Македонија
Цивил: Сите пријави за кршење на човекови права и слободи ставени на едно место
„Цивил“ ги постави на едно место пријавите за кршење на човековите права и слободи во најширока смисла на зборот, говорот на омразата, лажните вести и случаите на корупција. Како што велат, сите граѓанки и граѓани што сакаат да учествуваат во граѓанскиот мониторинг на состојбите во нивните средини и воопшто во целата држава можат да го сторат тоа со само неколку кликови.
„Доволно е да се отвори веб-страницата ‘Граѓански објектив’ посветена на активизмот, граѓанското новинарство, човековите права, транспарентноста и одговорноста, во рубриката ‘Пријави’ и да се одбере потребниот формулар. За да се олесни комуникацијата, во случај пријавувачите да се двоумат која пријава да ја одберат, доволно е да го отворат формуларот ‘Човекови права’ и да ги внесат податоците во категоријата ‘Друго’. Причината за тоа е едноставна, сите облици на повреда и злоупотреби се дел од темите во корпусот на човековите права и слободи“, се вели во соопштението.
Од организацијата додаваат дека сите информации ќе бидат разгледани внимателно и ќе бидат подложени на проверки. Исто така, ќе бидат дел од извештаите на организацијата и од комуникацијата со јавноста и со институциите.
Сите пријави се анонимни, а податоците добиени од пријавите ќе бидат третирани на тој начин што, доколку се објавуваат или процесираат понатаму во институциите, ќе се обработат на тој начин што максимално ќе се заштитат изворите на информации.
„Цивил“ ги повикува сите да помогнат во откривањето на коруптивните и противзаконските дејствија, злоупотребите и кршењето на човековите права. Очекува предлози и насоки за подобрување на форматот на пријавите, формулацијата на прашањата и областите и сè друго што мислат дека може да помогне во овие заеднички напори и заложби.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно со повремен слаб дожд и ветер
Времето денеска ќе биде облачно со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Денеска наместа ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Потоа во следните два дена времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Нови врнежи од дожд, а на планините снег се очекуваат од четврток.
Македонија
(Видео) Безбеден град денес регистрираше 500 казни
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вечерва преку објава на социјалната мрежа Фејсбук им порача на граѓаните дека треба да бидат горди на себе.
-Први февруари 2026 година, околу 20 часот. Има драстично намалување на бројката на сообраќајни прекршоци споредено со пред 2 месеци кога почнавме со тест периодот. Имаме околу 500 сообраќајни прекршоци констатирани од страна на паметните камери и сакам да укажам огромна благодарност до македонските граѓани и совесните учесници во рамки на сообраќајот зашто вие сте тие кои овозможивте драстично да се намали бројката за период од околу 2 месеци од 120 илјади прекршоци на 500, порача министерот.
Македонија
Сообраќајниот хаос во центарот ќе се намали за најмалку 30 отсто
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска официјално го означи почетокот на градежните активности на булеварот Македонија, проект за кој, како што рече, со години се зборувало, но без конкретна реализација.
Ѓорѓиевски истакна дека стартува првата фаза, која треба значително да придонесе за растоварување на сообраќајот во централното градско подрачје, со проекција за намалување на сообраќајниот метеж за најмалку 30 проценти. Првата фаза, според најавите, ќе се реализира во рок од 90 дена.
Тој најави дека веќе наредната недела ќе започне тендерската постапка за втората фаза, која ќе опфати изградба на два нови кружни текови и влез во подземна сообраќајница. Целта, како што рече, е да не се губи време и втората фаза да започне веднаш по завршувањето на првата.
Во рамки на првата фаза се предвидува проширување на дел од постојните сообраќајници, уредување на просторот, изградба на нова атмосферска канализација и поставување на 60 нови шахти, со што ќе се решава и проблемот со атмосферските води во овој дел од градот. Проектот вклучува и проширување на улицата „Пролет“, нов приклучок и крак кон булеварот „Борис Трајковски“, како и проширување и нов крак кон улицата „11 Октомври“.
Ѓорѓиевски изрази уверување дека по истекот на 90 дена ќе биде пресечена лентата за завршување на првата фаза и нагласи дека до крајот на неговиот мандат ќе вложи максимални напори, заедно со својот тим, целата сообраќајница со должина од околу два километри целосно да биде завршена. Проектот, според него, претставува еден од најзначајните за главниот град и дел од ветувањата дадени пред граѓаните.
На крајот, градоначалникот со симболична забелешка посочи дека речиси секој значаен проект што го започнуваат заедно со претседателот на Владата е проследен со дожд, што, како што рече, го доживува како добар знак и бериќет за брза и успешна реализација на градежните активности.

