според мене не подразбира давање предност, туку отстранување на пречките и овозможување еднаков третман за сите. Ние мора да го израмниме патот и да отвориме простор за извонредност, без оглед на тоа од каде таа доаѓа.“
Министерот Мисајловски родовата еднаквост ја нарече „цивилизациска вредност“ која „го сублимира сиот потенцијал и капацитет и создава синергија која ќе биде моторот за заеднички развој.“
„За нас приоритет е поголемата застапеност на жените во безбедносните структури, не само како бројка, туку како квалитет. Можеби најзначајниот чекор го направија македонските граѓани кои со изборот на првата врховна командантка на Армијата, претседателката Сиљановска – Давкова на оваа врвна државна позиција, покажаа дека се ослободени од стегите на тоа дали државата, а со тоа и вооружените сили на чело имаат маж или жена“, рече Мисајловски.
Министерот истакна дека со јакнење на механизмите за родова еднаквост, фокусирани на родовата обука на сите нивоа во Министерството и Армијата, го мултиплицираме нашиот потенцијал и носиме вистински решенија во подобрување на внатрешната структура, лидерството, кадровските политики, работните услови и инфраструктурата. Информираше дека во Министерството, на 52,3 проценти од раководните позиции се поставени жени.
Мисајловски потенцираше дека процентот на застапеност на жените мора да продолжи да се зголемува и додаде дека е цврсто убеден во тоа дека „еден човек може да се разликува единствено по посветеноста, професионалноста и личниот интегритет и ништо друго.“
На промоцијата се обратија и амбасадорката на Кралството Шведска, Ами Ларсон Јаим и заменик-директорката на DCAF – Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор, Беатрис Годефра, кои ја истакнаа важноста на родовата еднаквост. Амбасадорката Ларсон Јаим им честиташе на сите вклучени во процесот за посветеноста и планирањето како работната средина да ја направат родово одговорна и попривлечна за мажите и за жените рамноправно да придонесат за лидерството, заштитата и безбедноста на земјата.
Заменик-директорката на DCAF, Годефра, пак изрази благодарност за соработката со Минситерството и порача дека „не може да има ниту значаен напредок, ниту одржлив развој без еднакво и суштинско учество на мажите и жените.“ Годефра истакна дека одбраната и Армијата имале „професионален и посветен пристап кон родовата самопроценка“ и дека „овој процес беше значајна можност за институционално размислување, заемно учење и градење доверба.“